Посетата на рускиот претседател на Јапонија започна со двочасовно доцнење на рускиот лидер, кое портпаролот Дмитриј Песков подоцна го објасни со одложување поради „сириските прашања“. Ова е прва посета на Путин на Јапонија во последниве 11 години. Средбата имаше историско значење, не поради формата, ами поради содржината. Имено, за првпат јапонскиот премиер прими некој странски лидер во неформална атмосфера, во своето родно место. На пленарната седница на руско-јапонскиот форум во Токио Абе изјави дека сега новите генерации ќе ја споменуваат 2016 година како година на „подигање на руско-јапонските односи во нова орбита на развојот“.
Определени експерти сметаат дека резултатот од оваа посета претставува голем чекор напред. За време на средбата се потпишани 68 договори со вкупна вредност од 300 милијарди јуани (околу 2.54 милијарди долари). На пример, создадена е заедничка инвестициска платформа, компанијата Mitsui купи 10% од акциите на фармацевтската компанија Р-Фарм, а банката JBIC издвои кредит за компанијата „Јамал-СПГ“ во вредност од 200 милиони евра.
Тагир Хузијатов, професор на Катедрата за светска економија на Далекоисточниот федерален универзитет (ДВФУ), во разговор со „Руска реч на македонски“ ги окарактеризира резултатите од оваа посета како „голем чекор напред“.
„Резултатите од посетата во целина гледано (земајќи ги предвид и преговорите во различни формати и работните акции) е мошне значаен и може да се каже дека тоа е 'голем чекор напред' и за развојот на билатералните односи, и за развојот на меѓународните односи во целина“, вели тој.
Хузијатов смета дека Русија и Јапонија започнале да формираат принципиелно ново ниво на соработка, надминувајќи ја претераната внимателност во меѓусебните односи. „Најважно е дека страните, според сè, успеаја да ја надминат извесната претерана внимателност и меѓусебно да се третираат како стратешки важни партнери, и да започнат со формирање принципиелно ново ниво на соработка, и покрај тоа што на средбата не се користени такви формулации“.
Експертите велат дека создавањето заеднички инвестициски фонд е дел од договорите кои ветуваат најмногу.
„Потпишани се многу перспективни економски договори, а особено е значајна најавата за основање заеднички инвестициски фонд“, вели Џејмс Брун, вонреден професор на Универзитетот Темпл во Филаделфија.
Овој договор ќе создаде систем на гаранции за јапонските инвеститори и ќе овозможи руско-јапонската соработка да се помрдне од „мртва точка“, смета шефот на Катедрата за ориенталистика при Московскиот државен институт за меѓународни односи (МГИМО) Дмитриј Стрељцов.
„Јапонските инвеститори имаат големи тешкотии во вртењето кон Русија токму поради нерегулираните права на инвеститорите и нестабилната инвестициска клима. Ова исто така ќе даде определен потстрек на нашата економска соработка“, вели тој.
И покрај толку високата оцена што јапонскиот премиер ја даде за оваа посета, нејзиниот резултат во голема мера е позитивен повеќе за Русија, одошто за Јапонија, смета Џејмс Браун, и додава дека рускиот претседател сега за првпат од почетокот на украинската криза е примен во главниот град на земја која е дел од клубот Г-7.
Слично мислење има и Дмитриј Стрељцов. „Оваа посета во извесна мера го ублажува антируското расположение во Г-7“.
Во заедничката изјава на лидерите на двете земји се вели дека страните можат да склучат посебен меѓународен договор за време на консултациите за заедничка стопанска дејност на двете земјите на јужните Курилски острови. Во документот се истакнува дека Путин и Абе на средбите во Нагато и во Токио, „постигнале заемен договор во поглед на тоа дека важен чекор на патот на склопувањето мировен договор може да биде почетокот на консултациите за заедничка стопанска дејност на Русија и на Јапонија на јужните Курилски острови“.
Сепак, јапонската страна можеби очекувала повеќе, смета Џејмс Браун, „особено во однос на територијалното прашање, зашто тоа е нивен приоритет. Тие се надеваат дека договорот за економска соработка на островот ќе овозможи напредок во насока на донесување конечна резолуција. Но, тука има уште многу нејасни работи, на пример дали е изводливо создавање обострано прифатлива правна рамка за соработка во која може да биде остварен таков заеднички развој“, вели тој.
Од друга страна, речиси никој не очекуваше дека територијалниот спор ќе биде решен и дека мировен договор ќе биде потпишан во текот на оваа посета.
„Некои велат дека немало ништо сензационално. Доколку под сензација се подразбира моментално потпишување мировен договор и решавање на прашањето за јужните Курилски острови, тешко дека такво нешто беше можно сериозно да се очекува“, смета Хузијатов.
Дмитриј Суздаљцов мисли дека заедничката стопанска работа може да придонесе двете земји да се приближат до склопување мировен договор. „Тоа е исто така чекор кон воспоставувањето заемно разбирање со кој сме поблизу до потпишување договор за мир и пријателство со Јапонија“.
Во секој случај првиот чекор е направен. И во тоа важна улога одигра политичката волја на Јапонија, но и на Русија.
Треба да им се одаде признание на политичките лидери на двете земји – на јапонскиот премиер Абе кој го иницираше зближувањето, и на претседателот на Русија Путин, кој на вистински начин ја оцени иницијативата и го направи првиот чекор во пресрет на Абе. Без нивната политичка волја немаше да има таков напредок во билатералните односи“, заклучува Хузијатов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче