Морнаричката авијација посилна за ескадрила со суперманеварбилни ловци Су-30СМ

Су-30СМ

Су-30СМ

Сергеј Пивоваров/Sputnik
Воздухопловството на руската воена морнарица е мошне важен елемент од нејзината вкупна борбена функционалност. Со цел нејзино што поквалитетно опремување, руските воздухопловни заводи тежиштето на своето производство го насочија кон постепена обнова на нејзините воздухопловни потенцијали. Според тие планови авионите Су-30СМ и ИЛ-38Н „Новела“ ќе бидат засновани на морнаричката авијација на иднината.

Авијацијата која се наоѓа во составот на руската воена морнарица во текот на оваа година доби ескадрила борбени апарати Су-30СМ, соопшти началникот на воздухопловството на ВМС (Воено-морските сили) генерал-мајор Игор Кожин.

„Ја продолживме работата со цел превооружување на силите за оперативно-тактичка авијација со крајбрежно базирање кога станува збор за современите борбени авиони Су-30 СМ. Оваа година во вооружувањето воведовме 10 авиони. Станува збор за нашиот основен авион со кој ќе се превооружат речиси сите ескадрили на оперативно-тактичката авијација“, истакна генерал Кожин за рускиот Интернет-портал „Интерфакс“.

Тој исто така соопшти дека во моментов трае и специјално техничко тестирање на подморничките авиони Ил-38Н кои се опремени со новиот офанзивно-навигациски комплекс „Новела“. Според генералот, „овој комплекс има одлични карактеристики за понатамошна модернизација. На него се применети нови елементи кои ги унапредија неговите вкупни техничко-тактички карактеристики. Со ваков потенцијал за понатамошно унапредување, ваквиот комплекс ќе одговори на современите потреби на руската армија, која ќе го следи понатамошниот научно-технички прогрес“.

Суперманеврабилните авиони Су-30СМ ги произведе компанијата „Иркут“. Производството на овие авиони е поврзано за државната програма за опремување на руската војска со современо вооружување. Самото летало го разви „ОКБ Сухој“, а неговата линија на производство беше организирана во Иркутскиот воздухопловен завод кој е филијала на корпорацијата „Иркут“.

Су-30СМ е руски повеќенаменски суперсоничен борбен авион кој се карактеризира со врвни летно-технички карактеристики. Особено е опасен во близок воздушен бој каде за поголемиот број свои странски конкуренти е недопирлив благодарение на исклучителните маневарски способности. Покрај тоа, овој авион е опремен и со радарска станица со зголемени способности, со мотори за управувачки векторски потисок и двојка напредни хоризонтални крила кои му даваат навистина импресивни летни способности. Овој авион е способен да носи широка палета современо вооружување од класата „воздух-воздух“ и „воздух-земја“. Благодарение на оваа универзалност, овој авион може да се употребува и како школско-борбено летало за обука на млади пилоти на суперсонични авиони зашто станува збор за двосед. Су-30СМ претставува усовршена верзија на ловец кој е направен врз база на Су-30МКИ. Авионот е специјално адаптиран за потребите на морнаричката авијација каде неговата комплетна авионика и останатите помошни системи се споени со средствата кои ги употребува овој вид на руската армија.

Ил-38Н

Ул-38 е воена верзија на патничкиот авион Ил-18 кој својот прв лет го изведе уште во далечната 1961 година. Тој тогаш беше опремен со нишанско-навигацискиот систем „Беркут“. Главната задача на авионот Ил-38 е патролирање над територијалните води по должината на рускиот брег во потрага по противнички подморници. Според идејата на неговите конструктори, овој авион имаше можност да открие непријателска подводна цел и да ја уништи со употреба на торпедно вооружување. Но, уште тогаш беа воочени сериозни недостатоци кај нишанско-навигацискиот систем „Беркут“ кој беше оспособен само за потрага на подморници.

Понатамошната судбина на авионот зависеше од пакетите модернизација. Конечно, на почетокот на новиот век беше претставена длабокомодернизирана верзија на авионот Ил-38Н „Новела“ која по комплексните технички тестирања влезе во вооружувањето на руската армија (од 2005 година). Таа се состои од интеграција на сосема нов нападно-навигациски систем „Новела“. Според конструкторот, системот „Новела“ може да открие воздушни цели на растојание до 90 километри, а надводни до 320 километри. Притоа системот истовремено следи 32 цели кои се наоѓаат над и под вода. Се користи за вршење радарски мониторинг во три зони (подводна, површинска и воздушна), како и за насочување на личното вооружување, но и на останатите воздушно-поморски сили кон целта. Системот обединува дигитален компјутер со пунктови за управување за двајца оператери. Пунктовите се опремени со ЛЦД-индикатори, а пунктот на командирот е снабден со голем монитор. Еден модернизиран авион може да извршува задачи на површина која е четирикратно поголема од претходниот оперативен радиус што го покриваше авионот Ил-38.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња