Кончаловски доби „Сребрен лав“ на фестивалот во Венеција

Рускиот режисер Андреј Кончаловски прогласен за најдобар режисер на меѓународниот филмски фестивал во Венеција.

Рускиот режисер Андреј Кончаловски доби „Сребрен лав“ како најдобар режисер на 73 меѓународен Венецијански фестивал за неговиот филм „Рај“, пренесува италијанската телевизија „РАИ“.

Историската драма е во заедничка продукција на Русија и Германија, чие дејствие се одвива првенствено во германски концентрационен логор. Во основата на сижето се приказните на тројца луѓе чии судбини се вкрстиле во текот на Втората светска војна. Тоа се Олга, француска емигрантка и припадник на францускиот Отпор, Французинот-колаборационист Жил и Хелмут, офицер со висок чин во германскиот Ес-Ес. Главните улоги ги играа Јулија Висоцкаја, германскиот актер Кристијан Клаус и францускиот Филип Дикен.

Главната премија на филмскиот фестивал е „Златен лав“. Наградата „Сребрен лав“ се доделува на најдобриот режисер. Андреј Кончаловски веќе беше во Венеција: режисерот учествуваше четирипати на филмскиот фестивал, а двапати се враќаше со награди – во 2002 година неговиот филм „Дом на будали“ го освои Гран-прито, а во 2014 година доби „Сребрен лав“ за филмот „Белите ноќи на поштарот Алексеј Трјапицин“.

„Би сакал да му се заблагодарам на жирито, моите пријатели и, се разбира, на мојата сопруга, актерката Јулија Висоцкаја, без која ќе беше невозможно да го направам овој филм“, изјави Кончаловски на италијански јазик кога ја примаше наградата.

Оваа година жирито со кое претседаваше англискиот режисер Сем Мендес донесе одлука да додели две награди „Сребрен лав“ за најдобра режисерска работа. Втората награда му беше доделена на мексиканскиот режисер Амат Ескаланте за филмот „Див регион“ (La Region Salvaje), пренесува РИА „Новости“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.