Подводните камења на сириската кампања

Валериј Курту
Терористичките напади во Париз и на Синај, а и претходно започнатата воена интервенција на Русија во Сирија, нагло ја зголемија можноста за регионална криза. И, еве, меѓународните сили за борба со ИДИЛ постојано вклучуваат нови надворешни (нерегионални) актери. Само кус период наназад ваква одлука донесоа Велика Британија и Германија, иако тие претходно не покажуваа желба за активно учество.

Што да се очекува? Навистина ли се формира коалиција против тероризмот за која сите зборуваат? Тешко. Главната причина е во тоа што целите и задачите на оние што задолжително треба да земат учество во коалицијата не се совпаѓаат.

Ситуацијата е парадоксална. И покрај сите огромни разлики во приодите на надворешните играчи (САД, Франција, Русија, Велика Британија...) тие на сличен начин го идентификуваат непријателот. За решавање на оваа задача потребна е активна интеракција на регионалните играчи – оние од Сирија и блискоисточните во целост. Теоретски, имено, тие треба да ги водат основните воени дејства. Но, излегува дека нивните приоритети се поинакви. За Турција основна закана е курдскиот проблем, кој се восприема како многу поопасен, одошто ИДИЛ. Саудиска Арабија се плаши од иранската (шиитска) експанзија многу повеќе одошто од приврзаниците на Ал Багдади. Иран води сложена регионална игра, а ИДИЛ е само еден од нејзините правци. Башар ал Асад, пак, има мошне широк асортиман на противници, во него влегуваат радикалните исламисти, но не се само тие. Другите земји од регионот трескавично се обидуваат да ја задржат контролата над сопствената ситуација, така што се принудени постојано да балансираат. ИДИЛ не се восприема како непријател во секој момент.

Ваквата положба на работите практично ја исклучува реалната голема коалиција. Затоа, пак, им црта на надворешните држави непријатна перспектива. Сите сфаќаат и зборуваат дека без победи на земја не може да се победи ИДИЛ. Им се предлага да војуваат на оние што живеат на Блискиот Исток, уште повеќе што во овој регион по навика се проколнуваат „колонизаторите“ за мешање. Но, доколку и војуваат, тие нема да се борат со тероризмот, ами еден против друг, а тоа не смее да се допушти. Значи, зголемување на военото присуство може да биде неопходно и за Русија, и за САД, и за Франција, и за сите други. Притоа, сите знаат дека директните интервенции на Блискиот Исток се ризични.

Мотивите на Москва

Руската мотивација за сириската кампања е повеќеслојна. Заканата од неконтролираното ширење на тероризмот, секако, претставува главен мотив. Друг пласт се односите со официјалната сириска власт, која е дамнешен партнер. Ова лето стана јасно дека ресурсите на режимот се при крајот. Тој беше многу поцврст одошто предвидуваше Западот во 2011 година, но исцрпувачката војна остава свои траги. Падот на Ал Асад би бил доживеан како голем пораз на Москва.

Своја улога одиграа и инструменталните мотиви. На пример, стремежот да се прошири полето за разговор со Западот, кој во последниве две години речиси во целост се сведе на украинската тема и на минскиот процес.

Впрочем, руските дејства во Сирија треба да се разгледуваат и во поширок светски контекст. Москва посегна по правото што во последниве 25 години (од моментот на „Пустинска бура“) монополски го држеа Соединетите Американски Држави. По правото за примена на сила за воведување меѓународен ред, односно за функцијата „светски полицаец“. Русија се втурна во сферата во која се решаваат прашањата на хиерархијата.

Менување на правилата на игра

„Монополарниот свет“ подразбираше дека војната „во име на мирот“, односно оние што не се поврзани со постигнувањата на сопствени конкретни и јасни цели, ја водат само САД со поддршка на своите сојузници. Москва, со започнувањето на операцијата, го промени распоредот на силите и на перспективите за решавање на најважните меѓународни конфликти, при што таа нема некаква практична полза. Ова е прерогатив на највисоката воено-политичка лига, која е способна да го диктира дневниот ред.

Друг важен момент е што конфликтот во Сирија најверојатно ја завршува епохата на „хуманитарно-идеолошки“ приод кон решавање на локалните кризи. До неодамна најважен елемент во дискусиите на меѓусебните препукувања беа обвиненијата за злосторство против сопствениот народ, за жестоко задушување на протестите итн. Водачот што е извалкан со вакво однесување се запишува во категоријата на оние со „изгубен легитимитет“, па така дијалогот со нив станува непотребен/недопустлив. Садам Хусеин и Моамер Гадафи минаа по тој пат, а Башар ал Асад треба да го повтори. Но, сега хуманитарниот аспект, се чини, повторно останува зад реалистичкиот приод. Црно-белото делење на добри и лоши момци доведува до ќор-сокак, треба да се тргува со сите.

Виенска траекторија

Принципиелно нова етапа за Сирија беше средбата во Виена. Ова е втор (по иранскиот „нуклеарен“ маратон) случај на преговори со отворено финале, кога формата за решавање треба да се определи во текот на дискусијата, а не да е пропишана претходно, така што на учесниците им останува само да го разгледаат патот за неговото постигнување. Како ќе биде устроена Сирија по војната сега не знае никој, и во дадениов случај тоа е добро. Се разбира дека не постојат никакви гаранции за успех, но концепциски патот е многу поздрав. За жал, удар против процесот е остриот руско-турски конфликт, кој беше предизвикан со уривањето на рускиот авион.

Русија нема желба, ниту ресурси за водење долга кампања во Сирија. Политичко решение на Москва ѝ потребно исто онолку колку што им е потребно на другите. Сега, секако, тоа во себе треба да го вклучува и фактот на забележливо присуство на Русија во Сирија. Тешко е да се претстави дека Кремљ ќе се откаже од воената инфраструктура што беше брзо создадена таму, исто како што Соединетите Американски Држави не заминуваат од Авганистан по целосното завршување на мисијата.

Одење по тенката црвена линија

На Русија ѝ претстои лукава еквилибристика. Како прво, да обезбеди сопствено геополитичко присуство во Сирија во перспектива, независно од конфигурацијата на власта во оваа земја. Како второ, да не ги подрива односите со Иран, кои одат во добра насока – таа е важен регионален партнер во перспектива. За Техеран зачувувањето на сегашниот режим е од животна важност, а тој не предвидува без основа дека секоја промена ќе биде фатална за иранската доминација во Сирија. Сириската епопеја е речиси единствената што ги цементира овие односи, во секоја друга смисла Техеран гледа на Русија со сомнеж. Како трето, да не се претвори во голема држава, која ги опслужува регионалните интереси на Иран во ист степен како што САД, на пример, долго време ги опслужуваше интересите на Саудиска Арабија.

Впрочем, ескалацијата на настаните, брзиот пораст на обемот во последниве недели принудува да се направи уште еден заклучок, кој не е за утеха. Денес веќе не станува збор за Сирија, туку за иднината на целиот регион, а решавањето на сириската криза е невозможно без преструктуирање на Блискиот Исток. Оваа задача, пак, е со многукратно поголем размер и со многукратно поголеми ризици. Денес Русија не се плаши да ризикува.

Фјодор Лукјанов е главен уредник на списанието „Русија во глобалната политика“ и научен советник за национално истражување при универзитетот Виша школа за економија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.