7 места во Виборг кои морате да ги посетите (ФОТО)

Сергеј Ленски/Getty Images
Виборг е еден од ретките руски градови со меѓународна историја. Имено, од 1293 до 1710 година ѝ припаѓаше на Шведска. За време на Северната војна (1700-1721) стана дел од Руската империја. По револуцијата во 1917 година па сé до 1940-тите се наоѓаше во состав на независна Финска, а во 1944 година му припадна на Советскиот Сојуз.

Главните знаменитости на Виборг укажуваат на долготрајното присуство на Финците, кои сé до 1940 година ја сочинуваа основата на населението на градот.

1. Стариот град

Историскиот центар на Виборг го сочинуваат зданија од различни епохи. Најживописни се градбите малку помлади од епохата на доцниот Среден век, кои потсетуваат на мали тврдини.

Куќата на трговскиот еснаф на Светиот Дух

Тоа се Куќата на трговскиот еснаф на Светиот Дух (XIV век), Витешкиот дом (почеток на XVII век) и Куќата на граѓанинот (XVI—XVII век) во која е сместен туристички информативен центар.

Витешкиот дом

Куќата на граѓанинот

На бројот 13 во улицата „Крепостнаја“ се наоѓа куќа која се смета за најстарата станбена градба во Русија. Во оваа еднокатница која потекнува од XVI век и ден-денес живеат луѓе.

Најстарата станбена зграда во Русија

Доминантна карактеристика на стариот град е Саат-кулата. Нејзините темели биле удрени кон крајот на XV век, меѓутоа неколку пати била обновувана поради бројни пожари. Денешниот изглед го добила на крајот на XVIII век и извесно време служела како противпожарна набљудувачница.

Саат-кулата

Од кулата може да се видат урнатините на Старата катедрала, уништена во 1939 година за време на Советско-финската војна.

Кулата на Ратуша (градското собрание) во улицата „Виборшка“ е изградена во втората половина на XV век. Некогаш била дел од одбранбените ѕидини на градот, потоа арсенал, па камбанарија на доминиканскиот манастир.

Кулата на Ратуша

На Пазарскиот плоштад е сочувана Кружната кула, подагната кон средината на XVI век. Денес во неа има ресторан.

Кружната кула

2. Виборшкиот замок

Тоа е вистинска средновековна тврдина, која кон крајот на XIII век ја основале Швеѓаните. Нејзин симбол е кулата „Свети Олаф“ висока 75 метри.

Замокот

На малиот остров биле сместени магацин, затвор, арсенал, станбени и помошни објекти, штали и визби. Замокот го задржа своето воено значење до 1964 година, кога Министерството за одбрана на СССР го даде за да се формира музеј.

3. Финскиот национален романтизам

Обожавателите на архитектурата ќе забележат на улиците на градот голем број градби во стилот на северниот арт нуво, кој доминирал во изградбата на градот од крајот на XIX век практично сé до револуцијата во 1917 година.

Највпечатливи примери се пазарот и градбите на Проспект „Ленин“. Освен во Виборг, во Русија овој стил е масовно застапен и во Санкт Петербург.

4. Библиотеката на Алвар Алто

Единствената градба на познатиот фински архитект во Русија е изградена во 1933-1935 година во стилот на модернизмот.

Библиотеката на Алвар Алто

Во неа се наоѓа голема читална со кружни тавански прозорци и сала за концерти и предавања со брановиден дрвен таван и панорамски прозорци.

Библиотеката на Алвар Алто

Објектот е реновиран во 2013 година и речиси целосно му е вратен првобитниот изглед. Библиотеката можете да ја посетите како дел од организирана екскурзија или ако дојдете на бесплатно предавање, изложба или концерт.

Библиотеката на Алвар Алто

5. Паркот Монрепо

Архитектонско-парковиот ансамбл и карпестиот пејзажен парк во негова близина од XVIII-XIX век се наоѓаат подалеку од историскиот центар на градот.

Монрепо

Станува збор за поранешниот имот на претседателот на санктпетербуршката Академија на науките Лудвиг Николаи. Овде можете да се прошетате по добро уредените патеки и речиси недопрениот шумски дел на паркот, да се повозите со бротче по заливот и да се качувате по карпите.

Монрепо

6. Бастионот Панцерлакс

Поранешниот бастион на тврдината е еден од најдобрите видиковци во градот. Нуди поглед на Јужното пристаниште, пристаништето и покривите на старите згради.

Исто така, Панцерлакс послужил како основа за две згради подигнати во 1930 година во стилот на модернизмот. Денеска во едната е сместена филијалата на Ермитаж, а другата е детско уметничко училиште. А во казаматите и барутницата на бастионот се сместени археолошки поставки.

7. Пејачко поле

Просторот за хорски фестивали на отворено е создаден во 1932 година на територијата на поранешните Источновиборшки утврдувања (од педесеттите години на XX век тука има градски парк). Сцената на неколку нивоа направена од гранитни блокови потсетува на грчките амфитеатри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња