Руски научници патентираа свој изум за лекување на болести на мозокот со помош на музика и ласер

Сликата е симболична

Сликата е симболична

Global Look Press

За методот што го открија научниците од Универзитетот во Саратов се заинтересирани партнери од Америка и Кина, вели професорката Оксана Семјачкина Глушковска.

Научниците од рускиот Државен универзитет во Саратов патентираа метод за совладување на крвно-мозочната бариера со помош на музика и ласер, што ќе даде можност за лекување на онколошки и други болести, изјави за агенцијата ТАСС шефицата на Катедрата за физиологија на човекот и животните на Саратовскиот универзитет, доктор на биолошки науки Оксана Семјачкина Глушковска.

„Нашата научна работа над достава на препарат во мозокот со помош на музика и ласер претставува пионерски потфат. Нашето достигнување е единствено според тоа што може да се применува во лекувањето, меѓу другото, и на тумор на мозокот. Ние денес единствени во светот се занимаваме со такви истражувања, го патентиравме нашиот изум и во најскоро време планираме и да ги примениме резултатите до кои дојдовме“, рече таа.

Како што објасни Семјачкина Глушковска, методите на достава на препарат во мозокот спаѓаат во најактуелните прашања во медицината денес. Хематоенцефалната бариера претставува пречка за продирање на токсините и препаратите во мозокот, рече таа, истакнувајќи дека претходно не постоел начин за нејзино совладување.

„Ние пуштаме гласна музика и така ги иритираме клетките на хемато-енцефалната бариера. Иритираните клетки не ја држат бариерата, таа се отвора, па така со помош на ласер вршиме навигација на доставата на лекот во одредена точка во мозокот“, рече професорката.

Наведените истражувања се вршени околу три години. Според професорката на Универзитетот во Саратов, првите клинички испитувања покажале дека бариерата се отвора стопостотно, препаратите продираат во мозокот, се акумулираат и го стабилизираат растот на туморот.

Како што додаде Семјачкина Глушковска, методот кој научниците од Саратов го патентираа ги заинтересирал американските и кинеските партнери, пред сѐ затоа што е мошне едноставен и нема несакани ефекти. Како што објасни таа, музиката може да биде било која, да речеме, рок-музиката е погодна, а тие на пациентите им пуштале музика на групите „Скорпионс“ и „Рамштајн“. Јачината на звукот притоа треба да биде најмалку сто децибели. Професорката рече дека ефектот на гласна музика трае околу 40 минути и дека за тоа време треба да се дадат лековите, а тоа во таа фаза се прави интравенски.

Прочитајте повеќе: Руска компанија направи еквивалент на најскапиот лек на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња