Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација Џани Инфантино оцени на форумот „Спортот и иднината“ во Москва дека актуелното Светско првенство во фудбал ја менува перцепцијата на Русија во светот, а особено на Запад.
„Светскиот шампионат засега се одвива феноменално. Турнирот покажа дека Русија е исклучително гостопримлива земја. Светското првенство ја менува перцепцијата за Русија во светот, особено на Западот. Секој кој сака може да дојде во Москва или некој друг град и да ужива во фудбалската атмосфера”, рече Инфантино. Тој додаде дека празникот на фудбалот во Русија станал празник на целиот свет.
Претседателот на ФИФА претходно изјави дека целиот свет ги следи натпреварите на Мундијалот во Русија и му се восхитува на величествениот празник на фудбалот.
Групната фаза на Светското првенство во фудбал 2018 заврши вчера, а по денешната пауза, утре продолжуваат натпреварите од осминафиналето. Руската репрезентација игра на 1 јули против сериозен ривал, селекцијата на Шпанија, на стадионот „Лужники“ во Москва.