За час и половина пристигнав од Санкт Петербург на главната железничка станица во Виборг, средновековен град со 74000 жители. Станицата е слична како и во многу други градови во Русија - изградена е во стилот ампир, типичен за ерата на Сталин и е во голем контраст со богатата архитектонска разновидност што нè обзема веднаш штом направиме неколку чекори во која било насока.
Ноќта веќе падна додека талкав наоколу барајќи го нашиот хостел. Ги прашав мештаните да ми го покажат патот, дури и келнерката во стариот трамвај кој е претворен во кафуле. Во полутемнината забележав дека некои од зградите се направени во изразено еклектичен стил.
Моето набљудување го потврди една жена која љубезно се понуди да ме придружува до одредиштето. Таа вели дека се започнати многу проекти поврзани со реконструкцијата на градот, и дека подоцна ќе се уверам во тоа.
Хостелот беше полн со работници ангажирани на различни објекти кои се реставрираат. Штом се разбудив утрото, тргнав во истражување на градот и пред сé кон замокот, неговите најважни знаменитости.
Замокот го изградиле Швеѓаните на островче во Финскиот залив. Тоа било 1293 година, за време на нивната трета крстоносна војна против паганското племе Карели, по што тие неколку векови владееле со регионот. Овој замок долго време долго време ја имал највисоката кула во цела Скандинавија.
Очигледно е влијанието на северните земји врз архитектурата и културата на Виборг. Не е ни чудо, бидејќи градот бил под шведска контрола повеќе од 400 години, а во 1710 година повторно ѝ припаднал на Русија, а во 1917 година бил припоен кон Финска. Дури по завршувањето на Советско-финската војна (1939-1940) конечно му припадна на СССР.
Виборг долго време беше космополитски град населен со заедници на Швеѓани, Финци, Руси и Германци. И денес на улиците на овој град можете да слушнете разговор на фински и да видите натписи на фински, па дури и викиншки бродови покрај пристаништето.
Таа разноликост се одразува и во верската архитектура, бидејќи во градот има православни и протестантски цркви.
Благодарение на таквото наследство Виборг може да се пофали со несекојдневна комбинација на различни стилови во кои посетителот може да ужива додека шета по плоштадите и улиците, од кои многу сé уште имаат калдрма.
Градот инаку е совршен за пешачење - има многу паркови и зелени површини. Има дури и филијала на музејот „Ермитаж“, опкружена со алеи со поглед на пристаништето и елегантни статуи во антички стил.
Скулптурата со која особено се гордеат граѓаните на Виборг е статуата на Торкел Кнутсон, регентот на Шведска од 1290 до 1303 година, на живописниот плоштад неколку метри од замокот. Пред неа наидов на осумдесетгодишен старец кој ми раскажа дека тука живее од детството и ми понуди екскурзија на фински јазик, за кој рече дека го знае подобро од руски.
Едно од најважните места во Виборг е Пазарниот плоштад, над кој величествено се издига Тркалезната кула. Изградена е кон крајот на 1550-тите по наредба на шведскиот крал Густав I Васа и првично имал воена намена. Сега во неа има ресторан.
Задолжително посетете ги трговските сали на крајот на Пазарниот плоштад, бидејќи тие се многу типични за денешна Русија. На тезгите е натрупана секаква храна и продавачите ви дозволуваат да пробате што сакате, за некако да го соблазнат вашето чувство за вкус.
Пазарниот плоштад е раскрсница на големите градски улици, каде што можете да најдете бројни средновековни алеи кои во себе кријат мноштво изненадувања.
Иако бев навреме предупреден, сепак се изненадив кога видов дека многу згради се опкружени со скелиња или, за жал, се препуштени на забот на времето. Некои се оштетени во војната, други беа изгорени, а трети се едноставно запоставени.
Се преземаат напори за зачувување на богатото наследство на Виборг, како што е, на пример, Домот на трговскиот еснаф, кој се смета за најстар објект во градот (XIV век) и кој повторно „оживеа“, но од друга страна, многу згради сé уште чекаат на ред да бидат реновирани, пред да биде предоцна.
Несомнено е дека Виборг, како раскрсница на словенскиот и скандинавскиот свет, е едно од оние места кои тешко може да се дефинираат бидејќи имаат мноштво идентитети без јасна граница меѓу нив. Впуштањето во оваа историска авантура ќе израдува многу посетители. Тешко дека ќе можат да се одлучат која земја да ја испитаат подобро и во која историска епоха да се „нурнат“. Виборг остава впечаток на град надвор од времето и просторот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче