Неговиот татко починал во 1533 година, кога наследникот имал само три години. Формално, таа година Иван станал Велик кнез на цела Русија, но, секако, тој не можел да управува со земјата. За власт се бореле влијателните бојари – претставници на старата аристократија.
На 8-годишна возраст останал сираче. Кнезовите Шујски станале негови старатели, но не му обрнувале многу внимание, а според неговите сеќавање дури и не го најадувале. Историчарот Сергеј Соловјов сметал дека имено суровото детство го формирал жестокиот карактер на царот. „Користољубивоста, презирот на заедничкото благо, презирот кон животот и честа биле посеани од Шујски – израснал Грозни“.
Во 1547 година, на денот на неговото полнолетство, тој станал цар. Пред него сите водачи на Московска Русија ја носеле титулата велики кнез – тој прв се прогласил себеси за цар, кајсер, во западната терминологија „император“ чија власт е еднаква на онаа на Бога.
Ваквата титула им дала на Русија и на водачот голема тежина во очите на европските монарси. Како император Иван Грозни го признала анлиската кралица Елизабета Прва, императорот на Светата Римска Империја Максимилијан II Хабсбург и други. Со Елизабета Иван водел долга преписка и, според легендата, ја барал за жена. Таа го одбила царот, затоа имено за времето на Иван Русија и Англија започнале меѓусебна трговија.
Во младоста Иван IV се обидувал да управува прогресивно: во периодот од 1549 до 1560 година раководел со земјата заедно со неформалната влада на Избраната рада (блиски луѓе, млади претставници на аристократијата и на духовните кругови).
Радата направила низа важни реформи, власта ја сосредоточила во рацете на царот и го ограничила влијанието на бојарите. Сепак, потоа Иван ја распуштил и почнал да владее самиот.
На местото на Избраната рада во 1565 година дошла опричината – епоха на жестока репресија. Царот ја разделил територијата на Русија на „земшлина“, каде на власт биле бојарите, и на „опричина“ со која владеел директно тој со помош на избрани опричиници (телохранители кои биле дел од националната гарда).
Јадрото на опричината, според сведоштвата на современиците – германските дворјани Таубе и Краузе, - било составено од своевиден „црковен орден“ на чие чело бил лично царот Иван. Членовите на орденот се облекувале како монаси и заедно со царот се молеле. Нивни симболи биле кучешка глава и метла. „Тоа значи дека тие најпрво касаат како куче, а потоа го изметуваат сето она што е излишно од земјата“, пишуваат Таубе и Краузе.
До 1577 години опричиниците ги тероризирале бојарите и нивните приврзаници и колеле цели семејства. „Дојде до убиство на жени, на деца, до безмислосни изживувања над жените на оние што беа обвинети за предавство, до јавни егзекуции со најжестоки методи“, пишува историчарот Дмитриј Володихин. Кон крајот на овој период биле убивани дури и самите водачи на опричиниците. Според оценките на историчарите во овој период загинале најмалку 4.5 илјади лица.
За време на своето управување Иван Грозни војувал, се обидувал да ја зголеми територијата на земјата. Од една страна тој ги уништил Казањското и Астрахањското ханство и ги присоединил кон Русија. За време на неговото владеење кон руската држава биле присоединети Приволжје и Приуралје, започнало освојувањето на територијата на Сибир.
Од друга страна, пак, Русија ја изгубила Ливонската војна 1558-1583 против Полска и Шведска, со што не е обезбеден излез кон Балтичкото море. Централниот дела од земјата со децении бил напаѓан од кримските Татари. Во 1571 година тие дошле дури и до Москва и запалиле сè, освен Кремљ. Подоцна Татарите биле победени, но Русија била разорена.
Царот најискрено верувал во Бога, давал штедри донации на манастирите, без оглед на тоа дека меѓу убиените по негова наредба имало и свештеници. Образован, добар оратор, Иван IV со помош на холандските печатари во Москва ја основал првата типографија во Русија, го задолжил духовништвото да организира школи во кои децата ќе се описменуваат. За време на неговото владеење во Москва се појавиле и своевидни конзерваториуми.
Во исто време тој бил мошне жесток и одмазнички настроен (што особено било видно во периодот на опричината, лично издавал наредби за погубувања.
Иван сменил најмалку 6 жени, имал 8 деца, а најголемиот дел од нив починале додека биле бебиња. Најстарото дете на Иван умрело во 1581 година – низа летописи укажуваат на тоа дека царот случајно го убил принцот, удирајќи го со жезлото за време на една расправија. Дел од истражувачите сметаат дека оваа приказна е измислена и сметаат дека принцот умрел од болест. На оваа легенда ѝ е посветена и една од најпознатите слики од Третјаковската галерија „Иван Грозни и неговиот син Иван“ на Иљја Репин. На неа е претставен Иван Грозни, старец со безумни очи, кој го прегрнува својот син кој умира, откако осознал што сторил.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче