Омилените накази на Петар Велики

„Првите природонаучни колекции во Кунсткамера“ во Санкт Петербург, првата руска музејска и научна колекција. Извор: культура.рф.

„Првите природонаучни колекции во Кунсткамера“ во Санкт Петербург, првата руска музејска и научна колекција. Извор: культура.рф.

Во Кунсткамера, елегантно зелено барокно здание на брегот на реката Нева во Санкт Петербург, се крие соба која лесно би можела да послужи како сценографија за хорор-филмови: во неа се наоѓаат полици начичкани со тегли во кои веќе три века пливаат препарирани накази од новороденчиња и уметнички аранжирано делови од човечки ембриони и детски тела. На изглед морбидна, оваа колекција претставува своевиден центар на рускиот интелектуален живот. Зад неа стоел лично Петар Први и таа на неочекуван начин покажува како овој голем руски цар го обликувал идентитетот на Русија.

Музејот за антропологија и етнографија „Петар Велики“ при Руската академија на науките (МАЭ РАН), елегантно зелено здание изградено во стилот на петровскиот барок на брегот на Василевскиот остров наспроти Ермитаж – попознат по своето старо име Кунсткамера – е една од најстарите згради во Санкт Петербург. Поупатените зградата ќе ја препознаат и од грбот на денешната Руска академија на науките.

Кога посетителот ќе мине низ просториите со возбудливи етнолошки колекции кои од сите континенти ги донеле руските антрополози во периодот помеѓу 18 и 20 век, ќе наиде на сала со сосема невин назив: „Први природонаучни колекции на Кунсткамера“ („Первые естественнонаучные коллекции Кунсткамеры“) – во која се наоѓа најстарата музејска збирка, што ја има собрано лично Петар Велики на почетокот на 18 век. Ако е неподготвен, посетителот во оваа сала може да доживее вистински шок. На старинските полици во стотици стаклени тегли во раствор стојат делови од човечки тела и ембриони украсени со цвеќе, морски суштества и мали прекривки со тантела. Во други тегли стојат препарирани новороденчиња и делови од нивните тела со сите можни видови деформитет. Помеѓу витрините се распоредени мали костури на сијамски близнаци сраснати на најразлични начини и препарирани накази на младенчиња на разни животни.

Натписите во салата го водат посетителот во бизарниот свет на развиената и високо конкурентна индустрија на чување мртви тела од почетокот на 18 век, кога мајсторите со вистински елан се натпреварувале во квалитетот на сечење на човечките ембриони и со инвенциите што и како да се стави во мртвите органи или во фетусите за тие засекогаш да го задржат својот природен облик и својата природна боја.

Скелет на сијамски близнаци, еден од најпознатите експонати на “Првата природонаучна колекција на Кунсткамера“. Извор: культура.рф.

Како што би можело да се очекува, оваа колекција често предизвикува чудење кај неинформираните посетители, иако, според кустосот на музејот, „паѓањето во несвест е ретка појава“. На туристичките сајтови често можат да се пронајдат мислења дека музејот е чуден, па дури и „здодевен“: посетителите не сфаќаат зошто би оделе во Санкт Петербург „за да гледаат деформирани фетуси“.

Мислителски епицентар

Меѓутоа, посетителите всушност се наоѓаат во филозофскиот епицентар на една од најважните раскрсници на руската интелектуална, а со тоа и општа историја. Имено, необичната колекција и буквално и симболички стои во коренот на руската наука и на новиот идентитет на руската нација кој е обликуван со огромната мислителска енергија на Петар Велики.

Младиот Петар Велики (1672-1725) се запознал со „анатомските театри“ во Западна Европа за време на својата прва посета на Холандија во периодот од 1697 до 1698 година. Во тоа време во Амстердам одел на предавања кај најпрочуениот анатом Фредерик Ројсх. По враќањето во татковината, во 1706 година го отворил првиот „анатомски театар“ во Москва, која тогаш сè уште била престолнина. Рускиот цар понекогаш и самиот со ентузијазам сецирал човечки тела за потребите на оваа експозиција.

Но, тоа не ги задоволувало страстите на Петар Велики за науката за човекот и за неговото место во природата. Само една година откако го прогласил новооснованиот Санкт Петербург за престолнина на Русија, наредил на брегот на Нева да се изгради зграда во која ќе се сместат необични и суштински важни колекции кои тој планирал да ги донесе. Како и со сè останато, желбата на Петар Велики за знаење и неговата визија да ја промени Русија биле поврзани на длабок и креативен начин.

 

„Уметник на смртта“

 

Фредерик Ројсх (хол. Frederik Ruysch, рус. Фредерик Рюйш, 1638-1731), холандски анатом, е човекот кој најверојатни ги достигнал најголемите длабочини во чудната умешност за уметничко-научно прикажување на делови од човековото тело. Со желба своите експонати „со векови или дури засекогаш“ да ги сочува од забот на времето, до перфекција разработил метод за вбризгување на восочни материи кои се стврднуваат дури и во најмалите крвни садови. Со тоа успевал во целост да ја сочува оригиналната боја и обликот на органот. Детели од неговата процедура ниту денес не се сосема јасни, иако се знае дека деловите од телото ги чувал во топла вода, со цел за време на препарирањето супстанцата да дојде до крајот на најситните капилари. Исто така, никој ни пред, ни после него, нема вложено толку труд и талент во самата презентација.

Јан ван Нек (1634-1714): Анатомски лекции на доктор Фредерик Ројсх (1683). Музеј на Амстердам. На вакви предавања присуствувал и рускиот цар Петар Велики за време на својата прва посета на Холандија 1697-1698. Можно е скелетот на детето што го држи ученикот од десната страна да е токму некој од експонатите од санктпетербуршката Кунсткамера.

Мошне е важно да се нагласи дека намерата на Ројсх била човековото тело и неговите скриени елементи да ги претстави како убави. Тој и накажаните делови од телото ги сметал за „мошне посебно задоволство за окото“. Се надевал дека ако деловите на телото изгледаат како живи, ќе ја поништат „вродената реакција на одбојност“ која нормално се јавува кога „луѓето ќе се соочат со трупови“. Затоа експонатите ги декорирал со цвеќиња, листови, школки и со везени ткаенини и ги сместувал во тегли исполнети со течност (liquor balsamicus) чија формула ја знаел само тој, со што се добивале вистински мали ремек-дела.

Неговата вештина е восхитувачка имајќи предвид дека ниту по 300 години по оваа постапка експонатите не ја изгубиле природната боја.

Кога во 1717 Петар Велики ја откупил целата колекција на Ројсх, со неа ја добил и тајната на формулата: чудесниот liquor balsamicus бил мешавина од згрутчена свинска крв, берлинско сино и оксид на жива. 915 експонати од колекцијата на Ројсх можат да се видат во Кунсткамера и денес во својот оригинален вид. Колекцијата се смета за една од најпрестижните од својот вид на светот.

 

И така, за време на својата втора посета на Холандија, рускиот цар ја откупил целата колекција на Ројсх за 30.000 гулдени, што во тоа време било доволно за да се направи голем воен брод со цела опрема. Скапоцената колекција на која Ројсх ѝ го посветил сиот свој живот, се состоела од стотици беспрекорно сочувани делови од човечки тела и здрави и накажани ембриони, уметнички аранжирани во раствор со тајна формула.

Бидејќи зданието на Кунсткамера сè уште не било готово, колекцијата извесно време била сместена во палатата на бојарот Александар Кикин. Императорот не ја дочекал преселбата во новата зграда: дури во 1728, три години по неговата смрт, колекцијата била пренесена на местото на кое се наоѓа денес.

Експонат од тератолошкиот дел на колекцијата на Петар Велики. Извор РИА „Новости“.

За збирката да биде што побогата, Петар Велики паралелно со купувањето од Амстредам донел указ „За донесување на родени накази, како и на пронајдени необични ствари“(„О приносе родившихся уродов, также найденных необыкновенных вещей“), со цел „луѓето да доаѓаат и да учат. За секоја човечка или животинска наказа родена во Русија се плаќало по 10 рубли, што во тоа време била сума со која можело да се купат три крави. Со цел што повеќе луѓе да доаѓаат и да ја видат неговата „прекрасна глетка“(„зело дивно“), секој оној што ќе ги погледнел експонатите добивал „кафе, чаша вотка или унгарско вино“, додека како десерт „им се давал цукерброд“.

Зошто накази?

Така настанала колекцијата која сега ја гледаме. Во салата на Кунсткамера како да нè набљудуваат отворени детски глави со откриен мозок, фетуси кои во шаката си го држат сопственото срце, отсечени детски нозе украсени со тантела и со скорпии, скелет на петмесечен ембрион украсен со црвена лента направена од сопствените крвни садови, детски скелет со две глави, ембрион деформиран од енцефалитис, новороденче со џиновска глава (последица од хидроцефалус), многу новороденчиња со две глави, три раце, со рибини опашки и со безбројни други деформации на лицето и на телото, распоредени според логичен редослед... Лицата од зад стаклата често имаат благ израз, некои изгледаат како да се живи или како мирно да спијат, додека бојата на кожата им е бело-румена. А, на некои можат да се видат траги од болка, замрзнати во времето, како на фотографија.

Илустрација од „Природната историја“ на Феранте Императо (Неапол, 1599): еден од првите „кабинети на чудесата“.

Кабинет на чудесата


„Кабинети на чудесата“ – или „кабинети на реткостите“, „театри на светот“, „кунсткамери“(„уметнички соби“, гер. Kunstkammer) или „вундеркамери“ („соби на чудесата“, гер. Wunderkammer) се енциклопедиски колекции експонати кои им припаѓаат на денешните научни области како што се геологијата, зоологијата, етнологијата, медицината итн. Ренесансни по духот и по потеклото, овие колекции имале за цел да го претстават големиот свет (макрокосмосот) во мало (како микрокосмос). Ваквите кабинети настанувале кон крајот на 16 век во Европа и претставувале луксуз за богатите рани научници и аристократи.


Руската Кунсткамера, со својата специјализирана колекција, е првата таква збирка која како прокламирана цел го имала образованието на народот.

Додека го гледа сево ова, посетителот го обзема необична мешавина на длабоко естетско доживување на разоткриени парченца мали органи – безбројни префинети крви садови, цевчиња и ткива со преубави живи бои кои мирно пливаат во растворот – што било и идејата на старите анатоми, уважување кон чудесноста на човековото тело, недоверба, сожалување, повремена краткотрајна тивка одбојност, разни идеи за животот и смртта и брзи мисли за умот на чудниот цар кој овие созданија ги сакал и кој истовремено толку многу ја изменил Русија.

Но, зошто накази? Уште филозофот Френсис Бекон (1561-1626), еден од главните архитекти на научниот метод што го имаме денес, сметал дека проучувањето на деформитетот е една од фундаменталните задачи на новата наука. Тој како рамноправни слоеви на стварноста, а со тоа и како рамноправни полиња во проучувањето, ја смета природата во својот недопрен вид и историјата на човечката интервенција врз неа. Меѓу овие слоеви се наоѓаат и своевидни интервенции на природата сама врз себе, односно разни необичности („чудеса“), во кои спаѓаат и наказите. Нив Бекон ги смета еднакво природни како и недопрената природа од една и техничката интервенција врз неа од друга страна. Но, токму проучувањето на наказите, на овие „отклонувања од вообичаениот тек на природата“, го сметал за фундаментално средство за достигнување на крајната цел, а тоа спознавање на самата природа, односно „премин од чудесата на природата кон чудесата на техниката“.

Петар Велики секако бил добро упатен во учењата од овој вид и затоа „Првите природонаучни колекции на Кунсткамера“ откриваат фасцинантен увид во поглед на светот на тогашните филозофи и на вистинските научници.

Чудеса на природата и човечки чудеса

Зданието на Кунсткамера денес. На врвот од централната кула се наоѓа топка која го симболизира Сончевиот систем. Извор: РИА „Новости“.

Како што рековме, зданието на Кунсткамера, кое првобитно било изградено со цел во неа да биде сместена „прекрасната глетка“ на Петар Велики, станало срце на руската наука. Средната кула на Кунсткамера и денес ги отсликува визиите на Петар Велики: на нејзиниот врв е поставена топка која го симболизира Сончевиот систем, под која стои колекција од беконовите „чудеса на природата“. На овој начин зданието на Кунсткамера претставува олицетворение на врската помеѓу макрокосмосот и микрокосмосот, токму како што ренесансните творци на „кабинетот на реткостите“ и рускиот император сакале.

И навистина, оној посетител што ќе се качи на повисоките катови на Кунсткамера ќе најде ризница на „човечки чудеса“: кабинети на првите руски научници, книги што му припаѓале лично на Ломоносов, опсерваторија, голем Хоторпски глобус, сала во која заседавала раната академија на науките – со еден збор, тоа е место каде е создадена Русија како научна велесила.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.