Четири нерешени прашања помеѓу Русија и ЕУ

Ројтерс
Во контекст на обидите на Европската Унија да ги дефинира принципите врз основа на кои треба да се развиваат односите со современа Русија, „Руска реч на македонски“ ги анализира проблемите кои моментално претставуваат пречка за Москва и Брисел да ја прекинат конфронтацијата и да започнат да соработуваат.

Шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ на 14 март ги разгледуваа односите на Унијата со Русија и се решија за „селективна“ соработка со РФ за определени прашање, како што е на пример миграцијата и борбата со тероризмот.

Што им пречи и на едната и на другата страна да соработуваат во полна мера и во врска со сите прашања, а не „селективно“? Според мислењето на експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“, пречка претставуваат најмалку четири проблеми.

1. Санкции

Санкциите што Европската Унија ги воведе по примерот на САД во врска со украинската криза, сериозно ги расипа односите помеѓу Русија и ЕУ, истакнуваат експертите. Истото важи и за контрасанкциите, односно за ембаргото што Русија го воведе за низа производи од ЕУ и од САД.

По неколку месеци ЕУ ќе мора да го решава прашањето за судбината на економските санкции кон Русија. Аналитичарите сметаат дека режимот на санкции најверојатно ќе биде продолжен.

Од друга страна, според директорот на Агенцијата за политички и економски комуникации Дмитриј Орлов, сега е тешко да се најде адекватно оправдување за санкциите, со оглед на тоа дека „Русија ефикасно соработува во стабилизирање на ситуацијата на југоистокот од Украина и на имплементација на договорот од Минск“.

2. Договорот од Минск

Договорот од Минск претставува патоказ за мир во Донбас. Тој пред една година во главниот град на Белорусија беше усогласен меѓу лидерите на Русија, Франција, Германија и на Украина. Ова претставува клучен момент на сите дискусии во односите помеѓу Русија и Западот. Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Федерика Могерини по средбата со шефовите на дипломатиите на европските земји изјави дека „целосната имплементација на договорот од Минск е клучен елемент за секоја важна промена на нашите односи со Русија“. Како што истакнува Орлов, РФ и ЕУ различно го толкуваат минскиот договор. Москва смета дека главната одговорност за неисполнувањето на „Минск“ ја носи Киев, додека европските престолнини за тоа ја обвинуваат Москва.

Сам по себе украинскиот конфликт во определена мерка е одраз на несогласувањата помеѓу РФ и ЕУ. Како што вели во интервју за „Руска реч на македонски“ Андреј Суздаљцев, продекан на Факултетот за светска економија и политика при Вишата школа за економија, смената на власта во Киев се одвивала под паролата за вртење кон Европа и за потребата од потпишување на спогодба за асоцијација помеѓу Украина и ЕУ. Ваквата политика на соседната земја не ѝ годеше на Москва.

Договорот од Минск ја обврзува Украина да усвои амандмани на уставот поврзани за статусот на Донбас, но овој процес е запрен во украинскиот парламент на неопределено време. Поради тоа не е јасно каква ќе биде понатамошната судбина на договорот што минатата година го постигнаа лидерите на четирите земји.

3. Сирија

Сириската криза е уште еден момент во кој доаѓаат до израз несогласувањата помеѓу Брисел и Москва.

Сè досега, смета Орлов, Западот и Русија како надворешни актери немаа доволно меѓусебно разбирање, ниту ги сфатија меѓусебните односи на спротивставените коалиции што ги предводат Москва и Вашингтон. Ова послужи како кочница за време на носењето на многу одлуки кои се однесуваат на политиката на ЕУ и на РФ кон Сирија, но и на други проблеми, како што е миграциската криза. Во Европската Унија постоеше тврдење дека на Руската Федерација ѝ одговара бранот бегалци кој ја преплави Европа, и овој процес се поврзува со дејствувањето на руската авијација во Сирија.

Со одлуката на претседателот на Русија Владимир Путин за повлекување на главните сили од Сирија намалена е заостреноста на несогласувањата помеѓу РФ и ЕУ во врска со ова прашање.

4. Различни вредности

Во Европа често се зборува за различните вредности како проблем кој ги разделува Русија и Европската Унија. Постои мислење дека овие несогласувања се засновани на различниот поглед на светот и на различната идеологија.

„Современите Европејци ја дефинираат надворешната и внатрешната политика на другите земји, вклучувајќи ја и Русија, тргнувајќи од особеностите на политичкиот режим на конкретна земја“, нагласува Максим Братерски од Центарот за европски истражувања на Вишата школа за економија. Кога станува збор за Европската Унија, тој тврди дека нејзин „пријател, сигурен и безбеден сојузник може да биде само онаа земја која се темели на либерално-демократските вредности“. Истакнувајќи ја специфичната црта на Русија, на која ѝ е неопходен висок степен на централизација на власта, Братерски не гледа излез од ваквата ситуација.

Од друга страна, многумина не мислат дека ова претставува сериозен проблем. Според Дмитриј Орлов, на пример, разликата во вредностите постои, но таа не е толку голема за да претставува пречка за сестран дијалог.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња