Руски медиум ексклузивно прикажа досега невидени кадри со ракетниот систем С-350 „Витез“ (ВИДЕО)

Самоодна лансирна единица на ракетниот ПВО-систем С-350 „Витез“

Самоодна лансирна единица на ракетниот ПВО-систем С-350 „Витез“

Youtube

Во специјализираната воена емисија „Пријомка“ што се прикажува на телеканалот „Ѕвезда“, обработена е темата на подготовка на „ракеташите“ на новите ПВО-системи С-350 „Витез“, кој се наоѓа во вооружувањето на Центарот за обука на специјалисти на ракетни системи за ПВО во Гатчина. Токму овој центар го доби најновиот „бисер“ на руската воена индустрија и во моментов е единствениот кој го поседува во руската армија.

Во рамките на комплексот се наоѓа машина за борбено управување (МБУ), пасивна радарска станица, две самоодни лансирни единици (ПУ), повеќенаменски радар и радар за откривање цели на големи висини.

Еден дивизион на ракетниот систем С-350 „Витез“ се состои од девет луѓе. За негово преминување од маршовска во борбена позиција се потребни само пет минути. Притоа комплетниот процес на префрлање на борбената техника се реализира со екипажот кој цело време се наоѓа во своите возила. Сега веќе нема потреба делови на ракетните екипажи да мораат да бидат надвор од возилата. Сé се управува од машините.

На видеоматеријалот целата техника од која се состои еден дивизион ракетни системи С-350 „Витез“ се наоѓа една до друга (ова е дел од дивизионот, кој во својот состав може да има и до 8 лансирни единици – заб. на прев.). Меѓутоа, во реалноста комплетната огнена позиција се формира на многу поголема површина. На пример, самоодните лансирни единици можат да се наоѓаат 5 км оддалеченост од пунктот за борбено управување, а повеќенаменската радарска станица на далечина до 2 км.

Радарската антена која е дел од повеќенаменскиот радар ротира со голема брзина и е во состојба да открие воздушни цели на растојание до 300 км. Секоја од овие машини може да следи до 8 цели и да наведува врз нив 16 ракети. Станицата работи во сантиметарски дијапазон, што ѝ овозможува мошне сигурно да открие и позиционира воздушни цели со исклучително мала рефлексија како што се крстосувачките ракети.

Нејзе ѝ помага пасивниот радар. Неговата антена се наоѓа на склоплива кула што ја крева хидраулична дигалка. Оваа антена е во состојба да го открие изворот на електронските пречки и да ја одреди неговата точна локација. Доколку во борбата непријателот се обиде да го „попречи“ ПВО-системот С-350 „Витез“, пасивната радарска станица веднаш го „впива“ сигналот, како и изворот од каде што дошол и изведува врз него контраудар со голем број ракети.

Во специјализираната емисија на ТВ-каналот „Ѕвезда“ е прикажана и внатрешноста на самоодниот пункт за борбено управување со формација со јачина на дивизион. Се работи за „мозокот“ на целиот систем. Како што забележува водителот на оваа емисија, за разлика од сличниот пункт што се наоѓа во состав на дивизион С-400 „Триумф“, овој е значително попростран и попрегледен. Неговиот екипаж се состои од тројца војници. Пред централниот монитор се наоѓа командирот на ракетниот дивизион. Десно од него седи операторот за управување кој раководи со радарската компонента на дивизионот, додека лево од него се наоѓа операторот кој управува со лансирните борбени единици во рамките на дивизионот и врши лансирање на ракетите.

Во емисијата е прикажан и сегмент на вежба која предвидува одбрана од масовен удар на потенцијалниот непријател (тнр. „Напад во вид на ѕвезда“). Притоа непријателот изведува напад со голем број наведувано воздухопловно оружје од класата „воздух-земја“, практично од сите правци. Операторите притоа мораат да детектираат и пресретнат 24 опасни цели. Тоа првенствено беа имитации на борбени авиони F-16 кои се наоѓаат на висина од 5000 метри. Електронските лансирања поминаа успешно. Сите цели беа уништени.

Тука е важно да се истакне дека ако непријателскиот авион успее со благовремено влегување во остар маневар да ја избегне првата ракета, веднаш по неа стигнува и втората, која гарантирано ја уништува својата цел. Притоа целиот комплекс работи во автоматски режим и самиот избира колку ракети му се потребни за секоја од „зафатените“ цели. Од моментот на детекција на целта до неговото уништување во просек е потребно да поминат максимално 20 секунди.

Многу е важно да се напомене дека командниот пункт може функционално да се поврзе со ракетните системи со голем и мал дострел С-400„Триумф“ и „Панцир-С1“. Уште еден важен елемент на ракетниот систем С-350 „Витез“ е способноста за обединување на неколку видови различни ПВО-системи во еден единствен систем кој е поставен по длабочината на фронтот во вид на ешалонирана одбрана.

С-350 „Витeз“ претставува ракетен систем со среден дострел и спаѓа во орудијата од нова генерација. Развиен е од познатиот концерн „Алмаз-Антеј“. Се употребува за борба против широк спектар воздушни објекти на далечини до 60 км. Притоа ракетата може да собори цел која се движи на висина до 30 км. Системот може подеднакво ефикасно да се употреби против аеродинамични, но и балистички цели. Една лансирна единица на ракетниот систем С-350 „Витeз“ е вооружена со 12 ракети (9М100 и 9М96) со мал и среден дострел. Треба да се напомне дека руските конструктори за овој систем ја развија и ракетата 9М96Е2 која има двојно поголем дострел во далечина од стандардните ракети. Нејзиниот максимален дострел изнесува 120 км. Во план е овој систем да ги замени основните верзии на системите БУК и С-300 кои се наоѓаат во вооружувањето на руската армија.

Руските Воздушно-космички сили во периодот од 2021-2027 година ќе примат 12 дивизиони на новиот ракетен ПВО-систем С-350 „Витез“. Вакви проекции изнесе началникот на руската Воена академија „Г. К. Жуков“ на која се школуваат офицерите на ВКС генерал-потполковник Владимир Лјапоров. Околу 12 дивизиони ќе бидат распоредени во пет ракетни полкови за противвоздухопловна одбрана во различни воени окрузи.  

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња