Кери ги нарече Русите „важна нација”

На светот му се потребни две важни нации, две светски сили да пронајдат заеднички јазик и да се договорат за прашањата за борба против тероризмот, изјави американскиот државен секретар пред состанокот со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Москва.

Решавањето на кризата во Сирија бара постојано внимание на Русија и САД, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, отворајќи го состанокот со државниот секретар на САД Џон Кери во Москва.

„Нашите претседатели во текот на последниве месеци неколкупати ги разгледуваа проблемите поврзани со потребата од поефикасна борба против тероризмот. На овој пат остануваат прашањата кои денес мораме да ги решаваме во контекст на понатамошните активности на Меѓународната група за поддршка на Сирија“, изјави Лавров пред состанокот. „Решавањето на ситуацијата во Сирија бара наше постојано внимание, во контекст на оние задачи и оние договори кои се постигнати во Виена во текот на двата состаноци на оваа група“, додаде Лавров, а пренесува нашето матично издание „Росијскаја газета”.

Од друга страна, Џон Кери истакна дека Русија и САД се согласуваат во тоа дека терористичката организација ИД претставува закана за сите земји. „Се разбира, Русија и САД се согласуваат дека ИД за нас претставува заедничка закана, закана за нашите земји и нации, дека со нив не може да се преговара, затоа што станува збор за терористи кои ја напаѓаат нашата култура, нашето достоинство. Тие не ни оставаат друг избор освен да се бориме“, изјави Кери. Покрај тоа, американскиот државен секретар пред состанокот изрази надеж дека на преговорите ќе биде постигнат напредок. „Се надевам дека ќе постигнеме напредок во текот на овој состанок, затоа што на светот му е потребни две важни нации, две светски сили да пронајдат заеднички јазик и да се договорат за овие прашања“, додаде американскиот дипломат.  

Тема на преговорите во Москва ќе биде ситуацијата во Сирија и борбата против меѓународниот тероризам. Се очекува по преговорите шефовите на дипломатиите на двете земји да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња