Независно од санкциите и забраната за соработка со рускиот военоиндустриски комплекс, Пентагон купува автомати Калашников и со нив ја вооружува Националната армија на Авганистан. Ова беше соопштено на 14 март од страна на директорот на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов во интервју за телевизијата „Росија 24“.
Американците не го купуваат оружјето директно од Русија, ами преку европските земји, поранешни членки на Варшавскиот договор (СССР, ГДР, Унгарија, Полска, Чехословачка, Романија, Бугарија, Албанија)“, рече Чемезов.
Според него поголемиот дел од автоматите Калашников што ги купуваат Американците се старо оружје, останато од времето на Советскиот Сојуз по магацините во земјите од Источна Европа.„"Сега ова оружје до одреден степен се модернизира и се продава на владата на Авганистан“, додава шефот на државна корпорација „Ростех“.
Експертите се на мислење дека автоматите Калашников кои ги купува САД не се само старо оружје, ами и ново произведено под лиценца во Полска и во Бугарија.
„Американците испорачуваат во Авганистан автомати АК-47 со калибар 7.62х39 милиметри. Тие доаѓаат од магацините на фабриките лоцирани на територијата на Полска и Бугарија, на кои во советско време фабриката „Ижмаш“ им ја има продадено лиценцата за производство на ова оружје“, изјави за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов.
Според неговите зборови Пентагон би можел да организира купување и на автомати АК-47 со калибар 5.45х39 милиметри за авганистанската армија од Украина.
Експертите се на мислење дека оваа приврзаност на Американците со руските автомати е поврзана и со нивните уникатни квалитети. „Авганистанската армија со децении ги користи автоматите Калашников, бидејќи тие беспрекорно функционираат во услови на каменеста пустини и во сувите степи на овој регион“, додава Сафонов.
Американците се обидуваа да „накалемат“ во локалната армија оружје произведено од нив (AR-15, M-16), но се покажа дека тоа е посложено и попребирливо при употреба отколку советскиот АК-47. Ова мислење беше изразено за „Руска реч на македонски“ од поранешниот советник на генералниот директор на концерн „Калашников“ Андреј Кирисенко.
„Изборот, во голема мера, е направен поради сигурност: најголем број војници Пентагон има изгубено во Авганистан поради откажување на оружјето за време на престрелка. Тоа беше еден вид антиреклама поради која тие и не успеаја целосно и потполно да ги вооружат Авганистанците со американско оружје“, додава Кирисенко.
Експертите сметаат дека тука нема политички конфликт на интереси. Русија нема можност самостојно да организира снабдување на оружје за Авганистан, бидејќи САД ја финансираат локалната власт. Кабул, за возврат, самостојно формира и праќа барање до САД за еден или друг вид оружје.
„Единствениот проблем се состои во тоа што по распадот на СССР концернот „Калашников“ и корпорацијата „Ростех“ не добиваат хонорар (процент од продажбата при користење на патентот за производство на оружје) ниту од Полска, ниту од Бугарија. Тие сметаат дека тоа не е нивна обврска“, вели Сафонов.
Според неговите зборови руските компании долги години воделе битки за решавање на ова прашање, но безуспешно. „Единствената земја која плаќа надоместок на концернот од продажбата на автомати Калашников во странство е Кина. Со другите земји ова прашање, како и досега, останува нерешено“, додава експертот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче