Карикатура: Константин Малер
Фјодор Лукјанов
Земјите на „седумката“ планираат да се соберат без Русија, нивните лидери ветуваат жестока реакција на присоединувањето на Крим и тоа до степен на целосна меѓународна изолација на Русија. Колку е реално сево ова?
Готово е. Надежта на Западот дека референдумот на Крим е тактички потег, игра во која се зголемуваат влоговите, исчезна. Сега треба заканите да се реализираат. А, искуство за вистински санкции против нуклеарната наддржава, која зазема најголем дел од Евроазија, која има огромно влијание низ целиот свет и која претставува гигантски ресурсен резервоар, едноставно не постои.
Можна ли е изолација на Русија на која сега се предупредува? Да се зборува за целосна изолација, секако, не може. Како прво, да се игнорира една таква огромна и значајна земја е невозможно. Како второ, дури и ако Западот ги воведе најсилните санкции, правејќи си себеси на штета, тоа не значи светска блокада. Огромен дел од човештвото, во Азија, на Блискиот Исток, во Латинска Америка, со задржан здив набљудува како по осумдесеттите години од минатиот век некој ја предизвикува американската доминација.
Формална поддршка во врска со присоединувањето на Крим Москва не може да очекува од никого. Без разлика како Кина, Бразил или дури и Иран гледаат на Украина, преседанот на отцепување на дел од територијата на држава признаена од ОН никому не му е потребен. Сепак, фактот дека Русија може да почне вистински да игра самостојна улога на светската арена, без да обрнува внимание на реакцијата на Западот, на многумина им е интересен. Тоа може да го измени глобалниот распоред на силите. Пред Пекинг, на пример, се отвораат добри перспективи.
Антируската мобилизација е можна, уште повеќе што Западот за првпат по 25 години се судрува со отворено одбивање да се игра според правилата кои беа поставени по студената војна. Санкциите ќе бидат насочени кон минирање на руската економија, а тука постојат многу варијанти. Но, постои и друго сценарио. Првата реакција, секако, ќе биде остра. Но, доколку Русија сериозно пристапи кон преориентирање кон исток, реалистички расположените стратези ќе почнат поинаку да се однесуваат кон прашањето. Што е поважно – контрола над Украина, која е далеку од првите места во системот на американските приоритети, или спречување на руско-кинеска алијанса, која сериозно ќе ги загрози позициите на САД? И тогаш одеднаш може да се случи дека слободна Украина и не е толку безусловна вредност за Западот.
Фјодор Лукјанов е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.
Рускиот текст на сајтот kommersant.ru.
"}
Карикатура: Константин Малер
Владимир Колосов
Се плашам дека оптимизмот во однос на можните санкции од страна на Западот би бил избрзан. Секако, големи санкции против една толку голема земја, која воедно е и веќе длабоко интегрирана во светската економија, е без преседан. Но и предизвикувањето од страна на Русија кон геополитичкиот поредок на светот кој беше изграден по распадот на Советскиот Сојуз, носи критички карактер и, безусловно, ќе биде фактор на сплотување на сиот Запад.
Најверојатно, последиците од санкциите врз Русија нема веднаш да се одразат: за најсериозните мерки е потребно многу време и тоа скапо ќе го чини Западот. Како и во осумдесеттите години од минатиот век, САД и нивните сојузници ќе играат на вештачко намалување на светските цени на нафтата, на гасот и на другите суровински стоки, за што ќе придонесат објективните тенденции во економиите на развиените земји - намалување на нејзиниот енергетски и материјален капацитет, диверзификација на изворите на енергија. ЕУ ќе се обиде да ги забрза веќе преземените мерки за барање на алтернативни доставувачи на јаглеводороди, изградба на терминали за прием на танкери со компресиран гас од САД, Северна Африка и од други региони.
Мошне чувствителни на политичките фактори се сферите на надворешноекономските врски кои се мошне важни за Русија и од политичка, и од економска гледна точка, како што е извозот на оружје и научно-техничката соработка (на пример, изградба на нуклеарни централи во странство). Може да се очекува дека владите на западните држави нагло ќе го зголемат притисокот врз постоечките и врз потенцијалните руски партнери. Истото се однесува и на крупните инвестициски проекти на водечките западни компании: не е исклучена можноста дека на нив ќе треба да се заборави на подолг рок.
Измените во визната политика – „официјални“ и негласни, на пример, по пат на нагло усложнување на процедурите – можат да влијаат не само врз чиновниците, туку и на обичните руски државјани.
На крајот, преориентацијата на самата Русија „кон Исток“ исто така не е едноставна и не е евтина работа: за значително зголемување на извозот на енергенси во Кина и во другите земји на Азиатско-Тихоокеанскиот регион не постои потребната инфраструктура, а нејзиното создавање ќе изискува огромни инвестиции. Треба да сме подготвени за сите тие последици.
Владимир Колосов е професор, доктор на географски науки, раководител на Центарот за геополитички истражувања при Институтот за географија на РАН. Тој е почесен доктор на универзитетот Гавра (Франција). Претседател е на Меѓународниот географски сојуз.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче