Објавени кадри од склопувањето на првиот сериски ловец Су-57 (ВИДЕО)

Скриншот
Се очекува првиот оперативен примерок на новиот ловец од петтата генерација Су-57 да влезе во вооружувањето на руската армија до крајот на оваа година. До крајот на 2028 година се очекува комплетно да се вооружат три ловечки авијациски полкови со новите летала. Паралелно со сериското производство на авионите за потребите на руското воздухопловство, ќе се одвива и склопување на извозната верзија Су-57Э, за чија набавка се заинтересирани голем број земји.

Видеоматеријалот од кој се гледа комплетирањето на првиот сериски ловец од петтата генерација Су-57 кој ќе влезе во вооружувањето на руската армија е објавен на на сајтот на ТВ “Ѕвезда“. Кадрите се направени во воздухопловната фабрика „Гагарин“ во градот Комсомолск на Амур.

„Ова е многу важен настан за руската армија. Станува збор за склопување на првиот сериски ловец Су-57. Нема сомнение дека руската армија веќе годинава ќе го добие својот прв оперативен примерок на ова летало. Следната година ќе произведеме уште еден авион, а во наредните години доаѓа значително зголемување на неговото производство“, рече заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација Алексеј Криворучко. Тој прецизираше дека сериското производство на новите летала ќе биде усогласено со условите на потпишаниот договор, со кој се предвидува набавка на повеќе од 70 ловци од петтата генерација Су-57 за потребите на руската армија до крајот на 2028 година. Во оваа временска рамка, три ловечки воздухопловни полкови ќе бидат целосно вооружени со новите летала, пренесува интернет-порталот РГ.

Покрај сериското производство наменето за потребите на руската авијација, се планира и производство на извозна верзија на леталото која ќе ја носи ознаката Су-57Э. Голем интерес за набавка на рускиот ловец од петтата генерација имаат Алжир, Виетнам, Индија, Кина, Турција и Мјанмар.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација што го имаат развиени воздухопловните инженери на ОКБ Сухој. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи што можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат кривни борбени дејствија, уништување на најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и за надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командна инфраструктура на непријателот итн.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња