На 18 октомври дописникот на „Форбс“ од Вилнус соопшти дека литванските власти имаат намера да ги истераат од земјата руските нафтени компании. По два месеца, една од нив почна да си ги пакува куферите, само по сопствена волја, пишува во статија за „Форбс“ колумнистот Кенет Рапоза.
Во интервју за телевизијата „Русија 24“ претседателот на „Лукоил“ Вагит Алекперов изјави дека се ставени „на продажба нашите активи во Литванија и Латвија, таму, каде што има мошне сериозно антируско расположение, затоа бордот на директори донесе одлука да се излезе од тие земји“. Покрај тоа, „Лукоил ги запре плановите за проширување на својата мрежа бензински станици во Прибалтикот и други земји во Европа. Така, уште во јуни втората по големина нафтена компанија на Русија ја продаде својата естонска „ќерка“ Аква Марина (Aqua Marina).
Според податоците на Министерството за енергетика на Русија, Москва испорачува околу 90% од севкупната нафта во Литванија. Во текот на минатата година Литванија агресивно се обидуваше да се ослободи од зависноста од рускиот гас, во што ѝ помогна и новиот пловен терминал за течен природен гас. Сега, тврди Рапоза, Русија ќе мора директно да му конкурира на „Статоил“ (Statoil) во Норвешка, а во иднина – на САД, кои планираат извоз на нафтени деривати, вклучително и ТПГ.
Амбасадорот на САД во Литванија Дебора А. МекКарти изјави за „Форбс“ дека последниве две и пол години односите на Вашингтон и Вилнус се зацврстуваат поради проблемот со Русија. САД ја поддржуваат намерата на Литванија за диверзификација на енергетските извори. Освен тоа, дипломатот уверува дека штом Литванија ги отвори своите врати, американските компании ќе почнат да извезуваат гас во таа земја.
Тие врати, несомнено, ќе се отворат, смета „Форбс“. Претседателот на САД го потпиша буџетот за следната година со кој им се дозволува на нафтените компании да го извезуваат вишокот нафта. Но „Лукоил“ не сака да игра никаква улога во драмата што доаѓа. Литванија нема да тагува по него, дури и ако нафтата која ќе ја преработува во гориво сѐ уште пристигнува во земјата од руските капацитети во соседството, заклучува Рапоза, а пренесува „ИноТВ“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче