Зошто Русите аплаудираат во авионите?

Варвара Гранкова
Доколку сте летале во авион со руски патници веројатно сте виделе како тие аплаудираат штом авионот ќе слета. Во некои земји тоа е прилично чуден обичај и затоа ќе се обидеме да појасниме која е причината за тоа.

Русите имаат многу необични навики, една од нив е, да кажеме, да си честитаат еден на друг за туширање или за бањање во парна бања, да пушат по знакот на кој пишува „Забрането пушење“, или да јадат сладолед среде зима. Исто така голема е веројатноста дека Русите ќе го поздрават и слетувањето на авионот.

Секако, Русите не се единствените кои го прават тоа. Но, за разлика од просечните Европејци кои аплаудираат по тежок лет или по проблематично, но среќно слетување, просечниот Русин тоа го прави во секој случај. 

Овој обичај делува малку чудно, па дури и откачено. Некои луѓе се прашуваат: „Зошто го прават тоа? Никој не му аплаудира на возачот на автобус кога ќе стаса на своето одредиште. Во што е разликата?“

Прва претпоставка: Обичајот е преземен од Западот

Прво што ќе кажат пилотите на цивилните авиони е дека „Русите не го научиле целиот свет да аплаудира, ами дека Западот почнал прв тоа да го прави“. Русите масовно почнаа да одат во странство дури откако падна „железната завеса“, во текот на деведесеттите години од минатиот век. Тогаш тие ги видоа Европејците како со аплауз го поздравуваат слетувањето (Италијанците се првоосомничени) и веднаш почнаа да го прават истото. 

Многумина Европејци во меѓувреме во голема мера го отфрлија тој обичај и аплаудираат само кога авионот ќе слета во тешки услови. А, Русите и понатаму аплаудираат дури и по лесен лет. Тие тоа го прават исто како кога во ресторан ќе кажат „благодарам“. 

Притоа и не размислуваат дека пилотите не го слушаат аплаузот зашто блиндираната врата ги одвојува од патничкиот дел на авионот.

Втора претпоставка: Луѓето се под стрес 

Русите се малку склони кон страв од летање. Освен тоа, тие често се под стрес, така што аплаузот е начин да се ослободат од него, смета психологот Татјана Волкова – таа работи со луѓе кои имаат страв од летање. „Ова се потврдува со фактот дека најчесто аплаудираат оние што патуваат со чартер-летови. Овие летови најчесто ги користат луѓе кои заминуваат на одмор еднаш или двапати во годината, така што се под малку поголем стрес за време на летањето, зашто не се навикнати“, вели таа. 

Не треба дури ни да се споменува дека во речиси секој авион постои барем еден „навивач“ кој прв почнува да аплаудира. Можеби е само тој под стрес. 

Трета претпоставка: Достапност до информациите за авионски несреќи

Можеби чувствителните Руси тешко закрепнуваат од шокот кој го предизвикуваат авионските несреќи. До крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век информациите не беа толку достапни како денес. Се пренесуваа само преку телевизија или во весниците. За многу трагедии медиумите не соопштуваа. Слободата на говорот им ја покажа на Русите и темната страна на патувањето со авион, така што многумина по летот се радуваат што останале живи.

Според статистиката на сообраќајните незгоди, авионите се најбезбеден превоз, но мнозинството Руси и понатаму по можност избираат некој друг вид превоз. Околу 69% од жителите на Русија воопшто немаат патувано со авион во изминативе две-три години (податоците се од 2016 година).

Четврта претпоставка: Виновни се филмовите 

Советско-италијанскиот филм „Неверојатните доживувања на Италијанците во Русија“ е снимен во 1974 година и стана хит во СССР. Многумина гледачи ја имаат запаметено урнебесната сцена во која авионот се спушта на обичен пат, а прочуените зборови „Браво за рускиот пилот“, понекогаш патниците наглас ја изговараат кога ќе слета авионот. 

Петта претпоставка: За сè е виновен рускиот менталитет 

Рускиот менталитет може да биде причина. „Ние сакаме да ги одбележуваме дури и малите настани, додека Европејците ги доживуваат летовите како рутинска работа“, сметаат некои патници.

Типичен Русин смета дека е безбеден штом авионот ќе ја допре земјата, а не за време на летот, и веднаш станува да си го земе багажот и да се подготви за излегување, иако авионот сè уште не запрел. 

Овој текст е дел од серијата „Зошто Русија...“ во која Russia Beyond одговара на најпопуларните прашања поврзани со Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња