Лавров сериозно загрижен поради последните настани во Донбас

Москва е сериозно загрижена поради она што се случува во Донбас, вклучувајќи ги гранатирањата, атентатот врз лидерот на Луганската народна република Игор Плотницки и засилувањето на украинската војска на линијата на разграничување, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

„Нас, несомнено, сериозно нѐ загрижува она што се случува во Донбас: зачестија гранатирањата, пред сѐ врз цивилниот сектор, се рушат болници, училишта, детски градинки, набљудувачите на ОБСЕ го регистрираат тоа. Да не зборувам пак за атентатот врз раководителот на самопрогласената Луганска народна република господинот Плотницки“, ги пренесува зборовите на Лавров „Взгљад“.

„Нѐ вознемирува зголемувањето на единиците на вооружените сили на Украина на линијата на разграничување, нѐ вознемирува тешкото вооружување кое постојано исчезнува од магацините во кои треба да биде сместено. И тоа го регистрираат набљудувачите на ОБСЕ, и сето тоа се случува по изјавите од Киев, вклучително и од некои официјални лица, сѐ до заканите за примена на сите мерки за решавање на проблемите кои постојат во Донбас“, истакна Лавров.

Тој потенцираше дека сето тоа ѝ противречи на „Минската спогодба“, како и на договорот од Париз од 2 октомври 2015 година.

Според Лавров, Киев предложил да се одржи во Кина на маргините на состанокот на Г-20 средба на „Нормандиската четворка“.

„Во последно време украинските партнери предложија „на маргините“ на самитот на Г-20 во кинески Гуангжу да се одржи средба на „Нормандиската четворка“. Ние сметаме дека „четворката“, формирана во Нормандија, треба да сноси одговорност за реализација на решенијата кои се договараат во тие рамки, и ако нашите германски, француски партнери се согласни со тоа, се разбира, и кинеските домаќини на средбата на Г-20 да организираат на маргините на самитот средба во нормандиски формат, тогаш ние ќе бидеме подготвени за тоа“, изјави Лавров.  

„Сметаме дека тоа би било сосема навремено имајќи го предвид она што претходно го реков“, изјави Лавров.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња