Зошто во Русија е популарна нетрадиционалната медицина

Извор: Владимир Астапкович / ТАСС

Извор: Владимир Астапкович / ТАСС

Повеќето Руси ѝ веруваат на нетрадиционалната медицина за која најголема побарувачка има во градовите. Луѓето инсистираат на минимални услови за алтернативно лекување и подготвени се да платат десетици илјади рубли за илузорна надеж. Причините за популарноста ги објасни дописникот на „Руска реч на македонски„.

88% Руси им веруваат на нетрадиционалните методи на лекување – тоа се податоците од анкетата што ја спроведе компанијата OMI во 2011 година. Популарноста на алтернативната медицина во Русија само расте – докажаа во своето неодамнешно истражување стручњаците на НИУ ВШЕ. Според оценките на експертите, за една година Русите трошат до 30 милијарди долари на нетрадиционално лекување. На претставниците на официјалната медицина им останува само да се чудат. 

Верба во чудо 

 „Сите разумни луѓе сфаќаат дека исцелителите, бајачите, јасновидец и сите други се шарлатани, уверен е лекарот-психотерапевт, доктор на медицински науки Лев Пережогин.- На пример, во сите пристојни земји односот кон хомеопатијата е ист (25,9%  Руси веруваат во оваа метода, податоци на OMI) – сакате лекувајте се, ама на резултатот не жалете се.“ 

Како Русите се справуваат со стресот
Русите не сакаат да се обратат до психолог поради постојан стрес. На пример, како што објасни порталот за вработување HeadHunter, само 2% од испитаниците ги решаваат проблемите заедно со специјалист, мнозинството се ослободува од стресот со помош на омиленото хоби (42%), секој трети ги споделува своите проблеми со пријателите, а секој петти со колегите.

Во Русија алтернативното лекување не се плаќа од осигурителните компании, но луѓето се подготвени самите да го платат. Лев Пережогин смета дека посегнувањето по нетрадиционални методи е поттикнато од „неедуцираност, страв и верба во чуда“. 32-годишната Дарја Лесина отишла на акупунктура (30,4% веруваат во оваа метода) токму во потрага по чудо. 

„Лекарите ми рекоа дека нема да можам ниту да родам, ниту да доносам. Уште пред две години ми советуваа да размислам за посвојување, затоа стручњакот за акупунктура не е единствениот кај кого сум била. 10 сеанси, 1 илјада долари, резултат нема, но јас и понатаму ќе одам кај кого треба, само ако има макар и најмала надеж да станам мајка.“ 

Московјанката Татјана Самојлова се обратила кај стручњак со пијавици (15,7% веруваат во оваа метода), кога официјалната медицина ѝ предложила сложена операција на вените. 

„Пред да се решам на таков сериозен чекор, решив да се обидам и на други начини. На пример, поминав курс за лекување со пијавици. Чувството не е баш пријатно, крв течеше цел ден како поток, 650 долари дадов, нема подобрување, но нема ни влошување“ 

Најочајните одат кај медиуми, волшебници, јасновидци. 57-годишната Екатерина Дронова веќе 17 години се бори со алкохолизмот на сопругот; мажот одбива да оди во болница, зашто не признава дека има проблем и затоа лекарите не можат да му помогнат. 

„Видовитиот зеде 500 долари за прием, поработи со една фотографија и ја посоветува да забаи вода, гласно да се помоли, а потоа да му налева по половина чаша на сопругот во супата или во чајот. 2 недели точно ги исполнував инструкциите, резултат нема, но мене лично по разговорот со јасновидецот ми стана некако полесно.“ 

Лесно се наоѓаат

„Распространетоста на „неформалното здравство“ и асортиманот од парамедицински стоки и услуги во градовите се значително поголеми отколку во селата“, се вели во извештајот на НИУ ВШЕ. Не е тешко да се најде стручњак за нетрадиционална медицина – Интернетот е полн со сајтови на исцелители и маѓесници кои најчесто работат без лиценца. Теоретски, сите тие потпаѓаат под членот на Кривичниот законик за незаконско вршење медицинска дејност, но можат да се казнат само ако со нивните дејствија била нанесена штета по здравјето. 

Цената на бесмртноста
Компанијата „КриоРус“ веќе цели осум години чува тела на покојници во течен азот за во иднина овие луѓе да можат повторно да се оживеат доколку науката пронајде начин за оживување на мртвите. Во процедура веќе имаат влезено 34 луѓе и 14 домашни животни, а потпишани се договори за уште над 100 луѓе. Нарачатели има и од САД и од Заедницата на независни држави. Мислењата за овој проект се разликуваат, но сопствениците на компанијата вложуваат пари во конкретни научни истражувања.

Помошничката на исцелителот Олег К. кратко резимираше. „Мајсторот лично ја покажува својата сила. Кон сите има индивидуален пристап. Сите цени се на сајтот, првиот прием е 2000 рубли (45 долари) за половина час“. Мајсторот Олег К. Прави сè – од симнување магии до лекување на бронхо-белодробни болести, изработува талисмани и амајлии, работи  со полно работно време и преку кореспонденција; нема медицинско образование, за резултати не гарантира. 

Но, без оглед на покажаните илузорни резултати, анкетата на фондот Јавно мислење (ФОМ), спроведена во март 2014 година, покажа дека речиси 80% од оние што се обратиле на нетрадиционалната медицина останале задоволни од укажаните услуги. „Во некои случаи тоа е само плацебоефект или залажувалка, убеден е Лев Пережогин. - Особено им помага на неврозните. Во нашите клиники голем дел од луѓето не боледуваат од ништо. Тие се начитале интернет, весници, ја знаат симптоматиката и нивниот организам ја имитира болеста, но сето тоа доаѓа од главата. Токму на таквите луѓе бајачите можат да им помогнат.“ 

Недоверба кон лекарите 

Активните корисници на услугите на нетрадиционалната медицина, како што е кажано во извештајот на НИУ ВШЕ, често се среќаваат меѓу оние кои се разочарале од официјалното лекување. Според анкетата на ФОМ, спроведена во јуни 2014 година, 53% од населението смета дека степенот на развој на руската медицина е понизок отколку во другите напредни земји. Веројатно затоа само 32% Руси во случај на болест одат на лекар, а останатите преферираат самолекување (анкета на ФОМ, спроведена во март 2014 година). Меѓу основните причини се тешкотиите при пријавувањето во поликлиника, сопственото искуство, ниската квалификација на медицинарите, стравот и недовербата кон лекарите. Услови за претставниците на алтернативната медицина има помалку, а нивниот број непоколебливо расте, зашто таму каде што има побарувачка, ќе има и понуда. 

„Колку е понестабилна ситуацијата во општеството, толку повеќе ќе се појавуваат шарлатани, вели Пережогин. – Во текот на големата Француска револуција, револуцијата во Русија од 1917 година имало подем на бајачи и медиуми. Сето тоа цвета таму каде што има невротична почва, а во Русија, како и во целиот свет, ситуацијата сега е токму таква.“

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија