Руска компанија направи еквивалент на најскапиот лек на светот

Global Look Press

Според министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров, препаратот „Елизарија“ кој е создаден во Русија, е 25 отсто поевтин од оригиналниот лек.

Руска компанија направи биоеквивалент на препаратот екулизумаб кој се користи во лекувањето на ретки болести и се смета за најскапиот лек на светот. Како што велат од Одделот за односи со јавност на Министерството за индустрија и трговија на РФ, домашниот лек е 25 отсто поевтин од оригиналниот.

Според податоците на Министерството, цената на третманот со екулизумаб во странство годишно достигнува 45 милиони рубли, додека во Русија се движи од 26-27 до 35-37 милиони рубли по пациент, во зависност од тоа за која болест се користи.

Лек „Елизарија“ што го создаде руска компанија со поддршка на државата ќе биде 25 проценти поевтин од оригиналниот медикамент, се наведува во соопштението на министерството повикувајќи се на зборовите на министерот Денис Мантуров.

Благодарение на наведениот уникатен препарат кај 80 проценти од пациентите нема да има потреба за доживотна дијализа, додека во 90 отсто од случаите ги штити крвните садови од оштетување, намалувајќи го ризикот од прерана смрт за 80 отсто.

Развиван пет години со субвенции од Министерството за индустрија и трговија на РФ, рускиот препарат ќе го произведува компанијата „Генериум“ во Владимирската област. Како што се наведува во соопштението, на купување екулизумаб од американско производство само минатата година се потрошени 8,3 милијарди рубли, што претставува 35 отсто од вкупните трошоци во Русија за лекување на ретки болести.

Треба да се каже дека Русија е единствената земја во светот која успеа да организира производство на биоеквивалент на екулизумаб во полн циклус, вклучувајќи го и производството на супстанцијата.

Според министерот Мантуров, во овој момент се појавила можност монополот на американскиот производител да заврши и на сите на кои им е тоа неопходно да се обезбедат со ефикасен лек од руско производство. Како што наведе тој, во рамките на програмата за замена на увозни производи со домашни Министерството за индустрија и трговија на РФ го поддржало развојот на биоеквиваленти и за други болести чие лекување е скапо, како што се ХИВ или Гошеовата болест.

Како што се истакнува, екулизумабот кој се користи од 2011 година ја смени судбината на пациентите, го намали ризикот од смртен исход за 80 отсто и значително го подобри квалитетот на животот на заболените. Како што наведува министерството, екулизумабот се користи за лекување на пароксизмална ноќна хемоглобинурија, како и на атипичен хемолитички уремичен синдром. Се работи за болести кои не само што спаѓаат во редот на оние со најголема закана по животот, хроничните прогресивни ретки болести, кои го скратуваат животот или доведуваат до инвалидитет, туку и во болестите чие лекување спаѓа во најскапите од сите ретки болести.

Прочитајте повеќе за силата на светлината: Руски научници пронајдоа нова ефикасна метода за лекување на рак

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња