Еве што треба да направат Македонците за да заминат во Русија

PhotoXpress
Доколку планирате да отпатувате во Русија потребно е да имате на ум некои административни работи. Russia Beyond-Македонија ви раскажува за тоа што треба да сторите пред да заминете во Руската Федерација.

Во нашата редакција често добиваме пораки со прашања во врска со патувањата во Русија. Во нив има голем број недоумици и дезинформации. Токму поради тоа решивме да ви дадеме основни информации за сето она што ви е потребно за да заминете во Руската Федерација.

Потребна ли е виза?

Да, за државјаните на Македонија кои сакаат да заминат во Руската Федерација потребна е виза. Многумина не го знаат ова и мислат дека можат да заминат без виза. Виза не е потребна само доколку имате оригинална (не копија, не скенирана!) покана за влез во Руската Федерација која е оформена во согласност со постојните руски закони. Покана за влез во Руската Федерација издава Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, Федерациската миграциска служба на Руската Федерација или нејзините територијални органи.

Во сите останати случаи потребна ви е виза која можете да ја добиете во Конзулатот на Руската Федерација во Република Македонија.

Што е потребно за да се добие виза?

За да добиете виза за Руската Федерација потребни ви се следниве документи:

1. Покана од страната што ве прима во Руската Федерација. Тоа може да биде која било организација која во соодветна писмена форма ќе достави до Конзулатот покана во која ќе ја наведе целта на вашето патување, а исто така и рокот на вашиот престој. Доколку патувате туристички ќе ви биде потребен таканаречен ваучер од хотелот во кој ќе престојувате, а исто така и копија од повратниот билет.

2. Пасош. Пасошот треба да биде валиден најмалку шест месеци пред истекувањето на визата. Исто така, треба да се уверите дека во вашиот пасош има најмалку две празни страници на кои може да се издаде визата.

3. Барање за издавање виза. Ова барање се пополнува електронски преку Интернет на специјалната страница https://visa.kdmid.ru/. Анкетата е на македонски јазик, а прашањата се концизни, така што оваа постапка нема да ви одземе повеќе од 5-10 минути.

4. Фотографија. Потребна е колор фотографија со големина 3.5 на 4.5 сантиметри. Фотографијата треба да биде на светка позадина во анфас без затемнети очила и шапка (исклучок се оние граѓани за кои тоа е дел од националната или религиската припадност).

5. Осигурување. Полисата за здравствено осигурување е задолжителна за добивање виза, освен во случаите кога барателот има активна полиса за здравствено осигурување во Руската Федерација.

Доколку ги следите овие неколку едноставни чекори нема да имате никакви проблеми со добивањето виза за Руската Федерација. Конзуларното одделение при амбасадата на Руската Федерација е отворено за прием на странки секој вторник, четврток и петок од 9 до 13 часот. Ако ви се потребни дополнителни информации, можете да контактирате со Конзулатот и преку имејл-адресите skopje@dks.ru или cons.macedonia@mid.ru. Конзуларното одделение се наоѓа во Скопје на улица Пиринска, бр. 44.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња