Руска мобилна апликација „растура“ во десетина земји

Со помош на апликацијата „Призма“ (Prisma), корисниците на мобилни уреди можат да претворат фотографии во ремек-дела на уметноста.

Апликацијата за мобилни телефони „Призма“ (Prisma), создадена од рускиот дизајнер Алексеј Моисенков, стана лидер по бројот на симнувања во App Store во десетина земји – Русија, Белорусија, Молдавија, Ерменија, Латвија, Естонија, Узбекистан, Киргизија, Казахстан и Украина. За ова сведочат податоците на компанијата „Ап Ани“ (App Annie), соопштува нашето матично издание „Росијскаја газета“.

Според зборовите на Моисенков, неговата апликација „растура“ во рускиот App Store. До 17 јуни апликацијата била симната од 30 илјади луѓе, напиша креаторот на „Призма“ на својата страница на „Фејсбук“.

Со помош на „Призма“ корисниците на мобилни уреди можат да претворат фотографии во ремек-дела на уметноста, правејќи ги да наликуваат на платната на познатите уметници. Програмата може да ја стилизира снимката како слика на Едвард Мунк, Марк Шагал или Пабло Пикасо, или да ја прецрта во уметнички стил. Како резултат се добива дело во стилот „графити“, „мозаичен витраж“ или „скица со молив“.

Основата на програмата ја прави спој од невромрежа и вештачка интелигенција кој ја анализира фотографијата, ги проучува нејзините контури и ја репродуцира сликата повторно во еден од сликарските стилови.

Во моментов е достапна само верзијата „Призма“ за iOS.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња