Курилските острови се вулкански архипелаг помеѓу Камчатка и јапонскиот остров Хокаидо. Оваа низа острови го разделува Охотското море од Тихиот океан.
Архипелагот го сочинуваат два паралелни островски гребени, Големиот и Малиот курилски гребен. Првиот извештај за Курилските острови ги донел рускиот патешественик и истражувач Владимир Атласов.
Луѓето повремено, со помали или со поголеми успеси, се обидувале да ја скротат силата на исконските природни сили кои господарат со Курилските острови. Како своевиден споменик на скротителите на топлината скриена во јадрата на земјата, во подножјето на вулканот Барански на островот Итруп – се наоѓа една од малубројните геотермални станици во Русија.
Бродовите на руската Тихоокеанска флота ги користат премините меѓу островите на јужниот дел од курилскиот архипелаг за да излезат на отворен океан. Останатите два премина преку кои од азиското копно може да се дојде до Тихиот океан се Сангарскиот и Цусимскиот и истите се наоѓаат под контрола на други држави, додека премините од средната и северната група Курилски острови се помалку истражени и непогодни, зашто назима можат и да се замрзнат.
Курилските острови се места на неповторлива убавина, кои сѐ уште не се уредени како национален центар за еколошки туризам. Најголемите препреки се цените на авионските билети и неразвиената инфраструктура.
Природата ги украсила овие острови со мноштво реки, водопади, извори на топла вода, вулкани, езера и планински рамнини. Термалните извори и пукнатините од кои излегува чад и пареа создаваат вистинска глетка од бајките во подножјето на вулканот Барански. Неповторливите констрасти на флората и фауната како да се симнале од величествената палета на некој импресионист.
Есенин во една од своите песни вели за Русија: „Ниту од крајот и завршетокот трага, / погледот во сјај тоне“. Кој успее да дојде на Курилските острови може да каже дека го видел крајот на светот; но и овде, како и во Рјазан, погледот тоне во есенински сјај. Малубројните посетители на овој крај навистина личат на аџии.
Водата која ги опкружува островите е богата со риба и со други морски плодови. Освен тоа, според пресметките на научниците, резервите со нафта и гас во водите околу јужните Курили изнесуваат околу 300 милиони тони. Меѓутоа, овие бројки изгледаат целосно безначајно споредено со природните убавини на овој островски венец.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче