Калашников – и пука, и лета, и плови

Press photo
„Калашников“ е најпознатиот автомат на светот. Поради сигурноста и едноставната конструкција прогласен е за најдобро стрелечко оружје на 20 век. „Калашников“ е прикажан на грбовите на неколку земји, но самиот назив на брендот асоцира исклучиво на Русија. Производителот на легендарниот автомат, концернот „Калашников“, денес не се занимава исклучиво со производство на стрелечко оружје. Тој постепено прерасна во светски производител на сложени и високотехнолошки уреди за воена и за воено-цивилна намена

Пред само 4 години концернот се наоѓаше на работ на преживувањето. Му беше потребна сериозна финансиска санација и техничка модернизација. За оваа цел раководството на корпорацијата „Ростех“ во која влегува „Калашников“, реши да ги ангажира приватните инвеститори Искандер Махмудов, Андреј Бокарев и Алексеј Криворучко. Тие купија 49% од акциите на концернот, а „Ростех“ задржа 51%. Од 2015 година најголем приватен акционер на овој холдинг за производство на оружје е Алексеј Криворучко кој поседува 24.5% од акциите. Тој повеќе од две години раководи со концернот „Калашников“ како негов генерален директор.

Денес концернот е еден од успешните примери за реализација на приватно-државното партнерство. „Калашников“ во 2015 година заработи 2.1 милијарди рубли чиста добивка (а, вкупниот приход изнесуваше 8.2 милијарди рубли), додека претходната 2014 година имаше загуба од 340 милијарди рубли.

Овој извонреден резултат се должи на забрзаната програма за модернизација и за развој на производниот систем. Само во изминативе две и пол години во развојот на претпријатието се вложени околу 10 милијарди рубли.

Според генералниот директор на концернот Алексеј Криворучко, благодарение на преземените мерки компанијата очекува дека на крајот на 2016 година обемот на производство ќе биде двојно поголем (и дека ќе изнесува 18 милијарди рубли).

Press photoPress photo

Беспилотни летала и роботи

На почетокот на 2015 година „Калашников“ ги купи акциите на производителот на беспилотни летала ZALA AERO. Денес компанијата конструира и произведува беспилотни летала, а исто така и мобилни и копнени командни станици. Нејзин основен производ се беспилотните авиони за набљудување, хеликоптери и аеростати. Намената на беспилотните летала е чување на државната граница, набљудување и мониторинг.

Одлуката на производителот на легендарниот автомат да се занимава со производство на беспилотни летала на прв поглед изгледа неочекувана, но всушност е многу логична и добро осмислена. Светскиот пазар на беспилотни летала расте со голема брзина. Според истражувањето под наслов „Пазарот на беспилотни летала 2014-2020“ што го спроведе компанијата „Markets&Markets“, обемот на пазарите на беспилотни летала во светот во 2014 година изнесувал нешто повеќе од 6.7 милијарди американски долари, а до 2020 година ќе надмине 10 милијарди американски долари.

Концернот не се ограничува на конструирање беспилотни летала, ами сериозно се занимава и со беспилотните системи во целина. Роботите веќе стануваат секојдневие во вооружените сили. Тие ја преземаат најопасната и „највалкана“ работа, со што формираат армија од сосема нов вид. Поради тоа на последните изложби концернот постојано покажува борбени модули со далечинско управување, а оваа есен за првпат го претстави копнениот роботизиран систем „Соратник“. Овој систем може да набљудува, да патролира и да чува објекти или територии, да деминира, да отстранува пречки и да дава артилериска поддршка на единиците во акција. Освен тоа, системот може да функционира во спрега со други автоматизирани борбени единици, вклучувајќи ги и беспилотните летала.

Денес „Калашников“ освојува нови сфери на производството, вклучувајќи ја и бродоградбата. Веќе сега компанијата-ќерка на овој концерн сериски произведува цела линија чамци за воено-цивилна намена. Станува збор за транспортно-десантниот чамец БК-16, десантно-офанзивниот чамец БК-10 и чамецот за артилериска поддршка БК-9. Сите овие пловила во 2015 година беа успешно тестирани и веќе се наоѓаат во арсеналот на руската армија. Чамците се предвидени за спроведување патролни, диверзантски и антидиверзантски операции во крајбрежната зона, за превоз на луѓе и на десантно-офанзивни групи, за давање артилериска поддршка и за десантирање на неподготвен брег.

Како што очекуваат конструкторите на чамецот, нивните производи на пазарот ќе го имаат истиот успех како и прочуениот автомат, зашто по традиција производите на фирмата „Калашников“ се пред сè сигурни, технички совршени и ефикасни во експлоатацијата.

Press photoPress photo

Стари автомати во ново издание

Концернот постепено ја проширува својата специјализација, но не заборава на стрелечкото оружје. Компанијата има амбициозни планови, во кои спаѓа создавање нови видови стрелечко оружје и зацврстување на позициите на новите пазари. Сега концернот работи на неколку десетици проекти – од нова снајперска пушка и автомат до пиштол.

Концернот во 2016 година за првпат по повеќе години на пошироката јавност ѝ ја претстави целата линија перспективни концепти и конструкторски иницијативи во областа на стрелечкото оружје. Конкретно, станува збор за пробни примероци на најновите снајперски пушки СВК и ВСВ-338, за модернизираниот рачен митралез РПК-16, прототипот на новиот пиштол „Лебедев“ со куршум со калибар 9х19 милиметри, како и за пробниот примерок на малогабаритен автомат со калибар од 5.45 милиметри кој е замислен како маневарско оружје за специјалните единици за блиска борба. Претставена е и новата генерација на автоматот „Калашников“ – АК-13 (5.45 милиметри) и АК-15 (7.62 милиметри) кои сега се тестираат во воените единици, како и модернизираната варијанта на „стотата серија“ на автоматот „Калашников“, која е добро позната во целиот свет.

Има и голем број нови цивилни производи. „Калашников“ во 2016 година започна да продава ново оружје со рамно и спирално искривување на цевката, како и оружје кое користи школска муниција. Меѓу новитетите се повеќенаменската пушка со рамна цевка со систем за автоматско репетирање со калибар 12 „Сајга 12К“ (компакт). Во продажба се пуштени и два модернизирани карабина со цевка со жлебови „Сајга МК“ (со калибар 5.45х39 милиметри), како и скратена верзија. „Сајга МК“ е модернизирана верзија на популарниот ловечки карабин „Сајга“.

И покрај тоа што од 2014 година „Калашников“ е под удар на антируските санкции и што го изгуби американскиот и европскиот пазар каде цивилните производи на оваа компанија беа мошне популарни, концернот го задржа претходниот обем на производство. Портфолиото на нарачки за извоз на производи од ижевскиот производител на оружје за две години порасна и денес изнесува над 200 милиони американски долари. Тука спаѓа и стрелечкото оружје и високопрецизната муниција, како и спортското и ловечкото оружје.

Сево ова стана можно благодарение на активниот маркетинг, на паметната политика на извоз што ја спроведува концернот, како и на фактот дека купувачите на оружје во целиот свет ги ценат едноставноста, сигурноста и добрите технолошки решенија, односно сето она што го подразбира брендот „Калашников“.

 Press photo Press photo

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња