Руските инженери проектираат воз по технологијата МАГЛЕВ кој овозможува брзини од 500+км/ч

Целиот проект за развој на супербрз воз на себе го презедоа конструкторите на познатата корпорација МИТ на чело со академикот Јуриј Соломонов. Инаку, оваа компанија која е дел од Роскосмос е главниот проектант на интерконтиненталните балистички ракети „Топољ“, „Топољ-М“, „Јарс“ и „Булава“.

Како што пренесува Интернет-порталот на ТАСС, корпорацијата „Московски институт за термоенергетика“ (скр. МИТ, дел од Роскосмос) има развиено проект на воз кој лебди над железничката инфраструктура, поточно над шините. Со оглед на тоа што за потребите за развивање композиција со големи брзини е потребно да се намали отпорот на движењето, а истовремено да се зголеми влечната сила на моторот, инженерите пристапиле кон решавање на овој проблем. Особено внимание требало да се обрне на постојаните отпори на движење (во лежиштата, поради тркалање на погонското тркало и поради отпорот на воздухот) и на повремени отпори на движење (отпори во кривини и отпори при искачување). Отпорот на воздухот е намален со тоа што возилата се конструирани така што ќе бидат со аеродинамичен облик и со мал коефициент на триење во однос на воздухот. Решението за останатите отпори се гледа во примената на технологијата на магнетна левитација, при што не постои контакт помеѓу возот и подлогата, па со самото тоа ја нема ни силата на триење во лежиштето на тркалата и триењето поради тркалање. Покрај тоа, инженерите на МИТ отишле чекор понапред и направиле проект на воз кој ќе функционира во беспилотен режим на работа.

„Целта на овој проект е производство на композиција врз база на експериментален модел на електровоз кој ќе се употребува за проверка и за потврдување на техничките карактеристики на новите технолошки решенија, кои се поврзани со воведување на технологијата МАГЛЕВ (воз кој лебди на шините – магнетна левитација), вели рускиот академик, член на РАН Јуриј Соломонов.

Според главниот конструктор на корпорацијата МИТ, проектот претставува длабока модернизација на електровлечен транспортен систем кој е реализиран на почетокот на овој век. Возот ќе може да се движи по линиска метална конструкција во облик на профил. Тој ќе може да се движи со минимално учество на човечкиот фактор, но и во целосно беспилотен режим на работа.

„Во овој момент ги изработуваме главните делови и блокот на електронската опрема која ќе биде составен дел на макетата на електровлечниот транспортен систем. Проценуваме дека до септември оваа година ќе започнат практичните тестирања“, вели Соломонов.

Врз основа на резултатите од овие тестирања ќе биде донесена одлука за започнување на сеопфатна работа за сериско производство на новиот тип моношински транспортен систем и негова примена во различни региони од државата.

Технологијата МАГЛЕВ

Според техничките публикации и според изворите, технологијата МАГЛЕВ подразбира движење на возот со помош на силата на електромагнетното поле. За разлика од традиционалните возови кои имаат физички контакт на тркалата со железничките шини, овој воз се наоѓа во состојба на лебдење/левитација кое е предизвикано од силното дејство на електромагнетното поле.

Инаку Московскиот институт за термоенергетика е познат по развојот на интерконтиненталните балистички ракети „Топољ“, „Топољ-М“, „Јарс“ и „Булава“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња