Русија има проблем со автомобилската индустрија. Со ова се согласуваат и купувачите и стручњаците. Но тоа не е поради недостиг на фантазија. Проблемот е во тоа што најчесто не може да се најде патот од идеја до реализација. Можеме само да нагаѓаме дали се работи за проблем во комуникацијата меѓу дизајнерското одделение и менаџментот или во прашање е нешто друго. Денес сепак би сакале да ви покажеме како би можеле да изгледаат руските автомобили доколку само еден мал процент од овие брилијантни модерни замисли би стигнал до производство. Додуша, се зборува дека еден или два од овие осум проекти можеби имаат шанса.
ЗИМ-12 „Ајкула“
Еден од бисерите на советската автомобилска индустрија ГАЗ ЗИМ-12 се произведуваше од доцните 50-ти до 60-те. Го наследи познатата лимузина „Чајка”. Ова прекрасно дизајнерско решение учествуваше на неодамна распишан конкурс.
„Волк”, дете на дизајнерот Игор Емелин од компанијата „Марусја Моторс”
За жал, „Волк” на компанијата „Марусја” никогаш нема да ја здогледа светлината на денот поради повеќе причини. Пред сѐ, затоа што компанијата беше затворена 2014 година.
ГАЗ-21
Овој убавец веројатно е олицетворение на суштината на рускиот автомобил. Се произведуваше до 1970 година. Тоа беше првиот автомобил на ГАЗ кој го носеше името „Волга“, а во историјата влезе и како првиот луксузен автомобил продаден на приватно лице во СССР. Замислете си само што можеше да биде од него...
LADA Evolution
Стар обичај во Русија е да се критикува сѐ што е домашно. По распадот на Советскиот Сојуз на удар особено се најде автомобилската индустрија. Критика беше необична кога се работи за „Лада“, затоа што оваа марка беше позната по сигурноста. Меѓутоа, проблемот со „Лада“ беше во тоа што овие автомобили едноставно не беа доволно привлечни. Така што, кога ќе се појави како концепт нешто како LADA Evolution, кој всушност воопшто не изгледа лошо, но никогаш не стигнува до производство, бар еден човек (авторот на овој текст) ќе си се насмевне во себе.
LADA Raven на Дмитриј Лазарев
Ако си помисливте дека „Еволуцијата” на „Лада“ изгледа „опасно”, сѐ уште не сте го виделе „Гавранот“ (Raven). Дефиницијата за руски концепт на супер-автомобил всушност гласи: тоа е оној автомобил кој изгледа како што никој никогаш нема да го направи. „Гавран” не личи на ниеден автомобил на „Лада“ кој некогаш сте можеле да си го замислите.
Новата „Волга” на Станислав Чешуин
Авторот на текстот веќе се замислува себеси зад воланот на овој ѕвер како со очите стрела по патот јурејќи некаде за да ги порамни сметките. Оваа „Волга“ со високи перформанси изгледа како нешто што би можеле да го возат Клинт Иствуд или Чарлс Бронсон. Толку ми се допаѓа што ви давам две фотографии да им се воодушевувате!
ГАЗ-20M „Победа“
Пред легендарниот ГАЗ-21, беше ГАЗ-20. Овој модел неодамна доби нова шанса за живот. Едно или две возила се веќе направени (авторот на текстот виде едно од нив на улиците на Москва и поради тоа за малку ќе предизвикаше несреќа). Како што течеа годините имаше неколку слични верзии на ова дизајнерско решение.
Волга 5000 GL
Внимание, внимание: овој убавец сѐ уште има шанси да се појави на пазарот. Од 2011 година кружи приказната дека 5000 GL ќе стане реалност. Дури се зборуваше и дека е направен прототип. Но, она што овде го гледаме веројатно е само фотошоп. Но тоа не е причина да изгубиме секаква надеж.