Русизмите во македонскиот јазик: Зборови од советската епоха во современите македонски медиуми

Наталија Михајленко
На телевизиите, на радијата, по весниците и на Интернет-порталите, во публицистиката и во литературата може да се слушнат и да се прочитаат многу зборови од странско потекло. Russia Beyond-Македонија започнува нова рубрика во која ги запознава своите читатели за русизмите во македонскиот јазик. Решивме оваа рубрика да ја поделиме на неколку сегменти, а во првиот ќе зборуваме за советизмите кои денес се популарни во македонските медиуми.

За советизмите постојат различни толкувања. Најширокото сфаќање е дека тоа се зборови од рускиот јазик кој во времето на Советскиот Сојуз влегле во некој друг јазик, во нашиот случај во македонскиот. Но, тоа и не е сосема соодветна дефиниција, со оглед на фактот дека во тој период влегле и многу други зборови кои се појавиле претходно во рускиот јазик, а кои од некакви други причини (поголема комуникација, средства за масовни информирања, идеолошка подлога, масовно преведување класици) токму во тој период влегле во другиот јазик. Ние ќе се ограничиме на тоа дека советизмите претставуваат зборови кои влегле во македонскиот јазик во кои се рефлектира советското устројство и секојдневие.

Врхушка

Во последно време во македонските медиуми често може да се слушнат или да се прочитаат изрази како што се „политичка врхушка“, „владејачка врхушка“, „актуелна врхушка“ итн. Овој збор не е опишан во Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома, но затоа тој постои во Речникот на македонскиот јазик на Зозе Мурговски. Во него се вели дека овој збор е пејоративен и има значење „група луѓе во чии раце е власта (на држава, организација, партија, итн.)“ [Мурговски З. Речник на македонскиот јазик, Скопје, 2005]. Во руските речници вакво слично значење постои како второ и се толкува како „привилегиран дел од некоја социјална група, класа, организација“[Толковый словарь русского языка с включением сведений о происхождении слов, под редакции Н. Ю. Шведовой, Москва, 2007], при што се забележува дека станува збор за преносно значење и дека овој збор е од разговорниот стил. Овој збор во советско време влегол во македонскиот јазик и се користел во педесеттите години од минатиот век. Со текот на времето неговата употреба се намалува, но поради својата експресивност денес тој повторно е „во мода“. 

Началство 

И овој збор многу често се среќава во современата македонска публицистика и во колумни. Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, на кој мошне често се повикуваат многумина, со оваа лексема се означува „установа, седиште на некоја власт“. Според нашите анализи во современиот македонски јазик оваа именка се употребува за означување на луѓето кои се наоѓаат на власт, кои управуваат со некоја организација, установа, партија, група итн. Многумина сметаат дека оваа лексема доаѓа од бугарскиот јазик, но всушност таа е влезена во македонскиот од рускиот во периодот на педесеттите и шеесеттите години од минатиот век [Н. Чундева, Русизмите во македонскиот литературен јазик, Скопје, 2017]. Анализата што ја спроведовме на македонските текстови покажа соодветство со толкувањата во руските толковни речници. 

Отчет 

Во последниов период оваа именка ја слушаме секојдневно. „Да се даде отчет за сработеното“, „објавува отчет“, „бара отчет“ итн. се фрази кои се слушаат најчесто во однос на политиката, политичките партии и организации. Оваа именка во македонскиот јазик влегува во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век [Н. Чундева, Русизмите во македонскиот литературен јазик, Скопје, 2017] и со неа се означува „извештај за нешто што е сработено“. Со оглед на фактот дека станува збор за чист советизам, на македонските говорители овој збор во голема мера им ја олеснува комуникацијата со тоа што во еден збор се сублимира цела синтагма „извештај за нешто кое е сработено за определен временски период“. Од него во македонскиот јазик се произлезени и зборови отчетен, отчетност и др.

Устројство

И овој русизам влегува во македонскиот јазик во времето на Советскиот Сојуз. Според Толковниот речник на македонскиот јазик именката устројство има две значења: 1. распоред, сооднос на деловите на една целина, конструкција, механизам. 2. организација, уредување на нешто. Во последно време во современиот македонски јазик овој збор често го среќаваме во неговото второ значење. Особено ова се однесува на организации, општества, држави итн. Во рускиот јазик оваа лексема со себе носи многу повеќе значења, но, како што може да се забележи, во македонскиот влегол само со наведените две.

Целесообразност 

Мошне интересен збор кој се користи во македонскиот јазик континуирано уште од почетокот на педесеттите години од минатиот век. Со овој збор се означува нешто што одговара на поставената цел, што е соодветно, што е правилно, нешто кое е разумно да се користи за да се постигне определена цел. Оваа именка е влезена во македонскиот јазик со истото значење што го има во рускиот, со таа разлика што во рускиот овој збор е неутрален и се користи често, дури и во текстови за деца, додека во македонскиот јазик неговата употреба е потесна, а тоа се должи на фактот дека неговото зборообразување е тешко приемливо за македонскиот говорител.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња