Бајковит зимски пејзаж и најладната точка на северната полутопка. Извор: РИА Новости.
Источносибирското село Ојмјакон (Република Јакутија) е едно од најладните места на планетата. Воедно е и најладна точка на северната Земјина полутопка и најладно постојано населено место на Земјата. Во зима, температурата на овој „пол на студенилото“ се спушта на минус 60 Целзиусови степени. Тешко е да се замисли дека луѓето воопшто можат да живеат во олку тешки климатски услови, а овој крај всушност е прочуен по долговечните жители.
Ако мамутите не изумреле, велат научниците, тие денес би живееле во околината на Ојмјакон. На метеоролошките карти на целиот свет јакутското населено место е означено како најладна точка на Северната полутопка. За прво место се брои и Верхојанск, каде апсолутниот минимум на температурата е -67.8 Целзиусови степени, измерени во февруари 1892 година (на Ојмјакон во тоа време сè уште не биле вршени мерења). На сувенирите во Ојмјакон пишува -71.2ºС, но на оваа бројка не треба да ѝ се верува, тоа е теориска вредност што ја има одредено академикот Сергеј Обручев во 1926 година како најниска можна точка на паѓање на температурата.
Во Ојмјакон дури и водата се однесува чудно: не замрзнува дури и на минус 60. Не постојат никакви магии и шаманизам. Длабочината на замрзнување на тлото во овој регион е најголема на светот – до 1500 метри во длабочина. Замрзнатата земја се шири и ги потиснува подземните води на површина. Зборот „ојмјакон“ на јазикот на тукашните Тунгузи значи „река што не замрзнува“. Тука нема ветар, времето постојано е сончево, во долината меѓу планините се простира мешавина од тундра и степи, каде мирно талкаат космести коњи што не се поголеми од циркуско пони и воопшто не личат на своите роднини од топлите краеви: нивните густи влакна назима се долги и по 10 сантиметри, а гривата не им го покрива само вратот, туку и дел од грбот. Оддалеку не може да се види дали е коњ или мечка. Овие единствени јакутски коњи се врсници на мамутот. За Тунгузите, тукашните жители, тие се верни соборци во преживувањето на „полот на студенилото“.
На температура од 60 степени под нулата за неколку секунди може да замрзне лицето, ако не се заштити – доволно е само малку да дувне ветар. Живата во термометарот замрзнува, а кога се истура врела вода во шолја или во воздух, таа се претвора во снежен облак. Мошне е тешко да се запали кола на толкаво студенило. Странските автомобили на таква температура воопшто не палат, а рускиот „Урал“ или „ВАЗ“ можат да се загреат само со помош на отворен оган или со лед-ламба. А, кога ќе се загрее колата, таа првите неколку километри мора да оди само право, зашто при вртењето може да се откачи тркалото.
Па, сепак, во такви, би се рекло нечовечки услови, тукашните жители успеале да најдат компромис со природата, па дури и станаа славни по големиот број долговечни луѓе. На должината на животот, веројатно, влијаат веќе познатите фактори: сосема чист воздух, совршено чиста вода, активен начин на живот и здрава исхрана. Тука луѓето најмногу јадат риба, коњско месо и млечни производи. Недостатокот од овошје се компензира со диви плодови.
Тунгузот Андреј Данилов има 102 години. Сиот живот чувал елени, тоа му е работа. Тунгузите престанаа да прават колиби од еленска кожа, така што Андреј ноќева во шатор од цирада на минус 70 степени и сè уште е бодар и расположен. Татко му живеел 117 години, а мајка му 108. Пријателите на Андреј, брачниот пар Арјан и Афросинија, живеат во тркалезен шатор што се вика „јурта“. Никогаш немале деца, па неодамна, кога наполниле 90 години, посвоиле едно девојче. Сега Арјан и Афросинија се занимаваат со одгледување стока. Велат дека никогаш во животот не биле болни. Веруваат дека причината за нивното здравје се два млечни производи: хајак и кјорчех. Хајак по вкусот потсетува на полномасен путер. Кјорчех според рецептот личи на нашиот сладолед: свежо кравско млеко се мати со овошје, а потоа добиената маса се замрзнува и од неа се прават лепини.
Но, сепак, најпознатото јадење на Ојмјакон е „строганина“. Почнува да се подготвува уште додека се лови рибата. Се подготвува исклучиво од деликатесни видови риба: кечига, дунавски лосос и „чира“ (Coregonus nasus), под услов рибата да биде уловена под мраз. Тукушто уловената риба Тунгузот ја убива со еден прецизен удар и ја остава да замрзне, но постојано ја исправа, зашто ако се замрзне искривена, потоа тешко ќе може да се струга. Строганината се јаде исто како шпанскиот хамон. Замрзната риба ја внесуваат во куќата и веднаш почнуваат да ја стружат (на руски: „строгать“, оттука и називот „строганина“). Рибата се струже така што секој слој е прошаран со поткожно масно ткиво – токму тоа содржи масни киселини Омега-3, кои ја подобруваат работата на срцето и го забавуваат стареењето.
Сиве овие јадења не можат да се подготват во некој јужен град, ниту, пак, можат да се однесат на југ. Тие постојат исклучиво како дел од животот на Север, онаму каде сонцето свети заслепувачки,, каде стогодишниците ги пасат елените, а малите коњи личат на мечки.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче