Од 2017 година во Русија може да проработи системот за ослободување од данок, според кој странските граѓани ќе можат да добијат поврат на данокот на додадена вредност (18%) на определени купени производи. Со ваков предлог истапи Министерството за индустрија и трговија на РФ, соопштува деловниот весник „Комерсант“.
Министерството предлага да бидат вклучени на листата прехранбените производи, меѓутоа против ваквиот предлог е Министерството за финансии, загрижено за полнењето на државниот буџет.
Суштината на предлогот
Согласно предлогот на Министерството за индустрија и трговија на РФ, од 1 јануари 2017 година ќе може да се добие документ за понатамошен поврат на данок при излез од земјата единствено во продавници во Москва, Санкт Петербург и Сочи. На листата со такви места се најдоа и трговските центри „ГУМ“ и „ЦУМ“, кои се наоѓаат во центарот на рускиот главен град.
Од 2018 година системот треба да почне да функционира ширум земјата. Минималниот износ за купување според кој странските граѓани ќе можат да добијат повратна ДДВ ќе изнесува 10 илјади рубли (160 американски долари).
Во системот за ослободување од данок можат да се приклучат продавници и трговски мрежи со обрт не помал од 100 милиони рубли (1,6 милиони долари), кои немаат неплатен данок. Според податоците на прес-службата на „ГУМ“, од сувенирите што се најпопуларни кај туристите се црниот и црвениот кавијар, раковите, руската вотка, чоколадата „Аљонка“, медот, овошните манчмалоу и обичното манчмалоу – за сите овие продукти ќе важи системот tax free.
Според податоците на Министерството за индустрија и трговија на РФ, проширениот термин tax free ќе му даде елан на развојот на малопродажната трговија во земјата. По воведувањето на ваков систем во Франција, продажбата порасна за 6%, а во Латвија – за 95%. Притоа во некои земји, на пример, на Кипар и во Велика Британија, прехранбените производи не се дел од системот за ослободување од данок.
Заинтересирани земји
„Иницијативата на министерството е повеќе маркетиншки потег за подобрување на имиџот. Претходно имаше исти предлози, но тие беа одбиени“, вели Георгиј Вашченко, началник на управата за операции на рускиот пазар на хартии од вредност ИК „Фридом Финанс“. Според него, во САД и некои земји-членки на ЕУ увозот на прехранбени производи е забранет за приватни лица, затоа во tax free продавниците таквите производи практично и да ги нема.
Впрочем, тоа може да ја стимулира трговијата во пограничните западни делови на земјата, смета заменик-генералниот директор на ИК „Финам“ Јарослав Кабаков. Според него, за жителите на Европската унија може да биде интересен увозот на алкохол: поради падот на курсот на рубљата цената на алкохолот во Русија е многу привлечна за нив: повратот на данок само ќе ја засили оваа тенденција.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче