Шефот на МНР Холандија: Русија создава конфузија околу извештајот за „Боингот“

Според мислењето на министерот за надворешни работи на Холандија Берт Кундерс, Москва треба да престане да го критикува извештајот „кој во целиот свет е признат за компетентен“.

Русија создава конфузија околу извештајот за „Боингот“, изјави во петокот шефот на МНР Холандија Берт Кундерс.

„Русија намерно се обидува да ја намали улогата на извештајот“, рече министерот, пренесува ТАСС.

Кундерс тврди дека се обидел да стапи во контакт со неговиот руски колега Сергеј Лавров, меѓутоа не успеал. „Се создава впечаток дека руската страна не е заинтересирана за тоа, и дека тие повеќе се заинтересирани да излезат од маглата“, изјави тој.

Шефот на холандската дипломатија исто така смета дека Русија треба да престане да го критикува извештајот „кој во целиот свет е признат за компетентен“.

На изјавата на Кундерс реагираше портпаролот на МНР РФ Марија Захарова.

„Холандската страна бараше во ултимативна форма телефонски разговор со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на денот на објавувањето на извештајот 15 минути пред самото објавување. Во тоа време во распоредот на министерот имаше претходно планирани обврски. Повеќе немаше обиди за разговор“, изјави Захарова.

„Истовремено ние многупати во текот на годината упатувавме до холандските експерти покана да дојдат во Москва. Амстердам одговори негативно. Сега тие се обидуваат да направат скандал напразно. Ништо нема да излезе од тоа. Секој обид за дезинформација ние ќе го спречиме“, додаде таа, а пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.