Руските политиколози сметаат дека понатамошниот развој на настаните во Украина во голема мера зависат од сегашното раководство во Киев, односно од тоа дали тоа ќе ја сфати пораката на Русија или ќе сака и понатаму да ја заострува ситуацијата. Извор: РИА Новости.
Алексеј Чеснаков, директор на Центарот за политичка конјунктура
Одлуката на Путин за времето и за местото на примена на ограничениот воен контингент на територијата на Украина ќе зависи од тоа колку ќе се заострува ситуацијата таму. Ако екстремните радикали спроведат „општа“ мобилизација и ако продолжат да им се закануваат на мирните граѓани, одлуката може да биде донесена прилично брзо. Ако не бидат толку воинствени, можеби и нема да има потреба од испраќање војска.
Секако, појавата на рускиот воен контингент на територијата на Украина може да биде сигнал за дополнително активирање на екстремните радикали, особено во западните и во централните делови на земјата, но тешко дека овој фактор ќе биде пресуден за претседателот за време на донесувањето на одлуката.
Треба да се има предвид дека значителен дел од меѓународната заедница исклучително остро ќе реагира на влегувањето на руската војска во Украина. Но, во сегашната ситуација шефот на државата ќе мора да се ориентира на националните вредности и интереси.
Глеб Павловски, директор на Фондот за ефикасна политика
Ако Путин решил да направи моќен потег, тој нема да испрати војска. Но, ако решил да испрати војска, тогаш тој чекор ќе го одложува додека не се појави убедлив аргумент. Со оглед на тоа дека ситуацијата во Украина се менува на секои 15 минути, многу работи можат да се третираат како загрозување на Црноморската флота.
Тука, меѓутоа, треба да се разбере во која мера е тоа опасен и неотповиклив потег (испраќањето на ограничен воен контингент). Кога руската војска ќе се најде на територијата на Украина, каде денес не постои државна контрола, таа таму ќе биде топка која ќе удри различни сили, а влегувањето на војската ќе придонесе до ширење на револуцијата во Украина.
Наша сегашна задача е да се локализира проблемот. Наше право е, секако, да имаме гаранција за почитувањето на нашите интереси на Крим, како и гаранции дека ќе ни бидат вратени 2 милијарди долари, но не гледаме смисла да се воведува дополнителен контингент војници кои ќе се претворат во заедничка украинска мета.
На меѓународно рамниште влегувањето на војската ќе се третира како агресија и авторитетот на Русија во светот ќе биде разнишан. Кај сојузниците од Заедницата на независни држави ваквиот чекор ќе предизвика недоверба, зашто тие овие настани ќе ги проектираат врз себе. Западот навистина постапи неубаво кога по потпишувањето на спогодбата со Јанукович не се обиде да го заштити. Путин има право да се лути во врска со ова прашање, но не можеме да си дозволиме со децении да ги санираме последиците.
Константин Калачов, раководител на Политичката експертска група
Мислам дека ова е војна на нерви. Понатамошниот развој на настаните многу зависи од раководството на Украина, односно од тоа дали тие ќе ја сфатат пораката на Русија или ќе сакаат и понатаму да ја заоструваат ситуацијата. Пораката е следнава: ние немаме намера да бидеме пасивни набљудувачи, но тоа не значи дека раководството на Русија е подготвено да ја премине црвената линија. Одлуката на Советот на Федерацијата најпрво треба да се сфати како потстрек за сериозни преговори.
Ако руските трупи бидат испратени во Украина, сè ќе зависи од обемот на примена на сила.
Едно е контрола врз инфраструктурните објекти и одржување на редот, а нешто сосема друго се жртвите до кои може да дојде како последица на провокации од која било страна. Руската војска на Крим може да биде дочекана пријателски, но прашање е како би била пречекана во другите региони, па и во Харков.
Кога станува збор за последиците што Русија ќе ги има во случај на испраќање на свои трупи во Украина на меѓународен план, победата ќе ја однесе оној што има појаки нерви. Секако дека меѓународната заедница ќе дава остри изјави, а подоцна може и да се зборува за мировна операција во Украина. Но, во сегашната ситуација и во блиска иднина ова прашање не е актуелно. Меѓународна изолација на Русија е можна само во случај доколку дојде до масовно крвопролевање во Украина.
Станислав Белковски, политиколог
Сметам дека станува збор за усогласување на сценариото за доведување на власт на Јулија Тимошенко. Таа е во многу добри односи со Путин, тие се пријатели и партнери. Тимошенко сака да биде претседател на Украина, но не е популарна на Мајдан.
Да замислиме дека сега Јулија Тимошенко излегува на сцена, ги регулира односите со Русија и станува претседател. Не сум сосема сигурен дека оваа информација е точна, но самата верзија на настаните ми делува уверливо.
Рускиот текст на порталот gazeta.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче