Руската армија ја крева својата ПВО на врвно ниво: Ракетарите ја завршуваат преобуката на новите Бук

Слободан Ѓукиќ
Голем број ракетари кои се служеа со системите Бук-М2 ја завршија комплексната програма за преобука за новиот систем Бук-М3 и подготвени се во целост да го стават во оперативна функција. Според планот и програмата за активностите на Западниот воен округ во следниот период се очекува и почеток на првите боеви гаѓања на овие системи.

Единиците за противвоздушна одбрана на Западниот воен округ (ЗВО) кои се опремени со батерии на најновиот ракетен систем за ПВО Бук-М3 наскоро ќе го изведат своето прво боево гаѓање. Имено, според изворите од ЗВО, борбените екипажи кои ќе ги опслужуваат овие модерни систем ја минале целосната обука за нивно ракување и треба да се очекува наскоро да го изведат своето прво боево гаѓање. Овие екипажи досега служеа на претходната верзија на системите кои ја носеа ознаката Бук-М2. Најверојатно тоа ќе се случи на специјализираниот воен полигон Капустин Јар кој се наоѓа во Астрахањската област.

Што всушност претставува најновата верзија од семејството на системи за ПВО Бук?

Станува збор за модерен систем за ПВО со среден дострел, што ќе ја наследи претходната верзија на овој систем кој ја носи ознаката Бук-М2. Неговата основна намена е борба против сите видови воздушни цели, со акцент на целите кои за време на својот лет изведуваат остри маневри и летаат со променлива патека. Покрај воздушните објекти, ракетите испукани од Бук-М3 ќе можат да неутрализираат копнени и поморски цели.

Исклучително е важно да се нагласи дека оваа верзија на системот Бук е приспособена своите борбени дејствија да ги изведува во услови на масовна примена на системите за противелектронско војување.

М3 е природно продолжение на гореспоменатата верзија Бук-М2. Најголемите унапредувања на системот се направени на интеграцијата на новите електронски комплекси, но се забележливи и крупни измени во начинот на кој напаѓа воздушни цели кои се наоѓаат во практично сите насоки околу лансирната единица. Ова пред сѐ се однесува на развојот на нови форми на транспортно-лансирни контејнери кои имаат слична концепција како и кај системот С-300 (ракетата има можност да се лансира вертикално). Од исклучителна важност е и фактот дека за 50% е зголемен бројот на ракети и дивизиони кои се опремени со овие системи. Бројните унапредувања кои се имплементирани во овој комплекс налагаат екипажите кои се обучени за употреба на претходните верзии на системот Бук да минат интензивна преобука за новиот систем која не трае подолго од три месеци. Преобуката се одржува во градот Оренбург, во рамките на Центарот за обука на единиците за ПВО.

Дивизион на ракетниот систем 9K317M Бук-М3 може истовремено да нападне 36 воздушни цели во радиус од 70 километри во далечина и до 35 километри во височина! Притоа веројатноста за уништување на целта со една ракета* е речиси 1/1 (цел со големина на ловец), додека кај крстосувачките ракети овој однос е околу 1/0.8. Бук-М3 ќе користи ракети од класата земја-воздух 9K317M кои ќе можат да пресретнуваат цели кои летаат со брзина и до 3.000 метри во секунда. Ракетата е опремена со шрапнелно-разорна боева глава. Кон целта во првиот дел од патеката се наведува по инерцијален пат, а потоа во завршниот дел се активира активната радарска глава за самонаведување која е исклучително отпорна на електронско попречување.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња