Извор: Владимир Песња / РИА Новости
За украинската криза
Министерот изјави дека Москва го смета претседателот на Украина, Петро Порошенко, за главен партнер во барањето излез од кризната ситуација во Донбас. „Мировниот план што тој го предложи и соодветните иницијативи на претседателот Владимир Путин станаа основа за познатите спогодбите од Минск, чие исполнување претставуваат клуч за излегување од моменталната криза“, забележа Лавров.
Шефот на руската дипломатија изјави дека Русија очекува вистинска уставна реформа во Украина, која треба да доведе до постигнување „сериозно преработен и обновен општествен договор, кој целата полиетничка украинска јавност ќе го восприема како долгорочен документ, фундамент на правната држава, кој гарантира рамноправност на регионите и на националностите“.
Според Лавров, има уште многу време додека дојде до намалување на тензиите во Украина. „Засега е сосема очигледно дека сме далеку од оваа цел“, изјави првиот човек на руското МНР.
Москва и Вашингтон
Одговарајќи на прашањата поврзани со односите меѓу Русија и САД, Лавров вели дека Москва е отворена за дијалог со Вашингтон, но нема да ги погазува своите интереси без оглед на околностите.
„Од своја страна секогаш сме отворени за конструктивен и чесен дијалог со САД, како во билатералните односи така и на светската арена, каде што нашите земји носат особена одговорност за меѓународната безбедност и стабилност. Прашањето е во тоа кога Вашингтон ќе биде подготвен за соработка врз принципите на вистинска рамноправност и имајќи ги предвид руските интереси, кои, без разлика на околностите, немаме намера да ги погазиме“, изјави рускиот министер.
ПРО и ДЛРСД
Според Лавров, САД директно ја обвинија Русија за нарушувањето на Договорот за ликвидација на ракетите од среден дострел, но за тоа досега не постојат никакви докази. Тој, исто така, забележа дека САД ја игнорираат загриженоста што ја покажуваат руските власти.
„За разлика од него (Договорот за ликвидација на ракетите од среден дострел – заб. ред.), Американците планираат од следната година на територијата на Романија и на Полска да го постават системот ПРО, кој во исто време може да се користи за лансирање ударни крилати ракети со среден дострел, какви што се ‘Томахавк’... Во Вашингтон, за жал, се преправаат дека не ја сфаќаат загриженоста“, вели Лавров.
„Предупредуваме дека во некоја етапа од развојот на американскиот ПРО ќе мораме да преземеме адекватни мерки за осигурување на сопствената безбедност“, рече Лавров.
Односите Русија – НАТО
Односите меѓу Русија и НАТО во моментов ја преживуваат најсериозната криза од времето на студената војна, при што Русија се залага за зачувување на каналите за политички дијалог, рече Лавров. „Алијансата го продолжува курсот на задржување на Русија, се преземаат чекори за зацврстување на воениот потенцијал и за последователно зголемување на военото присуство на блокот покрај руските граници“, рече министерот.
За санкциите од Западот и одговорот од Русија
Москва нема да ги отповика мерките за ограничување на увозот на прехранбени производи од Европската Унија, кои беа воведени како одговор на санкциите, по сопствена иницијатива – односите меѓу РФ и ЕУ се дојдени „до точка кога гестот на добра волја не дава резултати“, изјави Лавров.
„Немаме намера да разгледуваме какви било критериуми за симнување на санкциите. Нивното симнување е работа на оние што ги воведоа. Се разбира, доколку ЕУ покаже здрав разум, ќе бидеме подготвени за конструктивна заемна соработка во врска со ова прашање“, рече Лавров.
Русија и Истокот
Според Лавров, Русија нема намера да го менува курсот во односите со Кина, со оглед на тоа што тие се во согласност со коренитите интереси на двете земји. „Ова е однос што е во целост од заемен интерес, во кој не постојат постари и помлади, надредени и потчинети. Курсот на руско-кинеските односи е продолжен, имајќи ги предвид интересите на народите на двете земји, така што ние немаме намера да го менуваме“, забележа тој.
„Причината што развојот (на односите – заб. ред.) е толку успешен се наоѓа во тоа што тој се засновува на цврста основа, земајќи ги предвид заемните интереси, заемното почитување, рамноправноста, невмешувањето во внатрешните работи, подвлече министерот.
Соработка во борбата против тероризмот
Првиот човек на руското МНР даде на знаење дека засега не може да се зборува за соработка меѓу Москва и Вашингтон во борбата со терористичката група „Исламска држава на Ирак и Левант“. „Вашингтон нас не нè гледа како директен учесник во антиидиловската коалиција, која тој ја креираше според сопствените правила и параметри, само за себе, без да се потпре на меѓународното право. Згора на тоа, претседателот (на САД – заб. ред.) Барак Обама во неколку наврати ја стави Русија во ист ред со глобалните закани, какви што се ИДИЛ и треската ебола“, изјави министерот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче