Првиот секретар на Закавкаскиот областен комитет на Сесојузната комунистичка партија на болшевиците Лаврентиј Павлович Берија со ќерката на Сталин Светлана.
Public domainИсто како и Сталин, Лаврентиј Берија (1899-1953) е роден и израснат во Грузија. По етничка припадност бил Мингрелиец (мала нација многу блиска до Грузините). Во текот на Руската граѓанска војна (1918-1921) се занимавал со шпионажа и организирал тајни акции на болшевиците во соседен Азербејџан. Подоцна се вратил во Грузија за да работи во советската тајна полиција позната под називот „Чека“.
Во Грузија Берија направил успешна кариера. Дошол на чело на републиката во текот на триесеттите години од минатиот век кога Сталин се ослободил од старите грузиски комунисти. „Берија не се придржувал до никакви принципи, секогаш бил подготвен да се откаже од идеологијата или од личните врски, а тоа му се допаѓало на Сталин“, пишува историчарот Лев Лурје.
Освен тоа, Берија бил навистина добар организатор. „Додека владеел во Грузија оваа република станала главен извозник на чај, грозје и агруми на сите подрачја во СССР. Пред Берија оваа република била меѓу најсиромашните, а во негово време станала и една од најуспешните“, истакнува Лурје.
Берија воспоставил одлични лични односи со Сталин кој често го поминувал својот одмор во Грузија. Тоа му помогнало да биде еден од двајцата раководители на советските републики (а ги имаше 15) кои ја преживеале чистката од 1937 година. Згора на тоа, Сталин го повикал Берија во Москва и го поставил за шеф на озлогласената тајна полиција, односно на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД).
Лаврентиј Берија и Николај Ежов меѓу делегатите на 17 конгрес на Сесојузната комунистичка партија пред Закавкаските републики. Москва.
Public domainВо Русија вообичаено е Берија да се доведува во врска со масовните репресии зашто во времето на Сталин најдолго време бил на чело на НКВД. Но, вистината е дека во екот на теророт 1937-1938 со тајната полиција раководел Николај Ежов, претходникот на Берија. Сталин и го поставил Берија на чело на НКВД за на тој начин да ги намали размерите на оваа голема чистка.
„Сталин бил суров, но паметен човек. Тој сфатил дека доколку продолжат репресиите тоа ќе доведе до крах на неговата власт“, пишува во своите мемоари синот на Лаврентиј Сергеј Берија. „Му беше потребен некој друг [а, не Ежов] за да го постави за раководител на НКВД“. Објективноста на Сергеј може да се доведе во прашање, но факт е дека неговиот татко го ублажил насилството. Имено, во 1938 година (последната година кога Ежов управувал со НКВД) во СССР на смрт се осудени 328.000 луѓе, додека во 1939 година (кога Берија раководел со тајната полиција) смртна казна е изречена во 2.600 случаи.
Секако, тоа не значи дека Берија бил либерал со меко срце. Како и сите соборци на Сталин, тој секогаш бил подготвен да пролие туѓа крв, ако така биде наредено. Берија, на пример, бил на чело на тајната полиција кога НКВД осудил на смрт 14.500 воени заробеници од Полска (познатиот Катињски масакр).
Нуклеарна печурка од експлозијата на бомба РДС-1 на 29 август 1949 година.
Музеј на нуклеарното оружје на Рускиот федерален нуклеарен центар – Серуски научно-истражувачки институт за експериментална физика.Сталин толку многу ги ценел организаторските способности на Берија што му го доверил производството на оружје, на авиони и авионски мотори за време на Втората светска војна, а тоа претставувало дополнителна обврска во државната безбедност која подразбирала координација на работата на разузнавачите и депортација на етничките групи (Чечени, Кримски Татари итн.) кои биле обвинети за соработка со Германците.
По завршувањето на војната Советскиот Сојуз се соочил со нови предизвици. Започнала трката за нуклеарно вооружување, со тоа што Вашингтон бил чекор пред Москва. Сталин не се двоумел околу изборот на раководителот на советскиот нуклеарен проект – го поставил Берија на чело на специјалниот комитет за создавање нуклеарно оружје во најкус можен рок.
Немилосрдниот министер од 1945 до 1949 година им обезбедувал на советските научници сè што им било потребно. Инженерот Нинељ Епатова, која работела на нуклеарниот проект и периодично се гледала со Берија, пишува: „Во тој период Берија секогаш изгледаше исцрпено... Очите му беа црвени, имаше подочници... Се чинеше дека не го интересира ништо, освен работата“.
Оваа работа целосно го окупирала Берија. Историчарот Олег Хлевњук пишува: „Пробата на советското нуклеарно оружје ќе биде неговиот триумф или, во случај на неуспех, крај на неговата кариера, а можеби и ќе плати со животот“. За среќа, тестирањето поминало успешно и СССР во 1949 година стана нуклеарна сила, а Берија придонесе за тоа.
Лаврентиј Павлович Берија (1899-1953), народен комесар за внатрешни работи на Грузиската Советска Социјалистичка Република.
Sputnik„Сталин имал голема доверба во Берија. Тој бил единствениот висок функционер на Комунистичката партија кој не живеел во стан, ами во своја сопственост имал вила во Москва“, вели Лурје. Денес во таа вила на улицата Малаја Никитскаја во центарот на Москва е сместена амбасадата на Тунис. Се зборува дека во зградата има духови.
За Берија се поврзани многу мрачни гласови. Наводно, тој бил сексуален манијак – му носеле млади девојки, а тој ги силувал и потоа (понекогаш) ги убивал, а обезбедувањето било задолжено за криење на телото. Секако, не постојат апсолутно никакви докази кои би ја потврдиле оваа урбана легенда. Поголемиот број историчари сметаат дека појавувањето на ваквите гласови е условено од лошата посмртна репутација на Берија.
Докажано е само дека Берија покрај својата сопруга имал и „неофицијална“ миленичка – Валентина Дроздова, 16-годишна ученичка со која се запознал во 1949 година. Нивната врска траела сè до смртта на Берија во 1953 година. Подоцна Дроздова тврдела дека Берија ја силувал, но не може со сигурност да се каже дека навистина било така или дека на тој начин таа сакала да се дистанцира од Берија.
Георгиј Маленков и Лаврентиј Берија на трибината на Мавзолејот на Ленин.
Getty ImagesПо смртта на Сталин на 5 март 1953 година Берија станал еден од највлијателните луѓе во СССР. Формирал „триумвират“ заедно со двајцата лидери – Никита Хрушчов и Георгиј Маленков. Во тој „колективен владејачки“ систем Берија бил одговорен за државната безбедност, поради што Хрушчов и Маленков се плашеле од него, особено, имајќи ја предвид неговата мрачна репутација. Се плашеле од евентуална завера на Берија против нив.
Затоа решиле први да го зададат ударот. Берија во јуни 1953 година е уапсен и осуден како организатор на репресиите и како британски шпион (фабрикувано обвинение). Истата година е погубен. Лаврентиј Берија бил единствениот шеф на тајната полиција на Сталин кој го има надживеано својот шеф, но не долго.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче