Како изгледа најстарата станбена зграда во Русија (ФОТОГРАФИИ)

Владимир Панкратов (CC BY-SA 4.0)
Оваа уникатна куќа неколку пати се „селеше“ од една држава во друга. Се наоѓаше на територијата на шведското кралство, потоа на Руската империја, на Република Финска, на Советскиот Сојуз и денес е на територијата на Руската Федерација.

Мрачното здание е изградено во готски стил, со моќни ѕидови од огромни, малку обработени големи гранитни камења. Најстарата станбена зграда во Русија се наоѓа во градот Виборг на улицата „Крепостнаја“ бр. 13-А.

„Граѓански дом“ 1930-1939. Најстарата станбена зграда во Русија, XVI век. Виборг.

Се претпоставува дека оваа куќа на кат со површина од 70 квадратни метри била изградена во 1583 година, кога градот му припаѓал на шведското кралство. Виборг се наоѓал „опасно“ блиску до границата со руската држава, па Швеѓаните го третирале како многу важно истурено упориште на исток, така што дури и станбените куќи овде често биле градени како мали утврдувања.

Во случај на упад на непријателска војска, сопственикот на куќата лесно можел да го скрие своето семејство зад сигурните ѕидови дебели еден метар и да отвора оган врз непријателот од прозорците кои тогаш биле многу потесни од денешните и всушност имале улога на пушкарници.

Во текот на следните векови Виборг бил обновуван во повеќе наврати, биле подигнати помодерни згради, а старата куќа не се вклопувала во новиот план на улиците, па затоа сега е несмасно стисната меѓу поновите згради.

„Граѓанскиот дом“ отсекогаш служел како обична куќа за живеење. Меѓутоа, постојат претпоставки дека во XVII век тука се наоѓала првата градска печатница, а дека во XVIII век рускиот император Петар I го користел објектот како своја резиденција и во неа престојувал за време на посетата на градот.

Зданието се наоѓа на списокот на најважните објекти на националното културно наследство, но во него и денес живеат луѓе. Приземјето и катот служат како еден стан, а вториот стан е во делот од тули кој е доѕидан многу подоцна.

Најстарата станбена зграда во Виборг ѕидана од големи гранитни камења, XVI век.

Денеска во „Граѓанскиот дом“ останале малку нешта од некогашниот оригинал. Одамна е воведена струја, вода, парно и канализација. Внатрешноста е преуредена во современ стил. Единствено на прастарите времиња потсетува само стариот подрум кој има посебен влез од улицата, како и дебелите ѕидови кои обезбедуваат целосна звучна изолација.

Најстарата куќа во Русија е на продажба од 2019 година. Првично беше проценета на 11 милиони рубли (180 илјади долари), а подоцна цената беше спуштена на 8,5 милиони рубли (140 илјади долари). Не е познато дали во меѓувреме се појавил некој „вистински љубител на историјата“ со полн паричник.

Средновековната зграда во улицата „Крепостнаја“ бр. 13а.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња