Првиот човек на Русија Владимир Путин му нареди на министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу на 15 март да започне со повлекување на основните сили од Сириската Арапска Република. „Сметам дека задачите кои беа поставени пред Министерството за одбрана се во целост исполнети. Затоа наредувам од утрешниот ден да започне повлекување на основните единици на нашата воена групација од Сириската Арапска Република“, изјави Путин.
Како што подвлече тој, пред повлекувањето вооружените сили на РФ треба да организираат стабилна заштита на пунктовите на постојаното базирање на руските вооружени сили на пристаништето Тартус и на авиобазата Хмејним, кои ќе продолжат да функционираат во истиот режим.
„Дел од нашите воени единици се наоѓаа во Сирија традиционално во текот на многу претходни години, а денес тие ќе треба да исполнат мошне важна функција – контрола на прекинот на огнот и создавање услови за мировниот процес“, додаде шефот на државата.
Според главниот уредник на магазинот „Русија во глобалната политика“ Фјодор Лукјанов, Русија ја исполнила својата основна задача во Сирија и не дозволила земјата да го повтори патот на Либија – да се претвори во целосно неконтролирано жариште на нестабилност во регионот.
„Главната цел на операцијата на руските воено-космички сили не беше само спротивставување на борците на ИДИЛ, туку и менување на текот на граѓанската војна. За сметка на нашите авионски напади, владината армија успеа да отстрани дел од радикалната опозиција и од терористите од најголемите градови во земјата“, подвлекува експертот.
Според него, Русија ќе тргне по патот на САД во Авганистан – ќе повлече поголем дел од војската, но ќе остави политички значенска и ефикасна групација. Така, дел од вооружените сили на РФ ќе бидат базирани на територијата на Сирија на пристаништето Тартус и на авионската база Хмејним.
Според шефот на одделението за евроазиска интеграција и развој на ШОС при Институтот на земјите од ЗНД Владимир Евсеев, намалувањето ќе се однесува само на пешадијата и на воздушно-космичките сили. „Во целост ќе биде задржана групата бродови во Средоземно море, а исто така системите ПРО, РЕБ и разузнавањето во регионот. Русија сака да иницира мировен процес и затоа е подготвена на повлекување на 'борбениот' дел од својата војска“, вели за „Руска реч“ воениот експерт.
Како што забележува Евсеев, доколку настаните почнат да се развиваат во негативна насока, а Турција и Саудиска Арабија го искористат намалувањето на руското воено присуство, Москва ќе ги врати своите воено-космички сили во целост.
„Засега не постои никаква 'победа на земја'. Русија се обидува да ја смени ситуацијата, со цел да го намали бројот на странски играчи во сирискиот случај. За постигнување успех, со сегашното воено темпо ќе бидат потребни, во најмала рака, осум месеци борби и стрелање од воздух, што ќе доведе до уништување на инфраструктурата и до гинење на мирното население. Тоа никој не го сака“, додава експертот.
Според него, Русија водела консултации зад затворени врати со САД и го започнала намалувањето со ветување за намалување на турското инволвирање во сирискиот проблем. „Во таков случај ќе успееме полесно да ја решиме кризата. Слични обврски можат да важат и за партнерите од Саудиска Арабија“, подвлекува Евсеев.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче