Русија и Холандија со слични извештаи за Боингот

AP
На 13 октомври беа претставени два извештаи за уривањето на авионот на Malaysia Airlines MH17 во јули минатата година. Еден е оној што се очекуваше одамна, а чија истрага ја водеа авијатичките власти на Холандија, додека вториот е на рускиот концерн Алмаз-Антеј, производител на комплекси за ПВО. Експертите сметаат дека извештаите принципално не си противречат еден на друг. Во руското МНР резултатите на Холандија беа наречени пристрасни.

Советот за безбедност на Холандија по истрагата за причината и последиците од несреќата и паѓањето го претстави финалниот извештај за падот на авионот МН17, кој леташе од Амстердам за Куала Лумпур. Во извештајот кој беше објавен на 13 октомври не се објавува кој го урнал авионот, но се подвлекува дека тоа е направено со ракета која е лансирана од зенитно-ракетен комплекс Бук, чии модификации до денешен ден се произведуваат од страна на руските производители.

Во руското МНР сметаат дека извештајот е пристрасен. Според заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков, Холандија нема направено сестрана и непристрасна истрага за трагедијата, со која би се зеле предвид „информациите со кои располага Москва“.

Отворен воздушен простор

Германските експерти укажуваат на тоа дека авионот е урнат со ракета „земја-воздух“ од серијата 9М38, лансирана од ЗРК Бук. Ракетата експлодирала еден метар лево од кабината на пилотите. Делови од ракетата се најдени во телата на пилотите, соопшти за време на претставувањето на резултатите претседателот на истражниот совет Тибе Јаустра.

Во извештајот се вели дека воздушниот простор на истокот од Украина не бил затворен, без оглед на тоа што таму се воделе воени дејствија и што претходно таму биле соборени неколку воени авиони. „Украинските власти не повеле внимание за тоа дека цивилниот авион на висината на летот (cruising altitude) може да биде погоден“, велат авторите на извештајот.

Во извештајот не се кажува од каде била лансирана ракетата – дали од територијата контролирана од страна на украинската армија или од страна на приврзаниците на самопрогласените републики. Се вели дека ракетата е лансирана од територија чија големина изнесува од 20 до 63 квадратни километри. Според претседателот на советот, за да се утврди точното место на лансирање на ракетата, потребна е понатамошна истрага.

Во исто време во извештајот се вели дека пресметките за местото на лансирање кое го предаде концернот „Алмаз-Антеј“ приближно се совпаѓа со податоците на украинските и на холандските експерти. Судејќи според дадената карта, овој дел го вклучува и градот Снежное. Во моментот на паѓањето на Боингот ова населено место го контролираа приврзаниците на самопрогласените републики. Имено оттаму, како што тврдат украинските власти, била лансирана ракетата.

Експериментот на концернот „Алмаз-Антеј“

Од друга страна на презентацијата што беше одржана истиот ден, членот на раководството на концернот Алмаз-Антеј ги демантираше тврдењата за тоа дека лансирањето можело да биде извршено од делот на Снежни. По неколку експерименти, меѓу кои и експлозија на ракета од комплексот Бук покрај кабината на авионот, специјалистите на Алмаз-Антеј изјавија дека лансирањето било извршено од населеното место Зарошченское. Таму, според информациите на медиумите, во јули минатата година се наоѓала украинската војска.


Извор: АP

Како што изјави за „Руска реч на македонски“ главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски, местото на лансирање е еден од неколкуте детали според кои се разликуваат извештаите на руските и на холандските експерти, иако „во принцип (овие два документи – заб. ред.) не противречат еден на друг“. Според експертот, холандските специјалисти имаат поставено „мошне широко“ поле на лансирање, кое ги опфаќа двете „конкурентни места“.

Станува збор за БУК

 Заменик-директорот на Институтот за политичка и воена анализа Александар Храмчихин исто така смета дека во принципиелен однос двата извештаи се слични. Основната разлика е во тоа што во документот на руските специјалисти „се даваат конечни резултати за тоа кој е виновен, а кај Холанѓаните нема никакви резултати“. Притоа, според него, „сега ситуацијата е таква, што е невозможно да се определи вистинскиот виновник“, со оглед на тоа  што е „невозможно на крајот да се определи чиј уред стрелал на Боингот“.

Според воениот аналитичар Павел Фељгенгауер, и двата извештаи уште еднаш потврдуваат дека авионот е урнат со комплексот Бук. „веднаш беше јасно дека не станува збор за авион, туку за мошне тешка ракета од Бук со моќен боев дел. Откако ги имаме резултатите, разговорите за тоа дека е гаѓано со нешто друго, може засекогаш да запрат“, вели експертот за „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња