Србија испрати официјална понуда за купување на ракетен систем С-300 ПМУ-2 „Фаворит“?

Григориј Сисоев/Sputnik
Неименуван дипломатски извор соопшти за агенцијата ТАСС дека Република Србија испратила официјална понуда за набавка на противвоздушен ракетен систем со голем дострел С-300 ПМУ-2. Договорот треба да се реализира до 2021 година.

„Од Србија пристигна официјална понуда за набавка на полковски комплет на рускиот систем за противвоздушна одбрана со голем дострел С-300 ПМУ-2, кој се состои од команден пункт и два ракетни дивизиони. Во моментов оваа понуда се разгледува од страна на компетентните структури од воено-индустрискиот комплекс на Русија“, рече изворот. Според него, имајќи ги предвид пријателските односи меѓу двете држави, на ова барање најверојатно ќе биде одговорено позитивно.

Од Федералната служба за меѓународна воено-техничка соработка на РФ, како и од концернот „Алмаз-Антеј“ кој инаку ги произведува овие системи, засега нема коментар на овие информации. Официјален претставник на „Рособоронекспорт“ соопшти за агенцијата ТАСС дека сѐ уште немаат примено такво барање.

ТАСС, исто така, сѐ уште нема добиено никаква реакција на оваа вест од Србија. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин даде изјава за весникот „Вечерње Новости“ во која ги демантира наводите за какво било барање за набавка на одбранбени противвоздушни системи С-300.

Судејќи според сѐ, се работи за најнапредната варијанта на системот С-300 , која се одликува со исклучителни тактичко-технички показатели кои се последица на имплементацијата на најсовремениот пакет на воена технологија.  

С-300 ПМУ-2 „Фаворит“ е произведен 1997 година. Претставува универзален самооден повеќеканален ракетен систем наменет за одбрана на најважните државни и воени објекти и позиции од масовен удар на современи и перспективни авиони, стратешки крстосувачки ракети, тактички и оперативно-тактички балистички ракети и други средства на воздушно оружје, во сите дијапазони и при сите брзини на нивниот лет. Системот ефикасно дејствува при интензивно противелектронско дејство кое создава активни и пасивни пречки. За него е конструирана и нова ракета 48Н6Е2, која ја зголеми далечината на пресретнување на балистички ракети (до 40 км) и аеродинамични цели (до 200 км).

Прочитајте повеќе за С-300 – кошмар за генералите на НАТО

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња