Како „ватник“ стана најпопуларната облека во СССР и зошто овој збор денес е погрден?

Russia Beyond (Photo: Legion Media)
Ви објаснуваме како обичната евтина јакна стана она што ги обединува и изедначува сите луѓе во СССР, а потоа овој назив доби погрдна конотација.

Беше топла, не пропушташе ветар и, што е најважно, беше евтина. Таков беше класичниот ватник, јакна наполнета со памучна вата и прошиена на повеќе места. Во советско време целата земја носеше ватник: војската, студентите, работниците, затворениците, градежните работници, возачите и други слоеви на населението.

По извесно време луѓето почнаа да го доживуваат ватникот како исконска руска облека, заедно со кокошникот или со сарафанот, додека во изминативе децении стана погрден збор. Во што се состои парадоксот на ватникот?

Од каде потекнува ватникот?

Веднаш да разјасниме: ватник не е исконска руска облека. Во Русија се има појавено дури кон крајот на 19 век и тоа благодарение на низа околности. Како прво, станува збор за германски изум, на таткото и синот Хартман, кои во 1870 година измислија метод на индустриско производство на вата. Оттогаш започна памучната револуција низ целиот свет: ватата од памучни влакна започна да ги потиснува останатите природни материјали за полнење, како што се коњското влакно, ленот, волната и слично.

Друга околност која придонела за појавата на ватникот е реформата на руската војска. Анализата од резултатите на руско-турската војна 1877-1878 покажа дека постојната униформа не е доволно практична и е неотпорна на студ. Илјадници војници мораа да се повлечат од бојот поради болести или откако настрадале од студенилото. Затоа во 1882 година царот Александар Трети прогласи реформа: потребно е да се поедностави, да се поевтини воената униформа и истовремено да се направи попрактична. Веднаш како можност беше препознаена ватата, и веќе во 1885 година топлиот мундир стана задолжителен дел од облеката на кавкаските козаци.

Исто така, ватникот најпрво ја освои царската војска. Додека во народот прошиената поставена облека беше популарна одамна и се нарекуваше „волан“. Ја носеа кочијашите и трговците. Кон крајот на 19 век воланот почна да се полни со вата, што го направи потопол и полесен. Сепак, тоа беше само прототип на ватникот. Толку гломазен воланот (тој беше долг до колена и сè уште беше тежок) не беше погоден за физичка работа, а практичноста при работа беше главната особина на ватникот. Советскиот период од историјата беше „златната доба“ на ватникот.

Народна јакна

Јакната наполнета со вата ги покажа своите квалитети во годините од Првата светска војна. За нејзино производство беа доволни обични машини за шиење, што ја олесни работата за време на општата мобилизација, а евтиниот материјал овозможи ватникот истовремено да го носат милиони луѓе.

Во триесеттите години од минатиот век, ватникот почна да се носи под шинелите, а по наредбата од 1942 година тој во целост го замени шинелот кај војниците и кај младите офицери во заднинските единици на Црвената армија.

Во втората светска војна оваа облека изби во прв план не само на фронтот, ами и надвор од него. Излезе дека тој е добар и за студените фабрички хали, за експедиции на оддалечени краишта, за советските логори, на полињата кадешто дува студен ветар и во походите. Ватникот го доживеа својот врв во воениот и во повоениот период со големите градежни проекти, со мобилизацијата, со индустријализацијата и со истовремениот дефицит од стока.

Тој дури и беше стандардизиран, па истите универзални ватници ги носеа и затворениците во советските логори, и возачите, и работниците и студентите кои заминуваа на работни акции во колхозите. Разликата беше само во бојата: војничките беа каки, додека цивилните беа сини, сиви, црни и кафеави. Затворениците носеа црни ватници.

Работниците во ватници го градеа космодромот Бајконур, Бајкалско-амурската магистрална пруга долга над 4.000 километри, на неа се развиваше домашното производство на автомобили и се подигаа главните инфраструктурни објекти. И покрај тоа што облеката првобитно беше создадена за максимално практични цели, а никој не размислуваше за естетиката, масовниот ватник набргу се обидоа да го модернизираат и да го направат елегантен: советските жени на него шиеја јаки, го стеснуваа на половината и го украсуваа со вез.

Кон крајот на 20 век најпопуларната јакна во Русија го привлече вниманието на Западот како егзотичен предмет од постосветскиот стил и некои модни куќи и европскиот масовен пазар го преосмислија и го редизајнираа.

Ватникот најдолго се користеше во војската, но денес практично е надвор од употреба. Го замени термо долната облека од различни материјали. Класичниот ватник денес тешко може да се сретне во воените единици.

Зошто овој збор во Русија доби погрдно значење?

По 2010 година зборот ватник на руските социјални мрежи се однесуваше на патриотски настроените Руси кои не ја познаваат својата историја, не умеат да ја анализираат ситуацијата и слепо веруваат во стереотипи и митови. Како што истакнува лингвистот Максим Кронгауз, овој збор има призвук на општествено раслојување, зашто ватниците не се облека за високите слоеви од населението, а називот ватник најчесто се однесува на необразовани луѓе и на манипулирани лица од народот.

Називот дури влезе и во судската практика. Во 2017 година еден жител на Саратов беше осуден на 160 часа општественокорисна работа поради повикот да се „организира холокауст на ватата“: Случајот е пресуден врз основа на членот 282 од Кривичниот закон „за навредување на човековото достоинство“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња