Во СССР жените имаа повеќе можности отколку, на пример, во Америка. Тие добија право на глас на избори во 1924 година, имаа право на работа и надница како и мажите, работеа како министри, директори на фабрики, академици, ректори на универзитети и партиски лидери, и имаа една заедничка обврска кон државата - да ѝ бидат од полза. Државата пропиша дека „нема машка и женска работа, сите мораат да работат“.
Мажи и жени – работници во фабриката за комбајни, Ростов на Дон, СССР, 1930–1940.
Universal History Archive/Getty ImagesНо, не е во прашање модерната рамноправност на „сите полови“.
Денес истражувачите констатираат дека советската власт ја користела темата слобода на половите за решавање на економските прашања.
„Болшевичката партија, како и секоја друга партија, со вклучување на жените во политиката и изградба на државата решаваше сосем конкретни практични задачи. Не е случајно што интензивната мобилизациска политика започна за време на граѓанската војна, кога советската власт висеше на конец и кога беше неопходно да се мобилизираат сите расположливи ресурси, вклучувајќи ги и вработените жени“, вели истражувачот Олга Шнирова.
Дури и кога во текот на 1930-тите советската власт повеќе или помалку застана цврсто на нозе, сè уште беше потребна моќна работна сила за масовна индустријализација и колективизација. На земјата ѝ беа неопходни вработени жени. Разговорите за улогата на жената во јавната и политичката сфера стивнаа, но пропагандата за женска работа беше во полн ек.
Советската пропаганда ги повикуваше жените да не бидат заложници на кујнското ропство, да ги даваат децата во градинка и да одат на работа.
Public domainПрвите години од своето постоење советската власт навистина се обидуваше да ја „истргне“ жената од семејството, за сите луѓе конечно да можат да се занимаваат само со револуцијата и градењето на комунизмот. Државата, најдобро што можеше, ја разви социјалната сфера и сферата на услуги во домаќинството: јасли, градинки, пионерски кампови, мензи итн. Идејата беше државните институции да се занимаваат со воспитувањето на децата и на тој начин да ги растоварат родителите.
Меѓутоа, болшевиците прилично брзо сфатија дека тоа е тешко да се спроведе во пракса, бидејќи општеството не беше подготвено за тоа. Затоа го сменија концептот според кој жената мораше да биде истовремено градителка на социјализмот и на семејниот комфор, сопруга и мајка, т.е. таа мораше да врши три улоги. А што со жените кои сакаа да бидат обични домаќинки?
Се менуваше и односот спрема домаќинките во СССР. Од 1920-тите до 1940-тите жените сами бараа да се вработат во фабриките, бидејќи идејата за рамноправност беше популарна меѓу работниците. Покрај тоа, за време и по војната, женската работа беше неопходна бидејќи загинаа многу мажи.
Во текот на сите тие години, заедно со фабричките работници и родилките, на советските екрани беа присутни и домаќинките во вообичаената патријархална улога на жена која се занимава со домашни работи и се грижи за децата додека нејзиниот сопруг работи во рудник или на некоја машина. Таква беше хероината од филмот „Се случи во Пењково“, која се омажи за прекрасен тракторист и сонуваше за среќен брак – за верен сопруг и деца.
Меѓутоа, во текот на 1960-тите домаќинката практично исчезнува од малите екрани, што донекаде ги одразува барањата на тоа време. Расте престижот на високото образование и кариерата, а статусот на обична домаќинка опаѓа.
Во седумдесетите години на минатиот век беше спроведена анкета меѓу жените и на прашањето: „Дали би дале отказ на работа доколку на вашиот сопруг платата се зголеми за исто толку?“, 70% одговорија одречно.
Државата исто така не ја поттикнуваше невработеноста. На пример, до 1980-тите висината на пензијата се пресметуваше според годините на работниот стаж, па граѓаните кои не биле вработени не добиваа ниту пензија. Меѓутоа, на жените официјално не им беше забрането да бидат само домаќинки, така што тие тоа го користеа.
„Мојата покојна баба престана да работи отприлика на почетокот на 1960-тите. Била домаќинка и гледала две деца. И немало никакви проблеми, иако кога навлезе во години не ги исполнуваше условите за старосна пензија затоа што немаше доволно работен стаж (ѝ недостигаа неколку години за да го оствари условот за минимална пензија)“, се сеќава Генадиј Абрамов. од Москва.
„Баба ми не беше вработена. А немаше ни време. Беше мајка на хероини (постоеше такво одликување), ја водеше куќата и гледаше еден куп деца...“, истакнува Андреј Раковски од Новосибирск.
Што се однесува до кривичната казна за оние кои не работат, кривичното дело „паразитизам“ не важеше за домаќинките. Тие беа изземени од тој закон како „лица кои се занимаваат со водење домаќинство“. И не мораа да се грижат за последиците.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче