Не постои сомнеж дека поголемиот број луѓе што за првпат ја посетуваат Москва најпрво доаѓаат токму на ова место, на најпознатиот плоштад во Русија.
Растојанието од влезот на Црвениот плоштад од насока на Историскиот музеј па до Кремљскиот кеј е нешто поголемо од 700 метри. Една обична прошетка по него трае во просек 15-20 минути. Но, на овој мал простор се сместени голем број знаменити зданија што ги знае целиот свет.
Една од нив е разнобојната црква Василиј Блажени со повеќе куполи, која е подигната во периодот од 1555 до 1561 година во чест на победата на Москва над Казањскиот канат. Црквата е обвиена со вел од тајни и легенди од кои поголемиот дел од нив се поврзани со нејзиниот ктитор Иван Грозни.
Мавзолејот на Ленин се појавил на плоштадот (иако најпрво во поинаков облик) во 1924 година. На неговото место претходно се наоѓал Алевизовиот ров во кој во времето на Иван Грозни се чувале лавови. Откако советскиот водач почива на главниот плоштад, мавзолејот е непрекинато тема на жестоки дискусии. Но, сѐ дури се наоѓа на ова место, може да го посети секој што сака.
Веднаш зад мавзолејот се возвишуваат ѕидините на Кремљ од црвена тула и неговиот најпрепознатлив симбол – Спаската кула. Од најрана возраст секој жител на Русија знае за часовникот на Спаската кула, зашто токму тој ги одбројува последните секунди на пречекот на Новата година. Но, Спаската кула не е само симбол на празникот. Во текот на своето постоење таа имала различни намени, била минитврдина, света порта, па дури и затвор.
Покрај другата кула, Никољската, и наспроти црквата на Василиј Блажени се наоѓа импозантно здание од темноцрвена тула кое изгледа исто толку старо како Кремљ. Меѓутоа, неговиот надворешен изглед лаже: всушност е подигнато дури кон крајот на 19 век и е проектирано во неоруски стил со цел да се вклопи во амбиентот. Денес тука се наоѓа Историскиот музеј и можеме да ви наведеме барем 5 причини поради кои треба да го посетите.
На крајот, од четвртата страна на Црвениот плоштад, правејќи од него правилен четириаголник, се наоѓа ГУМ – главниот трговски центар на Русија со раскошни бутици и со богата исѕорија.
Плоштадот постои најмалку од 1434 година (историчарите не можат да се сложат дали бил „направен“ или настанал спонтано, како место за пазар и за собирање). Претходно на неговото место се наоѓала ливада покрај московската тврдина.
„Црвениот плоштад во времето на Иван Грозни“, дело на Аполинариј Васнецов
Како што тврдината и градот се ширеле, покрај ѕидините се појавила населба. А, на неа ѝ бил потребен пазар. Што се случувало понатаму прочитајте во нашата статија „Како во Москва се појавил Црвениот плоштад“.
Најочигледно би било да се претпостави дека плоштадот така се нарекува зашто се наоѓа покрај црвените ѕидини на Кремљ. Но, не е така (освен тоа, Кремљ не бил отсекогаш од црвена тула). Дури ниту теоријата за тоа дека плоштадот е „красен“ во смисла на убав (според староруското значење на придавката „красный“) не е точна.
А, еве од каде потекнал називот. Црвената боја била традиционална боја на власта и со неа се боеле скалилата кои воделе во Грановитата палата – главната сала за приеми и банкети на московските цареви. Царот така за време на важните настани излегувал на црвениот трем за да му се обрати на народот. Затоа плоштадот на кој се наоѓал овој трем се нарекува црвен.
Доколку сте слушнале дека во самото срце на Москва, на Црвениот плоштад, се наоѓаат гробишта, тоа не е далеку од вистината. Од 1920 до 1985 година тука се погребуваа најважните комунисти, истакнатите револуционери и воопшто луѓето што беа значајни во СССР. Меѓу нив се и Јосиф Сталин, маршалот Георгиј Жуков, писателот Максим Горки, космонаутот Јуриј Гагарин и таткото на советската космонаутика Сергеј Корољов. Тука се наоѓа и заедничката гробница со останките на војниците кои загинале за Револуцијата.
Вкупно покрај ѕидините на Кремљ од страната на плоштадот се погребани околу 200 луѓе, меѓу кои има и западни политичари.
Дефинитивно не. Местото на кое се создавала историјата во текот на многу векови никако не можело да остане неизменето. Во 19 век по него се одвивал сообраќај и била воспоставена трамвајска линија! А, најголемата промена Црвениот плоштад ја има доживеано во времето на Сталин, во триесеттите години од минатиот век, за време на реконструкцијата на цела Москва. Зачувани се голем број фотографии кои покажуваат како изгледала Москва во различни години.
Црвениот плоштад 1893-1896
Russia in photoНо, уште повеќе изненадува како можел да изгледа плоштадот доколку некои советски планови биле реализирани! Како ви се чини идејата да се урне сѐ на површина од 500.000 квадратни метри (што е поголема површина од онаа на Ватикан), со цел да се подигне џиновска некропола на местото на она што го имаме денес? За среќа, некој оценил дека тоа не е најдобро решение.
Уште од Средниот век ова бил центар на културниот и на политичкиот живот, како и арена на непријатни настани. Во времето на царот Алексеј Михајлович Црвениот плоштад било место за „семејни судења“ (доколку некој го прекршил законот, најпрво се обидувале да го вразумат во кругот на семејството, а ако тоа не помагало, го носеле на плоштадот кадешто повторно се обидувале да го направат тоа пред народот).
Во 1914 година на Црвениот плоштад се одржале масовни богослужби пред заминувањето на војниците на фронтот на Првата светска војна.
За време на болшевичката власт ова било главното место за политички собири. Тука од дрвената трибина на народот му се обраќал Владимир Ленин. Во 1945 година на плоштадот е одржана првата Парада на победата, кога на земја беа фрлени фашистичките знамиња. А, тука минала и Сталиновата погребна поворка (во која загинале десетици советски граѓани), кога неговото тело било положено во мавзолејот заедно со Ленин.
Во доцните години на Советскиот Сојуз и за време на поновата руска историја Црвениот плоштад беше место на значајни изјави, иако таквите пригоди беа многу поретки. Веќе пишувавме за тоа какви запрепастувачки настани се имаат одиграно на ова место (од перформансот на заковување тестиси на калдрмата до слетувањето на германскиот авион).
Денес на Црвениот плоштад се одржуваат фестивали на книгата, саеми, годишната воена парада на 9 мај на Денот на победата, концерти; назима плоштадот станува божиќна сказна: има лизгалиште, а наоколу има богато празнично осветлување. Исто така, од Црвениот плоштад можете да излезете на Никољската улица, една од најубаво накитените и осветлени пешачки улици во Москва.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче