Под оган од море и од воздух: Како трговските бродови на САД испорачувале помош на СССР преку Арктик

Бродoт „Корнелиус Харнет“, Newport News, јуни 1945.

Бродoт „Корнелиус Харнет“, Newport News, јуни 1945.

Library of Virginia
Храброто ангажирање на британската и на американската морнарица во снабдувањето на советската армија е исклучителен пример на соработка помеѓу СССР и Западот во заедничката борба против нацистите. Russia Beyond објавува одломка од неодамна објавените мемоари.

Премиерот на Велика Британија Винстон Черчил го окарактеризира тоа како „најлошото патување на светот“. Морнари во речиси 80 конвои од август 1942 до мај 1945 година ги ризикуваа животите за да му помогнат на советскиот народ. Херман Мелтон, американски учесник во настаните кои однесоа многу животи на замрзнатиот Арктик, објави мемоари за овој страшен период во книгата „Војна за слобода: Мемоари на еден инженер на трговски брод, 1942-1945“.

Мелтон пишува дека како питомец на американската Академија на трговската флота е испратен на бродот од класата Liberty „Корнелиус Харнет“. Тој го опишува секојдневниот живот на екипажот и деновите поминати на пристаништето во Мурманск. Изнесува и определени недоволно познати факти за конвојот.

Херман Мелтон, јули 1943

***

Андерсон [главниот инженер] ми помогна да ја сфатам сета сериозност на нашето патување. Во тој момент СССР во војната беше притиснат до ѕид. И Ленинград и Сталинград беа во обрачот на германската армија. Испораката на стока во Мурманск беше од витална важност за опстанокот на Русија. Без сојузничките бродови натоварени со производи од американската индустрија, Советскиот Сојуз не ќе можеше да се одбрани од германската инвазија. Јосиф Сталин бараше помош, а Рузвелт вршеше притисок на премиерот на Велика Британија Винстон Черчил да ги обезбедува американските трговски бродови со цел СССР и понатаму да може да војува. Ситуацијата беше толку тешка што летото 1942 година Черчил напиша писмо до Адмиралитетот дека следниот конвој ќе „биде оправдан ако половината [бродови] стасаат до одредиштето. Неуспех од наша страна во овој обид би го ослабел нашето влијание кај двата наши сојузници“.

Конвојот RA-53 испловува од Колскиот залив, 1. март 1943 година.

Бродовите беа натоварени со различни видови стока, од обувки до ловечки авиони. Оваа пловидба беше најопасната за морнарите на трговските бродови во Втората светска војна. Од 800 бродови, колку што тргнаа на пат кон Мурманск, 97 не стасаа на целта и беа вратени назад. Силните бури, мразот, мините, вооружените судири, пожарите, подморниците и Луфтвафе го сторија своето. Околу 3.000 сојузнички морнари загинаа во северните руски конвои. Постојат исклучителни сведоштва од војната кои покажуваат колку беше грандиозна нашата поддршка за Советскиот Сојуз во овие пловидби за Мурманск.

Бродовите од северните руски конвои превезоа 3.9 милиони тони материјал од сојузничките земји во Советскиот Сојуз. Речиси една четвртина од вкупната американска помош за Советите е превезена низ тесните премини во арктичките конвои. Пред завршувањето на војната Америка му испорача на Советскиот Сојуз 14.795 авиони, 7.537 тенкови, 471.257 камиони, џипови, трактори и мотоцикли, 11.155 вагони и 1.981 локомотива. „Бродот „Корнелиус Харнет“ превезуваше парна локомотива со цел таа да се искористи за испорака на воена техника од Мурманск на фронтот. Потребата за парна локомотива беше толку голема што и други два брода во конвојот (еден од нив беше „Николас Гилман“) исто така носеше парни локомотиви со надеж дека барем една од нив ќе стаса на целта.

Картата на Џошуа Смит.

Конвоите во Северна Русија превезоа и 345.000 тони муниција и експлозив. И ние на „Харнет“ имавме експлозив под палубата, така што нашиот ризик беше многу голем. Ништо не останува од таков брод по детонацијата на експлозив ако го погоди торпедо. Ова го сфатив кога бев на Филипини во 1944 година.

Колку што се зголемуваше опасноста, толку повеќе наоѓав прибежиште од стравот во учењето. Тоа ми помогна барем накусо да не мислам на опасностите со кои сум соочен. Се разбира, имаше и спокојни моменти. И покрај студенилото од кое ти замрзнува крвта во вените, додека стражарев на палубата често бев воодушевен од поларната светлина која се преливаше во сите бои на виножитото. Набргу потоа „Харнет“ запозна и друг вид огномет.

<…>

За време на моето последно излегување на копно во Мурманск на 27 февруари бев сведок на разорен напад на германската „штука“ на трговскиот брод „El Oriente“. Никој немаше покрај мене, а јас морав да минам низ многубројните капии за да го напуштам пристаништето. На секоја стоеше жена со пушка и бајонет, и се чинеше дека секоја од нив на англиски знае само една фраза: „Вашата пропусница, другар!“. Кога минав низ последната капија наидов на градски улици и стасав до нагорнини над пристаништето. Додека го набљудував пристаништето слушнав застрашувачко брмчење на германска „штука“ која пикираше од мојата лева страна Бомбата ја погоди командната кабина на бродот „El Oriente“, го онеспособи и уби четири припадници на вооружената гарда. Се тресев од страв зашто „El Oriente“ стоеше на истото пристаниште со „Харнет“. Бродот, сепак, беше некако поправен навреме, така што му се придружи на нашиот конвој кој отплови три дена подоцна.

Напад на германската „штука“ на конвој на мурманското пристаниште.

Џејмс Харкус на британскиот трговски брод „Океан на вербата“ исто така во својот дневник го споменува бомбардирањето на бродот „El Oriente“., нарекувајќи го „Лорентис“.

Сабота, 27

Денес беше прекрасен сончев ден. Беше тивко кога слушнавме брмчење на авион. Една бомба падна во наша близина од десната страна, а друга на бродот кој во четвртокот го оставивме на пристаништето. Некои момчиња ни рекоа дека овој брод кој стоеше на нашето место е „Панамски Лорентис“. Погоден е во крмата. Велат дека неколку луѓе загинале.

Подоцна, кога „Олеан на вербата“ беше префрлен во друго пристаниште, Харкус ни раскажа како четири германски авиони го нападнале Мурманск, фрлајќи мини во реката, поради што пристаништето беше затворено додека миноловците не го исчистија каналот.

Урнатини на Мурманск по Втората светска војна.

Мурманск беше полн со жени кои работеа на натоварување и истоварување на овие бродови. Работеа 24 часа на ден. Не се дружеа со нас, ниту реагираа на изразите на наклоност. Како, впрочем, и оние малкумина мажи што ги сретнавме. Сите здрави луѓе беа на фронт.

Верувам дека многумина руски работници беа политички затвореници, дека се принудени на ропска работа и дека гладуваат. Подоцна ја слушнав приказната за истоварот на стока од „Харнет“ каде е споменат работник кој е фатен како јаде месо од конзерва која се отворила кога еден дел од товарот паднал на земја. Кога гладниот работник се обидел да ја предаде содржината од конзервата, чуварот го убил на лице место. Ваквите приказни во голема мера придонесуваа за мрачната атмосфера што се чувствуваше во Мурманск.

Церемонијата на наградување, Амбасадата на Руската Федерација во Вашингтон, Колумбија, 8 декември 1992.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња