Русизмите во македонскиот јазик: Зборови од советската епоха во македонското секојдневие

depositphotos.com
На телевизиите, на радијата, по весниците и на Интернет-порталите, во публицистиката и во литературата може да се слушнат и да се прочитаат многу зборови од странско потекло. Russia Beyond-Македонија започнува нова рубрика во која ги запознава своите читатели за русизмите во македонскиот јазик. Решивме оваа рубрика да ја поделиме на неколку сегменти, а во вториот ќе зборуваме за русизмите од советско време кои ги употребуваме секојдневно.

Во секојдневниот јазик говорителите на македонскиот јазик употребуваат многу зборови од странско потекло, меѓу кои и од советската епоха. За овие зборови не можеме да кажеме дека се чисти советизми, зашто не се поврзани со општествено-социјалната сфера, иако некои лингвисти сметаат дека и овие зборови влегуваат во оваа група со оглед на фактот што тие се навлезени во јазикот во времето на Советскиот Сојуз. Сепак, ние ќе ги разгледуваме како русизми со временска рамка од советската епоха. 

Здание 

Според Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома именката здание означува „голема масивна зграда“. И навистина, во македонскиот јазик кога сакаме да означиме некоја величествена зграда со големи димензии ја употребуваме оваа именка. Во рускиот јазик, пак, со оваа именка се означува каква било „архитектурна градба, градба, зграда“[Толковый словарь русского языка с включением сведений о происхождении слов, под редакции Н. Ю. Шведовой, Москва, 2007]. Етимологијата на овој збор за македонскиот говорител е многу јасен: во рускиот јазик порано постоел глаголот зьдати кој означувал гради, односно споредено со македонскиот глагол ѕида. Овој збор е влезен во македонскиот јазик во текот на педесеттите/шеесеттите години од минатиот век [Н. Чундева, Русизмите во македонскиот литературен јазик, Скопје, 2017]. Најверојатно ознаката е за голема и масивна зграда доаѓа поради големината на зградите што во тој период се граделе во Советскиот Сојуз. 

Мечта 

Именката мечта и изведените од неа (мечтае, мечтаење, мечтател, мечтателен, мечтателност) е исто така влезена во македонскиот јазик од рускиот и тоа повторно во периодот на педесеттите и шеесеттите години од минатиот век. Во Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома се вели дека именката мечта (а, понатаму и сите изведени лексеми од неа со идентично толкување) означува „тоа што е плод на вообразувањето, што е претставено во мислите; вообразба“. Денес во македонскиот јазик како синоним за овој збор многу често може да се слушне и зборот фантазија. Во рускиот јазик, пак, кон значењето кое постои во македонскиот јазик постојат уште две – „предмет на желба, стремеж“ и „нешто многу добро“ [Толковый словарь русского языка с включением сведений о происхождении слов, под редакции Н. Ю. Шведовой, Москва, 2007]. Етимологијата на овој збор нè води до старословенскиот јазик кај лексемата мьчьта – трепка, светка, а во старорускиот јазик со неа се означувало призрак, сениште. Денес оваа именка е толку навлезена во македонскиот јазик што не се ни восприема како заемка од некој друг јазик.

Остроумие 

Уште еден многу убав збор кој најчесто се користи во литературата. Од оваа именка, како и во рускиот јазик, се изведени и зборовите остроумен, остроумно, остроумност итн. Овој збор со две значења ќе го најдеме во Речникот на македонскиот јазик на Зозе Мурговски. Во него се вели дека остроумие (остроумност) е „1. интелигентност; брзо сфаќање. 2. брзо, необично, досетливо, и духовито комбинирање или спротивставување на идеи“[Мурговски З. Речник на македонскиот јазик, Скопје, 2005]. Со истото значење овој збор, кој во македонскиот јазик влегол во средината на минатиот век, функционира и во рускиот јазик. Етимологијата е мошне јасна и доаѓа од „остар ум“, односно ум кој може да пресече, да донесе брз заклучок.

Порок

Според Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома именката порок означува „слабост, лоша склоност во карактерот што заслужува осуда“. Во рускиот јазик, пак, овој збор има три значења: 1. тежок недостаток кој е за осуда, срамно својство 2. развратно однесување 3. аномалија, отклонување од нормалниот изглед, својство [Толковый словарь русского языка с включением сведений о происхождении слов, под редакции Н. Ю. Шведовой, Москва, 2007]. Со овој збор во рускиот јазик не се означува само зависност, неморалност, ами и каква било друга слабост, односно мана (на пример срцева мана – порок сердца /порок на срцето/). Коренот на овој збор е во старословенскиот порокъ, односно префиксот по (по нешто, нешто што е надвор од) и рок (време).

Присуство – отсуство 

На многумина дури и би им било чудно што токму овие два збора, кои се антоними, се всушност русизми и се влезени во македонкиот јазик во педесеттите години од минатиот век. Но, проучувањата на професорката Нина Чундева [Н. Чундева, Русизмите во македонскиот литературен јазик, Скопје, 2017] покажуваат дека е токму така. Во македонските текстови таа овој збор за првпат го среќава токму во овој период, па затоа во својата монографија и го поместува во овој дел. И во рускиот и во македонскиот јазик оваа именка (и изведените од неа) имаат исто значење. Етимологијата повторно не води до старословенскиот јазик кај именката сѫщїи односно оној што постои, што го има.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња