Нови „таинствени јами“ на Јамал

Извор: Центарот за освојување на Артикот

Извор: Центарот за освојување на Артикот

Руските научници соопштија дека на Јамал се појавиле нови „таинствени јами“, слични на оние што може да се видат на хеликоптерските снимки од летото 2014 година.

Руските научници засега можат да потврдат дека на полуостровот Јамал, на крајниот север на Русија, се формирале две нови „таинствени јами“, иако на Интернет се појавија информации за бројни нови отвори во земјата. 

„Формирани се две нови јами, иако тоа сè уште не е официјално потврдено. Судејќи според снимките, новооткриените јами се малку поинакви од оние што беа откриени летоска. Една од нив е веќе половина полна со вода. Ниту ѕидовите на другиот отвор во земјата не се исти како оние во јамите што ги истражувавме минатата година“, објаснува за „Руска реч на македонски“ Марина Лејбман, доктор на геолошко-минеролошки науки, од Институтот за криосферата на Земјата при Сибирското одделение на Руската академија на науките. 

Марина Лејбман беше член на научната група која летото 2014 година зеде примероци од земјиштето на џиновскиот отвор во земјата откриен на хеликоптерски снимки на 30 километри од Бованенково, едно од најголемите наоѓалишта на гас во Русија.

„Излезе дека во примероците на земјиштето што минатата година го зедовме од отворот во земјата има многу повеќе мраз отколку што очекувавме. Благодарение на тоа сфативме зошто околу јамите се формирале мали возвишувања и каде исчезнала останатата земја“, вели Марина Лејбман. 

„Засега не можеме со сигурност да кажеме каков гас ја предизвикал појавата на овие јами, зашто сè уште немаме начин како тоа да го утврдиме, но 'гасната' верзија засега е единствена веројатна“, вели таа. 

Според таканаречената „гасна“ верзија, од засега непозната причина, гасот што се насобрал во слоевите на вечно замрзнатото земјиште под голем притисок исфрлил големо количество земја. Дека дошло до „ладна“ експлозија потврдува и фактот што околу настанатиот отвор се формирале мали возвишувања од земја што е исфрлена на површината, а не се пронајдени траги на согорување.

Василиј Богојавленски, доктор на технички науки, од Институтот за проблемите на нафта и гас од Руската академија на науките вели дека досега со сигурност се утврдени координатите на само четири јами, иако вакви отвори, според него, во иднина ќе има многу повеќе. 

Од каде „таинствени јами“ на Јамал? 

Според Василиј Богојавленски, на науката не ѝ е познато дека на некое друго место во светот на копното постојат „таинствени јами“ кои на Интернет предизвикале олку бурни реакции. Руските научници  претпоставуваат дека нивната појава е последица на деградација на вечно замрзнатата земја (пермафрост). Слични отвори претходно се откриени на дното на арктичките мориња, но сè уште се практично неистражени. За ваквите отвори на дното од северните мориња во науката се користи терминот pockmarks. 

Дното на арктичките мориња најверојатно имаат иста геолошка структура како и копното на полуостровот Јамал. Разликата се состои во тоа што копното на Јамал е сè уште покриено со дебел слој вечно замрзната земја, кои во северните мориња практично повеќе ги нема. 

„Пред 10-15 илјади години поголем дел од денешното морско дно на Арктикот било копно, а неговата земја со години била замрзната. Според тоа, оваа огромна територија била голем ледник. Дел од овој ледник и денес постои на Гренланд“, објаснува Богојавленски. 

„Во наше време некогаш замрзната зона во Баренцовото и во Карското море главно се истопила. Понекаде земјата е сè уште замрзната, особено во близина на брегот. Слојот пермафрост што постои во Карското море постепено деградира“. 


Извор: Центарот за освојување на Артикот

Со оглед на тоа дека на дното на северните мориња има стотици и илјадници pockmarks, ова би можело да значи дека понатамошната деградација на пермафростот ќе предизвика нови јами на копното. 

Каде се наоѓаат „таинствените јами“? 

Најголемата јама се наоѓа на околу 30 километри од големото наоѓалиште на гас Бованенково (70°26’17.00″N 68°19’27.00″E). Пречникот на овој отвор на земјата изнесува околу 40 метри, но постепено се зголемува. Руските научници претпоставуваат дека оваа јама се појавила есента 2013 или пролетта 2014 година. 

Втората јама (69°9’56.22″N 74°34’14.87″E) се наоѓа недалеку од селото Антипајута, а го откриле локалните одгледувачи на ирваси. Најверојатно се појавила во септември 2013 година. 

Третата јама (70°9’58.57″N 82°20’2.20″E) одгледувачите на ирваси ја откриле уште во април 2012 година, но пошироката јавност за неа дозна неодамна. Втората и третата „таинствена јама“ се слични според големината: нивниот пречник изнесува околу 15 метри. 

Една од новоформираните јами се наоѓа на 10 километри од Бованенково.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња