Подготвена ли е Русија за ризиците од „Големата игра“?

Алексеј Иорш
Западот се противи на поддршката што Русија ѝ ја дава на легитимната власт во Сирија. Од една страна, борбата против Исламската држава е заеднички декларирана цел и на Русија и на западните земји, а, од друга страна, спротивставеностите меѓу заинтересираните страни се такви што е тешко да се замисли нивно единство во оваа борба.

Официјалниот претставник на администрацијата на САД ја предупреди Русија дека таа може да се најде во изолација доколку продолжи да му дава поддршка на режимот на Башар ал Асад во Сирија. И други западни лидери изразуваат загриженост, за волја на вистината малку нејасно, зашто никој од нив нема јасна концепција за дејствување во кризното подрачје. Оттука произлегува и поделеноста во ставовите. Едни велат: „Не треба да се дозволи ‘учтивите луѓе во зелена униформа’ да дојдат во Латакија“, а други, пак: „Нека се обидат Русите, можеби и ќе постигнат нешто“.

Да ја отфрлиме идеолошката пристрасност со која се доживува секој потег на Русија и да се обидеме да сфатиме зошто не може да се формира единствен фронт за борба против Исламската држава, иако е неоспорно дека е тој крајно неопходен. Постои цела низа фундаментални несогласувања, од кои некои се јавно искажани, а некои се само навестени.

Прво, кога станува збор за организацијата Исламска држава (оваа организација е забранета во Руската Федерација – заб. ред.) по инерција се применува категоријата тероризам. Меѓутоа, ова не е најсреќната дефиниција, зашто таа упатува на настаните од почетокот на минатата деценија, кога администрацијата на Буш објави светска борба против тероризмот, со што, всушност, беа стимулирани процесите кои постигнаа кулминација во сегашниот хаос. Освен тоа, доколку со појавата на Исламската држава светот се соочи со тероризам, тогаш станува збор за нов вид и за ново ниво на тероризам. Исламските екстремисти на чело со Ел Бадгади фактички имаат намера да ја урнат сета институционална структура на Блискиот Исток и да постават нови идеолошки и државно-политички темели.

Како и да е, Исламската држава заслужи против неа да бидат преземени најсериозни можни мерки, со примена на цел арсенал средства со кои располагаат државите. Меѓутоа, Западот и понатаму повеќе сака да ја набљудува оваа екстремистичка организација низ призмата на вообичаените претстави за борба против тероризмот, додека Русија е склона да дејствува онака како што е својствено за вистинска војна меѓу две држави.

Второ, не се совпаѓаат претставите за тоа какви перспективи има Сирија во форматот во кој досега постоеше. Западот се фокусираше на личноста на Башар ал Асад, што значи дека е клучно прашањето на западните земји за тоа кој ќе биде на чело на идната Сирија. Поради тоа првенствено значење им се припишува на преговорите за поделбата на власта со опозицијата, на обновување на женевскиот мировен процес итн.

Русија, како што е познато, го поддржуваше и женевскиот и московскиот мировен процес, но, за волја на вистината, од сопствените позиции. Сега, по сѐ изгледа, се увери дека постои мошне поакутен проблем, а тоа е прашањето што ќе остане на крајот од некогашната Сирија. Фактички, дојде до фрагментација на земјата на зоната под контрола на различни сили (или без никаква контрола), така што е тешко и да се замисли обновување на некогашната сириска држава. Со други зборови, прашањето е каде треба да се зацврстат позициите за да се запре продорот на „Исламската држава“.

Јасно е дека во преуредениот ентитет, без оглед како тој ќе се нарекува во иднина, секако ќе биде актуелна и темата за власта. И таа власт ќе мора да се дели, но претходно треба да се види кој дел од Сирија ќе биде зачуван. Во овој момент Москва смета, не без основа, дека некаква коалиција во услови на масовни напади однадвор е добра само доколку различните сили привремено ги отфрлат меѓусебните несогласувања и искрено ќе се обединат против заедничкиот непријател. Сирија не е таков случај. Таму и власта и опозицијата се речиси „зацементирани“ на своите позиции. Во таква ситуација добро е да се принудуваат на соработка (а, теоретски гледано, надворешните актери можат да се обидат во тоа). Коалицијата што евентуално ќе се обиде да ги обедини, брзо ќе се распадне. Јасно е дека во таков случај Исламската држава би го зазела Дамаск.

Сепак, во која мера, и покрај набројаните разлики, е реално да се очекува дека водечките актери ќе постигнат меѓусебна согласност за заедничко дејствување во Сирија? Реките бегалци што течат во Европа и целосната неспособност нешто да се преземе во овој поглед влијаат на брзата промена на расположението на јавноста во Стариот свет. Сега Европејците веќе сметаат дека овие настани треба да бидат запрени по секоја цена, и тоа надвор од Европа. Американскиот став е условен со цела низа различни мотиви, и повеќе не е толку монолитен. Официјалните изјави на Соединетите Американски Држави повеќе не одговараат во целост на реалните ставови, а спротивставувањето на Москва не е мотивирано толку од желбата да се тргне Ал Асад, колку од стравот дека Русија премногу ќе ги зацврсти своите позиции во регионот. Сепак, тоа е повеќе прашање на рационална рамнотежа на интересите, што секогаш е полесно да се реши (иако не е воопшто лесно), одошто судир заснован на идеолошки уверувања.

Се разбира дека со отпочнувањето на кампањата против Исламската држава и со подлабоко вовлекување во перипетиите на Блискиот исток Русија презема врз себе ризик. Постои опасност од материјална штета и особено од човечки жртви, посебно ако се земе предвид суровоста на непријателот. Оваа опасност не може да се предвиди. Меѓутоа, постои и сомнеж во поглед на остварливоста на целта. Не постојат никакви гаранции дека ќе биде постигнат успех, особено доколку се земе предвид замрсеноста на ситуацијата на теренот, каде што војуваат сите против сите и каде што еден на друг си забиваат нож во грб. Руското јавно мислење треба да биде подготвено за различни сценарија.

Сепак, треба да се признае дека одлуката за активно учество во сирискиот судир произлегува од линијата што Русија досега ја спроведуваше. Во меѓународната политика секогаш се цени постапката, а не критиката отстрана. Токму постапката носи поени и го крева статусот. Точно е дека ефектот може да биде и спротивен, но ризикот е секогаш составен дел од „Големата игра“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња