Седум нешта на кои странците се чудат во руските станбени згради

Облакодери, метални врати, многу топли станови... Животот во руска станбена зграда за многумина странци може да биде вистински културен шок. Ова се нештата на кои мора да бидете подготвени.

1. Само станови

„Каде живеат луѓето“, се прашува еден просечен странец по 20 минути престој во Русија, пред да сфати дека огромните сиви бетонски блокови кои се гледаат насекаде се всушност станбени згради.

Руските предградија многу се разликуваат од западните. Создавајќи урбано општество, Советите за неколку децении ги преселија селаните во градовите. Затоа денес за градскиот жител поимот селска куќа е само неговата дача. Но, таму не се живее. Дачата служи за престој преку викенд и за празници. Најголемата мечта на градскиот жител е трособен стан во зграда, па макар и на крајот од градот.

2. Поголемиот дел од зградите се високи

Најниската станбена зграда во Русија има барем пет ката (прочуените петкатници на Хрушчов кои се нарекуваат „хрушчовки“ никнаа низ целата земја во текот на педесеттите и на шеесеттите години од минатиот век). Самиот поглед на дворот полн со стари петкатници може да изгледа премногу депресивно за поголемиот број Европејци, но вообичаени се и згради со по 20 ката.

„Просечната руска станбена зграда има повеќе катови од просечната зграда во Велика Британија или во Ирска, но таа зграда тука е само капка во морето“, вели за Russia Beyond-Македонија Ирецот Џек Дин.

3. Кај соседите постојано нешто се прави

Почесто е поевтино да се купи стан во стара зграда, а тоа значи дека треба да се отстранат трагите од луѓето кои во него живееле со децении пред вас. Ќе има што да правите и кога ќе купите нов стан. Во секој случај, резултатот е ист: шмирглање, тропање, дупчење.

„Морате да ги победите во нивната игра“, вели Американецот Ник. „Доколку дупчат рано наутро, јас пуштам хеви-метал до „даска“ и тие ја сфаќаат пораката“. Драстични мерки!

4. Во станот влегувате како во најчуван трезор

Тешките метални врати на прв поглед може да ве изненадат. „Кога допатував во Санкт Петербург и кога ја видов вратата од станот во кој ќе живеам, помислив дека ме довеле на сослушување“, вели учителот од Кореја Чинг Ву Парк. „Ја отворив и се изненадив кога зад неа најдов прилично комфорен стан. Какво олеснување!“

Металните врати секако имаат смисла во руските градови. Домаќините често со денови се отсутни зашто во земјата има многу државни празници, а тоа е вистинска можност за крадците. Освен тоа, многумина Русија чуваат голем дел од заштедата во станот. Металната врата можеби естетски не е привлечна, но може да ви ги зачува парите и нервите.

5. Не можете да влијаете на регулирањето на температурата во станот

Грејната сезона во Русија трае половина година и за тоа колку ќе биде топло во вашиот стан не зависи од вас. Затоа, во октомври, кога започнува грејната сезона, во станот може да биде многу ладно додека радијаторите не се загреат најдобро, и да биде премногу топло во мај кога надвор е плус дваесет степени Целзиусови, а радијаторите сè уште не се исклучени.

„Во Москва веќе беше пролет, а греењето не го беа исклучиле во нашиот стан, така што се чувствував како во сауна, неподносливо“, вели Англичанецот Џорџ Нелсон. „Зедов шрафцигер и ја затворив цевката од радијаторот во мојата спална соба. По извесно време почнаа да ми тропаат на врата. Излезе дека сум исклучил и неколку други радијатори во вертикалата. А, Русите сакаат да се препотуваат и во сауна, и на работа, и дома. Затоа морав повторно да го земам шрафцигерот“.

6. Домофон без име и презиме

Доколку сте тргнале на гости, прашајте во кој стан живее вашиот домаќин, предупредува Лучија Белинело од Италија. „Често ѕвонам на погрешни станови“, вели таа. „И се случува мошне долго да го барам станот кој ми е потребен.

Русите навистина немаат ниту навика, ниту желба да се потпишуваат на домофонот, па дури ни на вратата. Причина? Колку помалку лични информации, толку поголема приватност и сигурност.

7. Балконите не се никаков луксуз

Да кажеме дека имате трособен стан во кој живеат тројца и во кој не постои поимот шпајз. Каде ќе ги чувате работите што не ви се потребни, а за кои сепак немате срце да ги исфрлите? Решението е балконот! Балконот во руските станбени згради не се никаков луксуз, балкон ќе видите и онаму каде што ниту проектантот го нема замислено.

А, кога станува збор за тие балкони, се стекнува впечаток дека Русите се секогаш во очекување на Апокалипсата. Russia Beyond-Македонија ви нуди список на најчудни ствари што луѓето ги чуваат на балконите за „црни денови“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња