Претседателот на Русија Владимир Путин.
EPAКонференцијата мина во мирна и релаксирана атмосфера, како што беше и обраќањето на Путин пред Федералното собрание од почетокот на месецов. Немаше никакви нови пресврти. Кажано беше она што и претходно беше познато. Но, мислам дека Путин успеа да ја охрабри и да ја утешни домашната публика. Во руското општество се имаат насобрано премногу прашања поврзани со системот „Платон“ (систем за наплата на патна такса од автопревозниците), со станбено-комуналната сфера и со економијата.
Владимир Путин уште еднаш кажа: „луѓе, сè е во ред, не грижете се“, но не се добива впечаток дека овој пат тоа е прифатено. Зборовите на шефот на државата се важни, но постојат и објективни појави кои ги удираат луѓето по џебот. Претседателот чесно призна дека буџетот е формиран врз основа на поинакви цени на нафтата од оние што ги гледаме сега. Но, не одговори на прашањето што да прават оние што се најдоа неподготвени. Јасно е дека економијата и понатаму ќе паѓа доколку цената на барелот продолжи да оди надолу.
Во поглед на Турција сè е јасно. Тука Путин само го повтори претходно изнесениот став. За волја на вистината, вознемирувачки звучат зборовите на претседателот за тоа дека ќе биде тешко да се обноват општествените и културните врски со Турција. Ова не е сосема јасен став. Зошто граѓаните на Турција треба да страдаат поради потезите на нивното раководство?
Претседателот разговараше со новинарите во стил кој му е својствен нему. Како и секогаш беше мошне добро информиран. Се доби впечаток дека е подготвен за секое прашање и дека му е важно да одговори мошне исцрпно.
На пример, за граѓаните на Русија е мошне болно прашањето за протестите на автопревозниците. Оваа тема повеќе не е чисто економска, таа веќе предизвикува напрегнатост во целото руско општество. На Путин му беше мошне важно да покаже дека е упатен во оваа ситуација до детали, и дека Владата на Руската Федерација не е збунета, ами дека веќе има конкретни предлози.
Кога станува збор за најострите меѓународни прашања, ставот на Путин е прилично конструктивен и отворен. Во врска со ситуацијата со Турција, тој направи јасна разлика помеѓу односите кон турското раководство и кон турските бизнис-кругови. И покрај безумната постапка на раководството на Турција, Русија е подготвена да ги продолжи економските односи и големите инвестициски проекти, односно изградбата на нуклеарната електрана и гасоводот Турски тек.
Исто толку беше одмерен и неговиот одговор на прашањето за Минскиот мировен процес. Претседателот на Русија се повика на конкретни одредби од меморандумот од Минск и покажа дека Киев формално демонстрира некакви чекори, но реално всушност го кочи целиот процес.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.