Калининградската групација на руската армија засилена со нови ракетни ПВО-системи

Виталиј В. Кузмин
По успешното боево гаѓање реализирано на воениот полигон „Капустин Јар“ во Астраханската област, поголемиот број ракетни единици 9К332 „Тор-М2“ со нивните придружни елементи беа префрлени во Калининградската област. Овие системи ќе ги заменат основните верзии на системот „Тор“ и значително ќе ја засилат ешалонираната ПВО одбрана околу системите со долг дострел С-400 „Триумф“ кои ги покриваат сите воздушни коридори околу Калининградската област.

Единиците на противвоздухопловниот ракетен полк во Калининградската област започнаа со усвојување на новите системи за ПВО со краток дострел „Тор-М2“, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Во 2019 година, ракетниот полк беше вооружен со најновата модификација на ПВО-комплексот со краток дострел „Тор-М2“, кој ги замени постарите верзии на овој систем“, се вели во соопштението на руското министерство, пренесува интернет-порталот „Интерфакс“.

Според податоците кои доаѓаат од официјални извори, ракетните состави опремени со новите средства овој месец го реализирале првото боево гаѓање на воениот полигон „Капустин Јар“ во Астраханската област, каде успешно ги погодиле сите цели. Информативната служба на Балтичката флота потоа објави дека по успешно завршената вежба новите „Торови“ се префрлени во Калининградската област.

Противвоздушниот ракетен комплекс 9К332 „Тор-М2“ е ефикасен против авиони, хеликоптери, беспилотни летала, и посебно, високопрецизни наведувани бомби и ракети. Претставува комплекс со мал дострел (во далечина 16 км/во висина 10 км), и е идеален за заштита на оклопно-механизирани колони во марш. За разлика од претходните верзии на овој комплекс, „Тор-М2“ во својот борбен комплет има 16 ракети (претходните верзии имаа капацитет од 8 ракети). Се одликува со подвижност, кратко време на реакција по забележана цел, автоматизација на процесот при гаѓање, исклучителна ефикасност при уништување на цел спектар воздушни цели, како и висок степен на отпорност на средства за противелектронска борба.

Неговата најнова специјална верзија ја носи ознаката 9К332К „Тор-М2ДТ“. Се работи за исто така систем со мал дострел кој е специјално проектиран за сурови временски услови какви што има на северот. Се одликува со голема подвижност бидејќи е интегриран на гасенична платформа ДТ-30 која е специјално направена за непроодните терени какви што има на северот на Русија.

Како што неодамна пренесе интернет-порталот „Интерфакс“, Русија последниве години значително ја зајакна својата воена инфраструктура во Калининградската област. Така, во 2016 година стана извесно дека во состав на Балтичката флота која се наоѓа во оваа „енклава“ е формиран 11-тиот армиски корпус. Две години подоцна, овие сили беа опремени со оперативно-тактичкиот ракетен систем „Искандер-М“, кој стана дел од 152-та гардиска ракетна бригада со база во градот Черњаховск (Калининградска област). Значајно се засилени и единиците на крајбрежната одбрана, кои се опремени со исклучително ефикасните ракетни системи од класата „брег-море“ „Бал“ и „Бастион“. Покрај ударни средства во Калининград е формирана и силна ПВО/ПРО борбена група со ракетни системи со голем дострел С-400 „Триумф“.

Рускиот министер за одбрана, генерал на армија Сергеј Шојгу на почетокот на оваа година истакна дека во рамките на Балтичката флота ќе биде формиран тенковски полк и крајбрежен ракетен дивизион. Различни воени извори наведоа дека овој дивизион ќе биде опремен со ракетни системи „брег-море“ „Бал“.

Покрај конкретните системи со кои се опремени единиците на руската армија во Калининградската област, се работеше и на масовна изградба на инфраструктура. Така, воено-инженерските и градежните компании изградија низа високоотпорни воени објекти кои складираат големи количини на ракети, торпеда и артилериска муниција. Изграден е и нов аеродром за потребите на воздухопловството на Балтичката флота.

Балтичката флота (БФ) претставува здружена оперативно-стратешка борбена групација на руската воена морнарица во Балтичкото Море. Главните бази на БФ се наоѓаат во градовите Балтијск во Калининградската област и градот Кронштат во Ленинградската област. Во последните неколку години е забележително битно осовременување на оваа флота со нови бродови, опремени со крстосувачки ракети со голем дострел „Калибар“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња