Насочена ли е американската ПРО во Европа против Русија и Кина?

AP
Министерството за одбрана на РФ изјави дека системот на Европската ПРО е способен да уништува балистички ракети во почетниот дел на нивната траекторија. Некои руски експерти се на мислење дека воените лица ја преувеличуваат заканата од ПРО на САД.

Елементите од американскиот систем за противракетна одбрана во Европа се наоѓа во Полска и Романија, и можат да пресретнат интерконтинентални балистички проектили (МБР) и балистички ракети на подморници не само во средниот, како што тврдат САД, ами и во почетниот дел од патеката на нивниот лет. Ова беше соопштено на 11 октомври од претставници на Генералштабот на Министерството за одбрана на РФ по новото моделирање на борбените можности на европскиот елемент од американскиот систем за противракетна одбрана во Европа.

До слични заклучоци во врска со американските противоракети „Стандард-3“ (Standard Missile-3, SM-3) дојдоа и кинеските воени лица. Според заменик-началникот на оперативното управување на Обединетиот штаб на Централниот воен совет на НР Кина, генерал-мајор Цај Ѕјун Европската ПРО на САД претставува директна закана за безбедноста на Русија.

Од министерствата за одбрана на Русија и Кина сметаат дека можностите и потенцијалот на распоредување глобален систем за ПРО на САД и нејзиниот европски елемент, ги надминуваат потребите на Вашингтон за заштита.

Според првиот заменик-началник на Главната оперативна управува на Генералштабот Виктор Познихир, Северна Кореја само стапналa на патот на создавање на балистички ракети, а Иран, против кого, според изјавите на Вашингтон, е наменет европскиот елемент на ПРО, не може да претставува закана по постигнатиот договор за развој на нуклеарната програма на Техеран.

„Под изговор за спротивставување на севернокорејската и иранската 'ракетна закана' се поставува систем создаден најпрво за борба против руските и кинеските ракети“, рече Познихир.

Размена на обвинувања

Но, некои од руските воени специјалисти не ја делат загриженоста на Министерството за одбрана на РФ. Особено, академик Алексеј Арбатов, директор на Центарот за меѓународна безбедност при Институтот за светска економија и меѓународни односи, смета дека ново моделирање едноставно не е направено.

„Ова е уште една размена на политички обвинувања меѓу Русија и Западот“, изјави тој за „Руска реч на македонски“. Според експертот системот за ПРО на САД во Европа, со седиште во Романија и Полска, не ги ограничува можностите на нуклеарниот арсенал на Русија.

„Во базите не се распоредени најсовремените противракетни комплекси. Ниту по брзината на следење, ниту по далечината на уништувањето тие нема да можат да ги пресретнат во случај на конфликт нашите МБР кои летаат низ Северниот пол“, вели Арбатов.

Со него се согласува и воениот експерт на „Известија“ Дмитриј Литовкин. „На оваа технолошка етапа системот за ПРО во Европа не претставува особена закана за нуклеарните сили на РФ. Активниот (почетниот) стадиум на летот на ракетните комплекси „Топољ-М“ и „Јарс“ е со времетраење помало од 5 минути. За тоа време не може со противоракета истрелана од Полска да се уништи најблиската база на МБР во Саратовска област (835 километри јужно од Москва)“, изјави тој за „Руска реч на македонски“.

Изјавите на руските воени специјалисти се случија неколку дена откако на 9 октомври НАТО ја обвини Москва за ескалацијата на тензиите со Алијансата. Конкретно, станува збор за трансфер на ракетни комплекси „Искандер-М“, способни да истрелуваат ракети со нуклеарни боеви глави, во Калининградската област. Алексеј Арбатов смета дека барањето на Генералштабот на РФ е политички одговор на критиките на НАТО.

Од што се плаши Русија и како тоа да се реши

Противоракетите SM-3 се наоѓаат на универзалните лансирни летала кои исто така можат да бидат опремени со американски ракети од типот Tomahawk со обичен боен полнеж.

„Елементарен договор за проверка со кратко време на најава би можело веднаш да ги реши сите наши несогласувања. Треба само да се отвори вратата и да се види што има таму. Разликата меѓу SM-3 од Tomahawk е видлива дури и за луѓе кои не се специјалисти“, вели извор на „Руска реч на македонски“ од воено-индустрискиот комплекс.

Каков е рускиот комплекс кој е критикуван од НАТО

„Искандер-М“ е донесен во вооружувањето пред 10 години, во 2006 година. Неговиот дострел изнесува 500 километри. Ракетите од овој систем се управуваат во текот на целиот нивен лет до целта.

Според воените експерти тоа овозможува траекторијата на боевата глава да биде непредвидлива и го отежнува уништувањето од протиракетната одбрана на противникот.

Покрај тоа, системот „Искандер-М“ е погодна за употреба на прецизни ракети Р-500.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња